Австрија се надева на првата победа, С. Македонија на чудо
12 јуни 2021Австрија конечно ја посакува својата прва победа во третото учество на Европското првенство. Но, новајлијата С.Македонија се надева на следното чудо откако ја совлада Германија со 2-1 во квалификациите за СП, се вели во освртот на германската спортска новинска агенција СИД. Во него уште се вели:
Давид Алаба има јасен план. „Сакаме да ја вклучиме целата земја“, вели долгогодишната ѕвезда на Бајерн Минхен пред австрискиот старт на Европското првенство против С. Македонија во недела на 13. јуни. И додава: „Ние сакаме да ги израдуваме навивачите. Очекувањата се огромни, не можеме да дочекаме".
За водечкиот играч на Австрија, Алаба, кој ќе ги заработува своите пари во Реал Мадрид од следната сезона, австриската репрезентација е дури и еден од кандидатите за изненадување. „Способни сме за многу. Потенцијалот е огромен. Имаме поединци, кои можат да одлучуваат натпревари", вели самоуверено 28-годишниот Виенчанец.
Поединци како него- Марко Арнаутовиќ - или цел куп „германски“ легионери. Вкупно 21 играч од клубовите во германската Бундеслига се меѓу 26-мината во составот на селекторот Франко Фода. Германецот сака конечно да ја прослави првата победа со „Тимот Германија II“ на третото учество на Австрија во завршницата на ЕП, по 2008 и 2016 година.
Повеќе:
-НЦЦ: Елмас ќе биде за Македонија тоа што е Ибрахимовиќ за Шведска
-Кој стои зад успехот на македонската фудбалска репрезентација
-Долг ден на вџашеност по бламажата од Дуизбург
Предзнаците би можеле да бидат и подобри, бидејќи на радосни фудбалски моменти алпската република чека веќе подолго време. Австрија нема постигнато гол се чини вечни 316 минути. „Поради последните резултати и дебаклот против Данска (0:4 во квалификациите за СП), еуфоријата е многу помала отколку во 2016 година“, изјави Кристоф Баумгартнер од германскиот клуб Хофенхајм во интервју за СИД. Но, Алаба во тоа гледа и предност. Попријатно е „кога притисокот сега не е толку голем“, вели тој.
Првата пречка во групата Ц на патот на Австрија кон осминафиналето е новајлијата на ЕП, С. Македонија. Додека Австријците, својот подготвителен камп го имаа во Зефелд / Тирол, и слетаа во Букурешт во саботата на пладне, Македонците целиот турнир ќе го поминат во главниот град на Романија.
Бројот 62 на светската ранг-листа се надева на следното изненадување по сензационалните 2: 1 воквалификациите за СП во Германија. „Среќата е со храбрите, чуда понекогаш се случуваат во фудбалот“, вели народниот херој Горан Пандев.
37-годишниот напаѓач е капитен на тимот, рекорден репрезентативец и најуспешниот стрелец на тимот во едно. И поради долгогодишното искуство од скоро 500 натпревари во Серија А, тој сѐ уште е незаменлив.
Аутсајдерот предводен од селекторот Игор Ангеловски смета и на поддршката од навивачите на романскиот национален стадион во недела. Дозволени се вкупно 13 000 гледачи на стадионот, но само под 2000 за секоја репрезентација. Сепак, сосема е можно преостанатите романски гледачи да му стискаат палци на аутсајдерот од Балканот - и евентуално да ја одведат С. Македонија до следното чудо.