1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија признава сѐ повеќе странски дипломи

БГ /АФП
27 август 2021

Германија бара квалификувани работници, а пазарот на трудот се повеќе се потпира на странци. И покрај пандемијата, минатата година биле признаени повеќе дипломи од порано. С. Македонија е меѓу првите 20

https://p.dw.com/p/3zYQp
Berlin | Bundesministerin Anja Karliczek | Pressekonferenz
Германската министерка за образование Ања КарличекФотографија: Soeren Stache/dpa/dpa-Zentralbild/picture alliance

Минатата година Германија целосно или делумно признала околу 44.800 странски дипломи, покажуваат податоците на германскиот Завод за статистика. Тоа е за пет отсто повеќе одошто во 2019, и покрај пандемијата која запре многу процеси во германското стопанство.
Мнозинството квалификувани странски работници дошле од европските земји надвор од ЕУ. Глобалната листа од околу 150 држави ја предводи Босна и Херцеговина, а зад неа е Србија. Имено, германските власти признале 3.600 барања за нострификација од БиХ и 3.400 од Србија. Од Северна Македонија вкупно се признаени 1.044 дипломи, и со тоа земјата се наоѓа на 18 место на листата. Речиси две третини од признаените дипломи на стручњаци од С. Македонија им припаѓаат на жени.
Тоа и не е изненадување ако се има предвид фактот дека во Германија најмногу се бараат медицински кадри- речиси две третини од признаените дипломи се од тој сектор. Во вкупните бројки, тоа вклучува околу 15.500 негувател(к)и и болничар(к)и и 7.600 лекар(к)и. Германските власти признале и уште 3.300 дипломати на учител(к)и и воспитувач(к)и, како и на 2.500 инженер(к)и.

Македонските болници се празнат- од лекари

Итно потребна работна сила

Германската министерка за образование Ања Карличек вели дека за големиот број барања за нострификација е заслужен и новиот закон за миграција на стручна работна сила донесен во март 2020. Новото законско решение им олеснува на мигрантите во Германија да се занимаваат со професии за кои се школувале.
„Двете страни имаат корист од тоа“, вели министерката. „Стручните работници имаат подобри шанси да пронајдат добро работно место кое им нуди сигурност, каде што ги ценат, место кое одговара на амбиции и способности“. Во исто време, Германија добива „итно потребна квалификувана работна сила од странство“, додава Карличек.
Дека состојбата е алармантна деновиве потврди и претседателот на Германската агенција за вработување Детлеф Шеле, кој предупреди дека само оваа година бројот на работоспособно население во Германија ќе се намали за 150.000 луѓе, и дека дефицитот ќе продолжи да расте.
„Потребни ни се 400.000 имигранти годишно, значи многу повеќе од изминатите години. Од негуватели, преку инсталатери на клима уреди, до логистичари и факултетски образовани луѓе. Ќе недостасува работна сила во сите области“, рече Шеле за весникот Зидојче цајтунг.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема