Нова Железна завеса помеѓу САД и Русија
16 април 2021Кога во 1994 година последните трупи на Црвената Армија го напуштија Берлин, малкумина веруваа дека НАТО, покрај делови од Југославија и поранешните сателити на Москва, во себе ќе ги интегрира и стратешките екс-советски републики од Балтикот, како Естонија, Летонија и Литванија. Уште помалку некој претпоставуваше дека Украина од руската ќе премине кон западната страна, или пак, дека руската воена авангарда на јужното крило од НАТО ќе се стабилизира во Севастопол.
Токму тука, помеѓу одново анектираниот Крим во 2014-та година и прорускиот регион Донбас во Украина, последните стожери за руското спречување на проширувањето на НАТО, од крајот на март Москва засилено распоредува и стационира огромни воени трупи и оружје. Кремљ тврди дека станува збор за легитимни воени вежби на сопствена територија, но преку 85 илјади војници распоредени веднаш до границата наведуваат дека можеби се планира Блицкриг-инвазија.
Во прашање не е само квантитетот на воените трупи, туку и квалитетот на воената технологија која се распоредува. Покрај артилеријата и одбранбените инструменти за соборување дронови, се очекува набрзо да бидат распоредени и десетина беспилотни тенкови Уран-9, веќе успешно тестирани во Сирија. Потоа, веќе се распоредени и ракетните батерии со среден дострел Искандер-М, способни да носат и тактички нуклеарни боеви глави и да го погодат срцето на Украина, западно од реката Дњепар.
Покрај копнените сили, Русија веќе префрли голем број на амфибиски јуришни бродови во Азовското Море, преместени од Каспиското Море преку каналот Волга-Дон. Во меѓувреме, дополнителни поморски сили од Балтичкото Море се насочуваат кон Црното Море. Руското Министерство за одбрана најави масовни поморски воени вежби во наредните денови, причина поради која Америка одлучи да го откаже влезот во Црното Море на своите два уништувачи USS Donald Cook и USS Roosevelt. Во ситуација на вака висока тензија и голема поморска концетрација во Црното Море, проценката на Вашингтон е дека Москва би можела да го протолкува американскиот влез како отворена провокација во природниот руски геополитички простор.
Конфликтни интереси
Според експертите, руската поморска и копнена воена концетрација не потсетува на стратешката распределба на силите од офанзивата во 2014-та година. Руските воени маневри се интерпретираат како реакција на тројниот предизвик со кој Москва се соочува во регионот.
Прво, против Украина која со месеци концентрира војници на линијата на судир во Донбас. Второ, на растечкиот американски притисок во форма на засилена реторика (Путин-убиец), нови санкции, воено зајакнување на просторот долж границата НАТО-Русија. Од истата причина руската реакција е насочена и кон НАТО, која политички и воено ја поддржува Владата во Киев. Третиот мотив на Кремљ е насочен кон Турција, која никогаш не ја призна руската анексија на Крим и ги обезбедува украинските воени сили со сопствени дронови. Вашингтон најверојатно не би имал ништо против употребата на овие убиствени оружја во источна Украина, бидејќи на тој начин со еден потег би станала невозможна нормализацијата на односите помеѓу две словенски држави (Русија и Украина), како и помеѓу Русија и Турција.
Америка пак, своето воено и политичко интензивирање долж границата НАТО-Русија го оправдува со исто така три причини. Под еден, САД мора да ги извезе нанадвор домашните тензии. Под два, Вашингтон се обидува како знае и умее да ги оддалечи Турците и Европејците (особено Германците) од блискоста со Русија. И конечно под три, се надева дека со провокација и исцрпување ќе го забрза падот на режимот на Путин, во надеж дека ќе го наследат сили и луѓе кои би биле помалку наклонети кон Кина.
Овие заемни и легитимни, но сепак конфликтни интереси и калкулации на големите сили, иако делуваат како непомирливи и дека водат кон неизбежен конфликт, сепак до определен степен се поклопуваат, што говори дека околу нив може да се пронајде некаков компромис и да се избегне поголем судир.
Москва смета дека мора да покаже дека знае да нападне, дека може да ги помати плановите на ранетиот американски лав. Можно е Москва да реши дека „до тука е доволно“, под услов Вашингтон да престане со својата воена демонстрација дека може да влезе во Црното Море кога и да посака. Сместувањето на американските воени бродови во бугарските и романските поморски бази само би ги ставило во стапица, во случај кога Русија со брз напад кон Мариупол може да си ги обезбеди сите брегови од Азовското Море, додека во остатокот од Црното Море, линијата на демаркација би станала крајно нејасна, знаејќи сепак дека Русија важи за тотален хегемон во овие води кои го штитат мекото јужно крило на земјата.
Не делува ни дека Вашингтон има намера дополнително да притиска, во спротивно Бајден немаше да предложи средба со Путин на неутрален терен. И Москва има причини да седне на маса, задоволна од тоа дека моменталната тензија во Украина го помести вниманието од прашањето Навални кое драстично ја нагриза популарноста на Путин.
Други колумни од авторот:
Ердоган – диктатор од кој Западот има потреба
Бајден ја турка ЕУ во Втора студена војна
Зад Путин-убиецот стои доктрината Бајден
Централно прашање за светската безбедност
Тоа што нема да мирува е зајакнувањето и милитаризацијата на новата линија на демаркација помеѓу НАТО и Русија, односно, спуштањето на новата Железна завеса. Неминовно е дека границата со Украина, точката на последниот воен конфликт во Европа, одново ќе стане централно прашање за светската безбедност.
Трката во зајакнување на новата Железна завеса се одвива долж теснецот помеѓу Балтичкото и Црното море, која е накратката и најправолинската врска помеѓу двете мориња, па оттука и најлесно одбранлива за кој било од ривалите. На оваа линија која се движи по оската Калининград -Тираспол, во огромна предност се наоѓа токму Америка, односно НАТО. Благодарение на своето дипломатско и воено влијание Вашингтон успеа да ги обедини околу себе сите земји од иницијативата „Три мориња“, наметнувајќи им дел од инфраструктурните трошоци со цел да се развијат сфери на интерес надвор од контролата на Берлин.
Зајакнувањето на НАТО-страната од Железната завеса се одвива мошне симетрично и се потпира на два стожера од источното крило на Алијансата: Полска и Романија. Новиот железнички коридор оптимиран за воен транспорт Rail2Sea се протега долж теснецот, од пристаништето во Гдањск до црноморското пристаниште Констанца. Оваа оска се наоѓа на доволна дистанца за да ги избегне руските инструменти за електронска војна сместени во ексклавата Калининград, кои потенцијално можат да бидат преместени во Транснистрија во Молдавија. Во северна Полска и на југот од Романија се наоѓаат две ракетни бази на НАТО Aegis Ashore кои се во состојба да обезбедат најширок радиус на ракетен штит во Европа. Во централна Полска и во Трансилванија, доволно одалечени од брегот, се наоѓаат и две воздушни бази кои во скоро време ќе станат клучни за безбедноста на источното крило на Алијансата. Полската база е одбрана да ги смести најновите и најмодерни ловци Ф-35, додека романската база е домаќин на десетина дронови Mq-9 Reaper.
Русија е свесна дека доколку сака да воспостави каква-таква стратешка рамнотежа со САД и НАТО мора да ги зајакне своите позиции на географски и логистички план, како и на технолошко поле. Воведувањето на веќе активните системи како во Калининград и во Транснистрија, односно микс од ракетни системи и инструменти за електронска војна, не би било проблем од финансиски аспект и тоа е веднаш изводливо. Но, проблематичниот, маргинален и сепартистички статус на овој регион, кој од 2014-та бара припојување со Русија, не дозволува на негово тло, особено на левиот брег од реката Дњестар да се постават ракетните системи Искандер-М, како и ефективни ракетни системи земја-воздух.
Затоа, доколку Русија сака да постигне барем парцијална стратешка рамнотежа во наредните децении, мора да се потпре на Крим и да се обиде да ја консолидира својата позиција во регионот Бесарабија.
Огромен ризик за сите
Вашингтон - и без отворено да признае - е можно да ја прифати оваа нова Железна завеса како утврдена реалност. Во спротивно, зошто би инвестирал толкави ресурси во позадината на оваа демаркациона линија, особено во Полска, Балтичките држави и Романија? Една од причините е што Полска денес е најголемиот антируски сојузник на Вашингтон, додека недовербата и желбата за ограничување на моќта на Берлин и неговата блискост со Москва секако не се секундарни цели во плановите на Вашингтон за Европа. САД во меѓувреме ги преместија ракетните батерии Химарс од Германија во Романија, во знак на предупредување кон Москва, но и кон Берлин.
Конечно, и покрај силното инсистирање на Киев, Украина нема да влезе во НАТО. Причината за тоа лежи не само во тешкиот процес на наоѓање едногласен консензус во рамки на Алијансата, туку и затоа што тоа не би било функционално за интересите и целите на Вашингтон. Актуелното партнерство помеѓу НАТО и Киев веќе ѝ дозволува на Америка да ја оствари својата политичка агенда во регионот, без да се обременува со постојаната и заморна потрага по консензус и поддршка од помалите партнери во Алијансата.
Воедно, влезот на Украина во НАТО би претставувал преголема провокација за Москва, која и онака покажува огромно нетрпение за длабокото проширување на Алијансата во виталниот геополитички простор на Русија. Украина во НАТО со сигурност би испровоцирало отворена војна помеѓу Москва и Киев, а според членот 5 и војна со сите членки на Алијансата. Нешто што претставува огромен ризик за Москва, за Киев, за Вашингтон и за сите европски земји неволни или неспособни за отворена војна со противник како Русија.
Оттука, најверојатниот исход од оваа криза е да остане еден вид на замрзнат конфликт, да се прифати реалноста на новата Железна завеса, и секоја од страните да се обиде дел по дел да ги реализира своите цели: Русија да ја поврати цела или дел од Украина – НАТО и САД да не го дозволат тоа.
Секако, би било наивно да се мисли дека на двете страни од фронтот нема такви што посакуваат судир и што веруваат дека може да се излезе како победник во еден брз и ограничен Блицкриг. Но, таквите најверојатно живеат во илузија дека еднаш кога конфликтот би експлодирал, тој би можел лесно да се стави под контрола.
За жал, важноста на регионот, долготрајноста на конфликтот, набиеноста од фрустрации и насилства, говорат дека таквите илузии може скапо да ги чинат и двете страни од конфликтот.