1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

УЕФА нема да ги истражува навредите на Арнаутовиќ

БГ
15 јуни 2021

Европската фудбалска организација сепак ќе отвори истрага по жалбата на ФФМ за однесувањето на австрискиот напаѓач на мечот од првото коло на ЕП против Северна Македонија. Арнаутовиќ во меѓувреме се извини.

https://p.dw.com/p/3uvph
Fußball EURO 2020 Vorrunde/ Österreich-Nordmazedonien 3-1 | Alaba und Arnautovic
Капитенот на Австрија, Давид Алаба го држи за уста Арнаутовиќ по постигнатиот гол. Фотографија: Frank Hoermann/SvenSimon/picture alliance

Австрискиот репрезентативец Марко Арнаутовиќ се извини за навредите упатени кон македонскиот репрезентативец Езѓан Алиоски за време на мечот во Букурешт во неделата. Европската фудбалска организација, според германските медиуми најпрво немаше намера да отвора истрага и покрај жалбата на ФФМ, но предмалку соопшти дека именувала инспектор кој ќе го истражува поведението на Арнаутовиќ. .

„На вчерашниот натпревар имаше некои жешки зборови искажани среде емоциите на мечот за кои би сакал да се извинам, особено на моите пријатели од Македонија и Албанија“, порача Арнаутовиќ преку својот Инстаграм профил.
„Не сум расист“, рече австрискиот репрезентативец од српско потекло, а потоа упати и извинување и на македонски и на албански јазик.
По постигнувањето на својот прв, а трет гол за Австрија на мечот, Арнаутовиќ го навредуваше и пцуеше Алиоски на национална основа.

Фудбалската федерација на Македонија синоќа соопшти дека побарала од УЕФА да го истражи инцидентот и да го казни Арнаутовиќ за навредите.

„Најостро го осудуваме националистичкиот испад на Марко Арнаутовиќ упатен кон Езѓан Алиоски. Поднесовме официјален допис до УЕФА во кој бараме најстрога казна за Арнаутовиќ. ФФМ е секогаш против национализам, дискриминација и сите други форми на навреди и испади кои не се во духот на фудбалот и вредностите за кои сите заедно се залагаме“, соопшти ФФМ на својата Фејсбук страница. 

Според информации на германската спортска агенција СИД и на други германски медиуми утрово, УЕФА не планирала да отвори истрага за Арнаутовиќ. Тоа за СИД го потврдил портпарол на УЕФА, но причините не беа наведени. На прашање на ДВ, предмалку од УЕФА соопштија дека сепак е именуван инспектор кој ќе го анализира однесувањето на австрискиот репрезентативец. 

Арнаутовиќ вчера и во интервју за австриската државна телевизија ОРФ се обиде да ги смири страстите и уште еднаш да се извини за инцидентот. Тој вели дека по мечот разговарал со Алиоски и во соблекувалната, а во понеделникот и со капитенот на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев.

Fussballspieler I Eljif Elmas
Алиоски вели дека ги расчистиле недоразбирањата со АрнаутовиќФотографија: Pressebildagentur ULMER/picture alliance

„Тој (Пандев, н.з.) ми е добар пријател и ми рече, заборави се, знам како е во фудбалот и какви се емоциите“, вели Арнаутовиќ.

Во интервју за албански медиуми и Алиоски потврди дека ги расчистиле недоразбирањата со Арнаутовиќ.

„Јас и Арнаутовиќ зборувавме по мечот и ги разјаснивме работите. Тој се извини, дојде во соблекувалната и ми подаде рака и тоа беше навистина фер од него“, рече Алиоски за „Дигиталб“.

Тимот кој дише во еден здив