Турција планира построга контрола врз медиумите
13 октомври 2021Дали е во прашање транспарентност или затворање на устата на критичарите на владата на претседателот Ердоган? Предлог-закон во Турција предвидува медиумите, кои се финансираат со странски средства, во иднина да добијат посебни обврски.
Законскиот предлог на ултранационалистичката партија МХП предвидува институциите и нивните информациски активности, доколку се финансираат од странски пари, да добијат „специјален статус“, со кој лицата и организациите ќе бидат недвосмислено препознатливи.
Освен тоа, информативните фирми, кои добиваат директно финансиски средства од странство, во иднина ќе бидат задолжени да именуваат претставник. Овие „медиумски претставници“ треба да се регистрираат и да полагаат сметка пред турското Министерство за внатрешни работи.
Околу 95 проценти од печатените медиуми и телевизиите во Турција веќе се под контрола на претпријатија блиски до исламско-конзервативната владејачка партија АКП. На опозицијата ѝ се преостанати само мали, алтернативни онлајн платформи како Медиаскоп, Мезапотамија Њуз или ТВ24.
Овие медиуми располагаат со мали буџети, но често добиваат поддршка од странство – како од јавни, така и од приватни фондови. Турската влада ја разлутува тоа што овие помагачи често потекнуваат од европски земји. Законската иницијатива на МХП сега може да предизвика овие извори на приходи да секнат.
Казни во милионски износи?
Зашто, странските платфори или лица, кои нема да назначат репрезентат од странство или не воспостават контакт со Министерството за внатрешни работи, во иднина можат да бидат казнети со затвор од две до пет години за одговорниот или со парична казна до еден милион лири.
Заменикот претседател на МХП, Фети Јилдиз, за Дојче веле изјави дека целта на законскиот предлог е постигнување транспарентност. „Нашата цел е да откриеме кој и какви активности врши, зашто постојат лица и институции кои добиваат пари само за под плаштот на слободата на печат да настапуваат непријателски кон владата.“ Законскиот предлог, гарантира Јилдиз, нема да ги погоди големите странски медиуми како БиБиСи или Дојче веле, доколку нивните извори на приходите се транспарентни.
Постојат странски медиуми, дополнува Јилдиз, кои се ангажирани за вршење критика врз турската влада. „Тоа се обидуваме да го спречиме“, вели Јилдиз, истакнувајќи дека предлогот на неговата партија не е ограничување на новинарската работа. „Немаме никакви проблеми со слободата на печатот, оној кој добро го чита нашиот законски предлог, ќе разбере која ни е намерата.“
Право на „вистински информации“
И директорот за комуникации на претседателската палата, Фехретин Алтун, се изјасни околу законската иницијатива. „Потребните процедури ќе ги завршиме што поскоро заради заштита на јавниот ред и на правото на нашиот народ на вистински информации.“
Новинарските организации напротив насетуваат дополнителен удар против слободата на печатот. Ренан Акајвас, координаторка за Турција во Меѓународниот институт за печат, за ДВ изјави дека сега се обидуваат да добијат повеќе информации околу предлог-законот, се вршат консултации со пратеници.
„Предлогот на МХП е сериозна закана за медиумите...МХП сака да ги ускрати парите кои се ставаат на располагање за одржување на независното новинарство. Но, ние ќе се спротиставиме.“
„Тоа нема врска со слободата на медиумите“
Јусуф Канли, заменик претседател на турската „Асоцијација на новинари", укажува дека медиумските платформи кои се финансираат од странство, веќе го известуваат Министерството за финансии и објавуваат редовни деловни извештаи.
„Она што сега се случува е тоа – секој новинар кој добива финансии (од странство) да биде жигосан. Жигосувањето на новинарите е жешка тема и нема никаква врска со слободата на печат. Тоа не го прифаќаме“, објаснува Канли.
Есра Кочак, раководителка на турското Новинарско здружение во Анкара, е исто така алармирана. Не е тајна дека МХП или АКП ќе преземат секаков обид за зголемување на притисокот врз новинарите, вели таа.
„Луѓето самостојно одлучуваат да се информираат од странство. Владата е свесна за тоа и сега се обидува да ги затвори овие канали или да заплашува со казни.“ Нејзиното Здружение ќе се бори за на независните медиуми да не им пресушат финансиите и против тоа тие да бидат стигматизирани како пропагандисти.
Притисокот врз независните медиумски организации во изминатите години постојано расте. Од октомври ланската година, со Медиумскиот закон 5651, турската влада масивно ги засили и контролите врз содржините на интернет.
Законот ги обврзува платформите со преку еден милион корисници да отворат филијала во Турција. Доколку Твитер и останатите одбиваат да отворат претставништво на турско тло, турските судови можат да го ограничат нивниот досег, односно пристапот до нов до 95 проценти.