Голот на Пандев- вреден за споменик?
14 јуни 2021Горан Пандев се уште не е сигурен дали ќе се пензионира по Европското фудбалско првенство, но и да продолжи да игра тоа сигурно нема да го прави во германската Бундеслига:
„Не. Таму премногу се трча“, со насмевка одговара капитенот на македонската фудбалска репрезентација на прашањето на репортерите на најтиражниот германски дневен весник Билд.
Во пресрет на деби-мечот за Северна Македонија на Еуро2020 Билд објави подолго интервју со Пандев најавувајќи го како ѕвезда на тимот и еден од најпознатите фудбалери во земјата.
Германците се уште не можат да го заборават поразот во квалификациите за Светското првенство од С. Македонија, па и почетокот на разговорот изобилува со прашања за мечот и реакциите по него. Пандев признава дека на натпреварот неговиот тим имал многу среќа, но дека победата била заслужена.
„Имавме голема почит за Германија, и бевме многу концентрирани затоа што знаевме дека Германија има многу силен тим кој 20 години немаше загубено дома во квалификациите. Тактички бевме перфектно поставени. Но имавме и многу среќа. Кога даваш се од себе, тогаш и среќата ти доаѓа на помош. На почетокот Германија пропушти неколку шанси за гол, а ние потоа погодивме во вистински момент, во продолжението на првото полувреме. По водството од 1:0 знаевме дека можеме до успех“, вели Пандев за Билд.
Честитката од Мурињо
Открива дека по таа голема победа, како ни по историската победа против Грузија со која беше обезбеден пласманот на ЕП, немал можност да се врати дома во Македонија и да почести за успесите затоа што морал да им се врати на клупските обврски во Ѓенова. Од бројните честитки кои ги добил по победата над Германија ја споменува најдрагата и најнеочекуваната:
„Меѓу другите од Жозе Мурињо. Ми испрати порака и и честиташе на целата репрезентација за извонредниот настап. Ми беше тренер во Интер и со него победивме против Бајерн во Мадрид во финалето на Лигата на шампионите".
По пласманот на ЕП, фудбалерите станале херои во татковината, но очекувањата тука не запреле, раскажува Пандев.
„Да, станавме херои. Но луѓе сега очекуваат повеќе. Потоа победивме и против Германија. Знаете какви се луѓето, сега мислат дека ќе го освоиме Европското. Но ние стоиме цврсто на земја." Сепак, и неговите очекувањата не се многу помали- на прашањето дали ќе биде задоволен доколку од ЕП репрезентацијата се врати без освоен бод и постигнат погодок, Пандев очекува повеќе.
„Не, нашиот тренер секогаш го бара максимумот. Имаме респект за сите. Но добро ја знаеме нашата сила и знаеме што мораме да сториме. Според мене, нашата репрезентација може да се носи со сите репрезентации во нашата група“.
Гол за крај на кариерата
Мечот со Австрија и поразот од 3:1 на отворањето на првенството е веќе минато, но фактот што токму Пандев го постигна историскиот прв (во тој момент израмнувачки) гол за С. Македонија на шампионатот веројатно ќе биде круна, но и крај на неговата кариера. На прашањето на Билд пред натпреварот „дали навивачите ќе му подигнат споменик на стрелецот на првиот гол на првенството“, Пандев низ насмевка одговара „да се надеваме“ и „ќе видиме“. Во својот познат, таблоиден стил, Билд од оваа изјава го влече и насловот на интервјуто со Пандев: „Оној кој ќе го постигне првиот гол, заслужува споменик“.
Потоа најавува дека трите меча во групите би можеле да бидат последни во неговата кариера.
„Тоа би бил убав крај. Да се постигне гол на едно Европско првенство за мене ќе биде најголемиот, затоа што сите знаеме дека тоа веројатно ќе бидат моите последни настапи (во кариерата, н.з.)“.
Пандев признава дека веќе „ги чувствува годините“ (во јули ќе полни 38, н.з.) иако и понатаму е физички подготвен и живее здраво, но конечната одлука ќе ја донесе заедно со семејството по завршувањето на првенството. Планови за понатаму, засега, нема.
„Токму тоа е проблемот. Не знам. Токму тоа се прашувам, кога ќе престанам, што ќе правам понатаму? Засега сакам само да бидам подготвен за Европското првенство, да уживам и потоа ќе видиме“.
Фаворити на првенството, за најдобриот стрелец во историјата на македонската репрезентација, се оние „постојаните“: Германија, Франција, Италија, Португалија и Шпанија.