1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајден ја турка ЕУ во Втора студена војна

26 март 2021

Светот не можеше да добие поголема потврда за тоа дека сме во полн ек на Втора студена војна од настаните кои ја одбележаа оваа недела. Пишува Ивор Мицковски.

https://p.dw.com/p/3rCjM
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Посетата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на Брисел во рамки на НАТО-самитот и виртуелното гостување на американскиот претседател Џо Бајден на самитот на ЕУ кажува многу за намерите на американската администрација одново да ја освои Европа како сфера на влијание насочена против амбициите на Русија и Кина.

Посетата на Блинкен и гостувањето на Бајден се само последиот чин во една бурна недела, во која Америка јасно стави до знаење како планира да се постави кон светот и кон противниците во годините што доаѓаат. Во рок од само две недели, Америкаците го навредија Путин, го растурија дипломатскиот протокол со Кина на средбите во Алјаска, им дадоа институционален карактер на сојузите во Индо-Пацификот, ги поздравија санкциите кои ЕУ неделава ги воведе против Кина и Русија, а кои, се разбира, беа инспирирани од САД и договорени со Вашингтон.

Како последица на тоа, од масата на ЕУ-самитот речиси комплетно се исфрли темата околу релациите со Русија, кои според зборовите на специјалниот пратеник на ЕУ, Жозеп Борел, се „на дното”. Лавров, пак, изјави дека ЕУ и Русија во моментов немаат односи и дека Брисел се однесува деструктивно. Во исто време, Блинкен и Бајден извршија силен притисок ЕУ да не се сврти кон руските вакцини и така да ја зајакне меката моќ на Москва, давајќи притоа само општи ветувања дека САД наскоро ќе направат некој вид на вакцински Маршалов план за Европа.

Во однос на Кина пак, ЕУ ги воведе првите санкции по 32 години, односно од ембаргото за продажба на оружје по насилното згаснување на студентските протести на плоштадот Тјенанмен. Санкциите се за физички и правни лица поврзани со репресијата против муслиманските Ујгури во западниот кинески регион Синкјанг. Пекинг реагираше со санкции за 10 политичари од ЕУ, како и за Комитетот за политика и безбедност, главниот орган на ЕУ за надворешна политика.

Кина - стратешки ривал во 21. век

Со други зборови, делува како САД преку Бајден, што во рамките на НАТО, што преку директна комуникација со ЕУ, да успева во својата федеративна и атлантистичка намера да ја доближи Европа до американските позиции и со тоа своите стравови, закани и непријатели да ги сподели со европските сојузници.

Америка на Бајден ја продолжува агресивната политика на Трамп, со таа разлика што ги поштедува сојузниците. Со зајакнување на азискиот блок сојузници САД потврдија дека Кина е вистинскиот стратешки ривал во 21-от век. Потоа, следуваше обраќање до атлантските сојузници и подавање рака по 4 години на тешки и заморни односи. Американската администрација се врати на позицијата да ги гледа сојузниците како предност, а не како закана, трошок или проблем. Односно, Америка сфати дека во ерата на Втората студена војна, единствена компаративна предност која ја има во однос на Кина е во сојузниците од Европа и Азија.

Затоа Америка преку Блинкен ја повтори и ја потврди гаранцијата за Европа преку членот 5 на НАТО-алијансата - клаузулата за заедничка одбрана. Но, на тоа додаде дека Алијансата мора да ги рефлектира актуелните грижи и интереси на САД, инаку во спротивно ќе стане маргинална организација која не одговара на предизвиците на денешнината.

Оттука, НАТО мора да се реформира според американската визија. Ограничувањето и задржувањето на Русија на источните граници на ЕУ останува историска мисија на НАТО. Според САД, Русија не е сила во подем и не ѝ се предивидува розова иднина. Но, таа мора да биде запрена и контролирана во своите реваншистички аспирации во рамки на поранешниот советски простор и да биде соочена во своите обиди да ги минира западните демократии. Накусо, Русија е минатото и сегашноста на НАТО, но Кина е иднината. Потврда за тоа е и дебатата која се отвори во Брисел околу НАТО 2030 – новата стратешка поставеност на Алијансата. Проблемот е јасен - или Алијансата ќе одговори заеднички на проблемот број 1 на Америка или ќе заврши како регионална воена организација, по што ќе следува прогресивно оддалечување помеѓу двата брега на Атлантикот. НАТО мора да одговори на предизвикот Кина како глобална воена организација, особено фокусирана на новите хибридни и сајбер димензии во судирот помеѓу светските сили, односно, одржувајќи ја и гарантирајќи ја западната технолошка и воена супериорност.

Америка игра ризично и на брзи потези

Крајната идеја на Америка на Бајден е НАТО да развие стратешка соработка со демократиите од Индо-Пацификот, односно, да се зајакнат двата безбедносни системи со тоа што ќе се спојат, додека Америка би делувала како централниот стожер. На тој начин би се создала стратегија на двоен „containment" на два авторитарни ривали, што е и главната карактеристика на Втората студена војна. Единствената слабост на оваа стратегија е што неизбежно ги турка Русија и Кина кон сѐ поголема блискост и градење на сојузништво од интерес.

Америка игра ризично и на брзи потези во овој момент. Америка мора да ја стиши домашната бура на поделби и судири, насочувајќи ја тензијата нанадвор и најавувајќи нови напријатели и нови можни воени интервенции. Тоа е во духот и природата на секоја империја или хегемон и Америка не е историски исклучок на тоа правило. Фактот дека тоа го прави многу брзо и многу нагло, кажува дека внатрешните состојби во САД се далеку полоши отколку што ги замислуваме.

Ароганцијата кон Русија и Кина пак, ни кажува што Америка мисли за своите ривали. Ако навистина ги сметаше за толку опасни како што ни ги прикажува, тогаш немаше да го навредува Путин или да ја отфрла кинеската понуда за дијалог. Всушност се добива едно сосема поинакво чувство - дека САД свесно ги провоцира, приморувајќи ги на претерани и избрзани реакции, со што на светот би му докажала колку тие навистина се лоши и деструктивни, а на тој начин забрзувајќи го сојузништвото со партнерите во Европа и Азија. Овој пристап е мошне опасен, затоа што ги приморува Кина и Русија да се доближат и е пристап кој ризикува да нѐ доближи до конфликт наместо да нѐ оддалечи.

Акција и реакција

Како и во физиката, така и во геополитиката: за секоја акција се јавува еднаква, но спротивна по насока реакција. Зближувањето кое се постигна помеѓу САД и ЕУ оваа недела, носењето на координирани санкции кон Русија и Кина, создаде нова кохезија во односите помеѓу Пекинг и Москва. Се поставува прашањето: Колку е мудро да се туркаат двата противници на Западот во заедничка коалиција?!

На Западната акција следуваше Источна реакција. Кина и Русија изреагираа со заедничко отфрлање и осуда на санкциите, додека Лавров веднаш замина во посета на Кина. Двете светски сили кои во минатото беа двете спротивставени Цркви на комунизмот, почнаа заеднички да ги координираат следните чекори. Лавров им сугерираше на Кинезите да се откачат од доларот со цел да го намалат влијанието на американските санкции, нешто што Кинезите го размислуваат уште од економската криза од 2008 година. Во меѓувреме Пекинг продолжува да ги крши американските санкции тргувајќи со Иран и Северна Кореја. Во исто време, Пекинг осуди двајца канадски дипломати како реперкусија кон Отава која ја држи во домашен притвор финансиската директорка на Хуавеи. Во времето на Студената војна, Ричард Никсон реши да го искористи ривалството помеѓу двете комунистички сили, подавајќи му рака на послабиот Мао Цетунг. Помеѓу 1971 и 1972 година, во режија на Хенри Кисинџер, Америка успеа да ја привлече Кина во својата сфера на влијание.

Други колумни од авторот:

Зад Путин-убиецот стои доктрината Бајден

Монархија или република

Вакцинската дипломатија и македонскиот дебакл

Следејќи ја таа логика на реалполитиката, во Втората студена војна тоа би значело да се направи истиот обид за затоплување на односите со Москва. Но, проблемот е што денес Западот ги има најголемите трговски, финансиски и технолошки врски токму со Кина. Дополнителен проблем во овој студен судир, кој забрзано се загрева е што Пекинг верува дека Америка е сила во залез и дека Кина нема речиси никаква потреба од Западот.

Дали ова значи дека Кина и Русија ќе изградат вистински сојуз? Најверојатно не. Единственото нешто што ги спојува е ривалството со Америка, но многу други нешта ги разделуваат и ги прават регионални ривали. Се разбира, партнерството ќе се зајакнува и тоа почнува некаде од годините на Обама, но мора да се судри со елементот на ривалство кој е детерминиран од конфликтуалните геополитички амбиции во регионот. Америка се обидува да демонстрира западна компактност, а истото ќе се обиде и Кина, која нема вистински сојузници, па инсистира на блискост со Русија. Тоа ја прави Москва тас на вагата во односите помеѓу Вашингтон и Пекинг. Во таа испреплетеност меѓу големите сили Москва може да се запраша што би било доколку Америка реши да се доближи до Русија. Но, прашањето е повеќе теоретско, бидејќи американските апарати традиционално гледаат во Русија противник број еден. А потоа доаѓа и поважното прашање: Што ако Русија помогне во ограничување на Кина, дури и географски, кога потоа пак нејзе би ѝ дошол редот? Оваа стратешка конфузија меѓу трите светски сили создава опасни тензии и може да доведе до многу погрешни проценки. Останува дека засега Русија и Кина се зближуваат и покрај длабоката заемна недоверба.

Европа пред гостинот Бајден се престави во најлошо можно светло, распарчена и раскарана, истоштена од пандемијата која не успева да ја стави под контрола. Сосема спротивно од американскиот сојузник кој сѐ уште не дава доволно конкретни гаранции дека ќе ја помогне Европа со вакцини.

Само почеток

Оттука, јасно е дека Европа колку и да се приближува кон позициите на САД, сепак тоа го прави со доза на несогласување околу односите со Москва и Пекинг. Германија на Меркел останува најголемиот опонент на двете полиња. Берлин е тесно поврзан со Москва околу гасоводот Северен поток 2, кој САД го смета за полн со опасности за енергетската безбедност на ЕУ, па оттука и за својата безбедност. Германија во исто време е европската економија со најголема трговска квота на кинескиот пазар и не гледа интерес од непријателство со Пекинг.

Меркел и Урсула фон дер Лајен имаа најголемо влијание во постигнување на инвестицискиот договор помеѓу ЕУ-Кина и се разбира дека трговијата и инвестициите не се компететност на НАТО, но денес, повеќе од кога било порано, Втората студена војна за разлика од Првата, длабоко навлегува во сферата на економијата, финансиите и технологијата.

Оттука, конечното приближување помеѓу САД и Европа нема да биде толку едноставно и разликите кои денес постојат ќе мора да се покријат со голем број на концесии и нови компромиси помеѓу Брисел и Вашингтон.

Проблемот е што делува како Европа да нема преголем избор, ниту од безбедносен аспект, а камоли од технолошки, како што покажа и кризата со вакцините. Германија во последните месеци и недели покажа особена слабост во соочување со кризата од пандемијата, како крахот на германската ефикасност и ригорозност да се совпадна со залезот на Меркел.

Затоа и новата трансатлантска оска ќе се потпира на некои нови лидери и нови локомотиви, каде Макрон во соработка со Италија делува како најсилниот претендент.

Во ерата на Втората студена војна НАТО не делува дека е во состојба на „мозочна смрт“ како што алијансата пред некоја година ја опиша Макрон. Зајакнување на врските помеѓу САД и ЕУ е во интерес на сите, но по цена и услови кои допрва треба да се договорат. Америка ќе мора да ги сподели одлуките – Европа ќе мора да преземе одговорност.

Мисијата на Бајден за враќање на Европа е само на почеток.