1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Попис: Во 27 земји во светот пријавен само по еден Македонец

ДТЗ
25 септември 2021

Во 50-тина земји во светот може да се каже дека пописот заврши само што почна, откако на онлајн апликацијата веднаш се регистрираа по еден, двајца, или максимум по тројца македонски државјани.

https://p.dw.com/p/40kJ1
Antarktis Peninsula Landschaft
Тројца македонски државјани се попишале од далечниот Антарктик Фотографија: Bildagentur-online/Tetra-Images/picture alliance

Валис и Футуна – еден од трите вулкански тропски острови во Океанија, каде живеат 12.000 илјади жители, е дом и на еден Македонец. Тој е единствен кој засега се попишал и се евидентирал дека живее на оваа далечна дестинација. Вкупната површина на Валис и Футуна е 142.42 квадратни километри. Главен град на Валис и Футуна е Мата-Уту, кој воедно е и најголем град. Самата територија е составена од три вулкански тропски острови, кои се опколени со мали островчиња. 

Оваа држава е меѓу 50-тината во светот за коишто може да се каже дека пописот заврши само што почна, откако на онлајн апликацијата веднаш се регистрираа по еден, двајца, или максимум по тројца македонски државјани. Иако статистичката операција трае до крајот на месецот, од јавно достапните податоци на Државниот завод за статистика од онлајн попишувањето на дијаспората, веќе може да се сумира на кои се далечни дестинации се  „лоцирани“ македонски државјани, кои што заминале да работат и живеат во странство. 

Малкумина евидентирани на егзотични острови 

Во 45 земји во светот живеат по двајца или само по само еден македонските државјанин. Во 27 земји од март годинава на онлајн пописот којшто го спроведува Државниот завод за статистика, се попишал само по еден македонски државјанин. Бахами, Фокландските острови, Шри Ланка, Филипините, Бермуди и Боцвана се дестинации на коишто е евидентиран само еден државјанин од земјава. По еден Македонец е заведен во пописната евиденција и на егзотичните Кајманските острови, Камерум, Костарика, Кукови острови, Лаос, Мавританија и Маврициус. 

BG Luxusreisen | Malediven
Во Брунеи, Уругвај, Алжир, Аргентина, Екваторијална Гвинеја, Малдиви, Мароко, Мозамбик и Монголија пописот детектираше по двајца македонски државјани.Фотографија: Sergi Reboredo/picture alliance

Во Брунеи, Уругвај, Алжир, Аргентина, Екваторијална Гвинеја, Малдиви, Мароко, Мозамбик и Монголија пописот детектираше по двајца македонски државјани, коишто живеат и работат на овие далечни дестинации. Двајца Македонци има и во Доминиканската република, Панама, Аланд острови. 

Тројца македонски државјани изминативе години заминале на Антарктикот, исто толкава бројка живеат и во Џибути, на Фарските острови, во Еквадор, Замбија, Перу, Сејшели и Бонер, Сент Еустатиус и Саба. 

На пописот се пријавиле и четворица во Виетнам и Камбоџа, додека петмина Македонци живеат во Аруба. Девствените острови се дом за петмина иселеници од земјава, шетстмина на Хаити, а десетмина Македонија ја замениле со Брегот Слонова коска како дестинација за живот. 

Највеќе иселеници во Швајцарија 

Според последните податоци од пописот на дијаспората, евидентирани се 194.926 граѓани коишто ја напуштиле Северна Македонија. Пописот досега најголем број иселеници изброја во Швајцарија – 63 281, во Германија се попишале 44.333 граѓани и во Италија – 27 265. Во Австрија на пописот се одзвале 11.222 иселеници. Помал е интересот во Франција каде има 1.802 попишани, во Обединетото кралство- 2575, а слаб одзив има и во САД – каде досега се пријавиле 8.413 граѓани. Во Австралија се попишале само 2.769 иселеници. 

Што се однесува до регионот, пописот досега изброја 417 македонски државјани во Албанија, 587 во БиХ, 491 во Бугарија, како и 180 македонски државјани во Грција. Во Косово се попишале 1198 македонски државјани, во Словенија 3666, во Хрватска 1544, во Србија - 190 и во Црна Гора – 198 иселеници.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема