1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога ќе чепнеш турски функционер, не ти се пишува добро

Кристијан Буткерајт
30 јули 2018

Турската новинарка Пелин Ункер беше дел од тимот кој работеше на т.н. Рајски документи, поврзани со истрага на затајување даноци. Во Турција трагите ја доведоа и до синовите на тогашниот премиер Бинали Јилдирим.

https://p.dw.com/p/32Je4
Paradise Papers
Фотографија: picture-alliance/dpa/J.-F. Frey

Пелин Ункер е ситна и тивка жена, која воопшто не изгледа агресивно. Таа и нејзините колеги од „Џумхуриет“ препоставуваа дека објавувањето на Рајските документи (Paradise Papers) нема да ѝ се допадне на турската влада.

„Ние претпоставувавме дека нешто ќе се случи, но дека од нас ќе бараат 500.000 лири отштета, тоа не го очекувавме", вели Ункер.

Како член на меѓународниот Конзорциум на истражувачки новинари, Пелин Ункер наиде на документи кои се поврзани со турски компании. Станува збор за милијарди евра даночно затајување преку фирми со седишта на Малта. Едната трага води до Серхат Албајрак, брат на актуелниот министер за финансии и зет на Ердоган, Берат Албајрак. Втората трага води до синовите на Бинал Јилдирим, кој до неодамна беше премиер. „Мислам дека се работи за осум компании. Една е поврзана со вујко му и пет со неговите синови кои во дел од компаниите се управители, а во некои основачи."

Не е нелегално семејството на Јилдирим да штеди на даноци, вели Ункер. Но Јилдирим бил тој што секогаш се грижел во јавноста да има имиџ на најчесниот човек.

Türkei Wichtiger Berater von Regierungschef Yildirim festgenommen
Бинали Јилдирим сака да има имиџ на чесен човекФотографија: picture alliance/abaca/E. Kizil

Тој изјавуваше: „Кога влегов во политиката ги советував моите деца: никогаш немојте да правите бизнис со државата. Немојте ни да помислите."

Синовите на Јилдирим очигледно го избегнале директниот контакт со државата, вели Пелин Ункер. Тие избрале заобиколен пат: „Тие имаат многу фирми, но ние не можеме да докажеме што точно работат со нив. Откривме, на пример, дека една компанија соработува со превозната компанија ‘Орас Денизчилик' . Тоа, според мене, е многу важно, бидејќи оваа компанија има договор со владата."

 Рајски документи: како богатите го кријат своето богатство

Се работи за зделка вредна седум милиони долари. Како што покажуваат новинарските истражувања, зад неа стои никој друг, туку поранешниот бизнис партнер на Бинали Јилдирим. Откака ова се објави во јавноста, политичарот излезе со објаснување:

„Мојот народ добро ме познава. Јас секако имам имунитет, но моите деца немаат. Ги повикувам сите надлежни да покренат истрага, финансиска или правана. И јас го посакувам тоа", уверуваше Јилдирим.

Filmstill Paradise Papers, WDR
Рајските документи откриваат затајување даноци и префрлање пари во т.н. даночни раевиФотографија: WDR

Истрага има, но против Пелин Ункер, против нејзин колега и против „Џумхуриет“. Јилдирим и неговите синови бараат отштета од 500.000 лири за нарушување на угледот и клевета. Без притоа да дадат каков било дека истражувањата на Ункер се неточни. Пелин Ункер вели дека во нормални услови не би се плашела од судската постапка, но: „Овде сѐ е можно, бидејќи знаете ова е Турција", вели Ункер смеејќи се.

И покрај ова, Пелин Ункер ќе продолжи со објавување на вакви приказни. Тоа што треба да застане пред суд лично не ѝ пречи.

„Навикнати сме на нешто вакво, ние работиме за ‘Џумхуриет’ и секој од нас има доживеано по некоја ваква епизода. Ние сме навикнати да работиме под притисок. Тоа е тоа."

Следното рочиште во случајот Јилдирим против „Џумхуриет“ е закажано за почетокот на септември.