Може ли Германија да ги интегрира бегалците од Украина?
4 април 2022Игор Бјелозоров сака да работи. Стоматологот од Украина војната во татковината го затекнала на одмор. За да не биде вечно гостин кај своите пријатели во близина на Оснабрик, сака брзо да стигне до сопствени приходи. Но, тоа не е ни малку лесно.
Во Германија од почетокот на војната се регистрирани околу 280.000 бегалци од Украина. Според правилата на ЕУ, бегалците можат веднаш да почнат да работат. Во меѓународна компарација, нивото на образование во Украина се смета за високо, што е добар знак.
Бавно признавање на квалификациите
Германската постапка за признавање на странски стручни квалификации на Игор Бјелозоров му го успорува пристапот кон германскиот пазар на труд. Познаниците му рекле дека ќе помине една до две години пред да може официјално да работи како стоматолог. Дотогаш мора да положи испит за германски јазик и стручен испит, иако во Украина две години работел како стоматолог.
„Процедурите за признавање се скапи, долготрајни и сложени“, вели за Дојче веле Мартина Милер-Вакер, експерт за интеграција на стручна работна сила. Мигрантите често не ни почнуваат процес на признавање квалификации и задржуваат пониско платени работи.
Според зборовите на Милер-Вакер, во Германија за признавање на професии се задолжени околу 1500 различни установи, сојузните и покраинските закони се разликуваат, а властите се преоптоварени. Постојат професии за кои се бара признавање квалификации и оние за кои не се бара официјална диплома.
Секој кој професијата ја стекнал во странство, мора да поднесе доста документи заради признавање на квалификации: дипломи, докази за студирање, потврда од стручњаци и слично.
Милер-Вакер затоа предлага на ниво на цела Германија да се одреди кои документи се потребни и ја повикува сојузната влада да понуди бесплатни процедури, како и со стипендии да ги финансира често потребните мерки од натамошно усовршување.
Министерот се ангажира
Сојузниот министер за труд Хубертус Хајл за признавањето на странски дипломи вели дека е „Херкуловска задача“. Тој разговарал со претставници на стопанството и синдикатите за тоа како бегалците од Украина можат да пронајдат пат до германскиот пазар на труд.
Поедноставувањето на пристапот кон пазарот на труд за странци е инаку предвидено со коалицискиот договор.
Во изминатите две години, националната програма „Интеграција низ квалификација“ извршила советување на речиси 5.000 Украинци за процедурите за признавање дипломи, најчесто за просветни работници. Но, за нив, пречките се посебно високи.
Баварија воопшто не дозволува работа на просветни работници од земји кои не се членки на ЕУ, а во најголем дел од сојузните покраини, учителите мораат да стажираат и често да студираат уште еден предмет – како што е вообичаено во Германија. Меѓутоа, Милер-Вакер наведува пример: „Во училиштата во Хамбург просветарите можат да предаваат и само еден предмет за кој се специјализирани“.
Право на школување?
Половина од бегалците од Украина се деца. „Речиси во сите покраини недостигаат наставници и училишни објекти“, вели Јулиане Каракајали од Евангелистичкиот универзитет во Берлин.
Таа е скептична во поглед на интеграцијата во училиштата, зашто школите и градинките се лошо подготвени.
На оваа професорка по социологија ѝ е важно децата бегалци да не учат одвоено. Така не можат добро да научат германски, па расте опасноста дека ќе им биде тешко на пазарот на труд.
Законското право за посетување училиште се разликува во покраините: децата во Берлин имаат право на училишно место од денот на доаѓање, во Северна Рајна Вестфалија и Баварија тоа зависи од статусот на престој и може да потрае до шест месеци. Решавачки за иднината на бегалците е каде точно ќе бидат во Германија.
Оди таму каде има работа
Игор Бјелозоров сака со девојката Оксана да се пресели таму каде полесно ќе најде работа. Меѓутоа, бегалците од Украина, кои немаат заштеди и контакти, не можат да го избираат местото на живеење. Бегалците во Германија се распоредуваат така што најбројните покраини според население, мораат да примат и најмногу луѓе.
А покраините обично интерно ги распоредуваат бегалците по општини кои имаат доволно сместувачки капацитети. Херберт Брикер од Институтот за истражување на пазарот на труд и занимања (ИАБ) затоа предупредува дека бегалците често се доведуваат во структурно слаби региони.
Таму становите се често празни, а работа нема. Според ИАБ, искуството од последните години покажало дека бегалците, кои биле во можност сами да го изберат местото на престој, имаат поголема веројатност да најдат работа.
Приватните иницијативи се пофлексибилни
Во меѓувреме настануваат приватни иницијативи за полесно вработување на бегалците од Украина.
Интернет портали како UATalents или Imagine Ukraine се берзи за работа за сите професии, а Германската железница на руски и украински јазик ги советува оние кои бараат работа.
Без оглед на сите напори кои се вложуваат во интеграција, останува да се види дали луѓето од Украина ќе останат во Германија, дали ќе се исплати трудот и долготрајниот процес на признавање на квалификации.
За Игор Бјелозоров тоа прашање не се поставува: „Ќе останеме. Станот ни е уништен, па сеедно мораме да почнеме од нула“, вели стоматологот од Киев.