1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Османи: Досега се попишале 60 илјади иселеници

ДТЗ
15 март 2021

Досега се попишале 60 илјади македонски граѓани од дијаспората. Најслаб интерес има кај иселениците во Канада и во Австралија.

https://p.dw.com/p/3qe93
Nord-Mazedonien Volkszählung 2021
Директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски (л.) и министерот за надворешнир аботи Бујар Османи (д.)Фотографија: Statistical Office North Macedonia

Над 60 илјади граѓани коишто живеат надвор од Северна Македонија досега се попишале преку онлајн апликацијата. Најголем интерес има во Швајцарија, Германија и во Италија, вели министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Послаб интерес за самопопишување пројавиле иселениците во Австралија и во Канада. По првиот бран, кога дневно се самопопишувале по 7.000 до 8.000 граѓани, надлежните минатата недела укажаа дека е спласнат интересот кај дијаспората и најавија дека ќе започнат кампања со цел да се укаже од важноста на спроведувањето на пописот, кој во земјата за последен пат е одржан пред 19 години. 

Најмногу во Швајцарија, најмалку во Канада

Според Османи, најмногу иселеници, или околу 16 илјади, се попишале во Швајцарија, што претставува околу една четвртина од очекуваните бројки. Следни се Германија со околу 10 илјади и Италија со 6.000 попишани иселеници. 
Попишувањето на македонските дипломати и членови на конзуларни претставништва завршува денеска, но попишувањето на дијаспората продолжува до 21 април. „Пописот е важна работа, а учеството на дијаспората значи правилно мапирање на дистрибуцијата на нашите граѓани во странство, што е важно за да имаме основа за носење развојни политики врз прецизни податоци, кои ќе бидат од директно значење за нашата дијаспора“, вели Османи.

-повеќе на темата: Симовски за пописот во НЦЦ: Одамна сме под два милиони

Во однос на малиот интерес за попишување кај дијаспората, особено во Австралија, Османи вели дека нема информации од Дипломатско конзуларните претставништва, ниту од неговите лични контакти дека некој активно бојкотира или дава отпор за попишување во дијаспората. „Меѓутоа, не можам да исклучам таква можност, зашто не можеме сите наши граѓани да ги контактираме за да го слушнеме нивното мислење“, вели тој. Во врска со проблемите со апликацијата за самопопишување, Османи вели дека проблемот најчесто се јавува кога граѓаните ќе го внесат матичниот број од С. Македонија, а во полето за држава ќе ја напишат државата во која се наоѓаат. Потребно е да напишат „Република Северна Македонија“, бидејќи во спротивно системот не ги препознава македонскиот матичен број во комбинација со друга држава.

Screenshot Webseite Volkszählung in Nord-Mazedonien 2021
Фотографија: popis2021.stat.gov.mk

Мотивирање на дијаспората

Првиот човек на Заводот за статистика, Апостол Симовски за ДВ пред неколку дена изјави дека во последниот период започнал да опаѓа интересот за попишување кај дијаспората, поради што ќе започнат кампања за мотивирање на иселениците да ја искористат можноста и на веб-апликацијата census.stat.gov.mk да ги внесат потребните податоци неоходни за пролетниот попис. Ако на почетокот можноста да се самопопишат ја искористувале по 7.000 до 8.000 граѓани дневно, сега бројката е падната на 2.500 граѓани. Симовски очекува интересот повторно да порасне во текот на април, кога ќе започне пописот и на резидентното население во Северна Македонија. 

-повеќе на темата: Симовски: Никој не може да го измами системот за попишување

Целта на самоопишувањето на иселеници во што е можно поголем број е државата да има јасна слика за бројот на лицата кои се отселиле, нивната возрасна, образовна и економска структура, од каде се иселиле и во кој период. Овие податоци се од исклучителна важност за анализа и изработка на стратегии, за политики за намалување на емиграциониот бран и за обезбедување силни и трајни врски меѓу македонските граѓани кои живеат во С. Македонија и во дијаспората. 

Премиерот Зоран Заев деновиве преку социјалните мрежи ги повика иселениците да одвојат 10 минути од своето време и да се попишат преку едноставната апликација. „Така ќе придонесат за подобра иднина и поквалитетен живот во татковината од која потекнуваат и каде што се надеваме дека повторно ќе се вратат. Ги повикувам и сите жители кои живеат во државата да ги пренесат овие информации до своите роднини и фамилии во дијаспората, зашто секој е важен, секој попишан е богатство за нашата држава“, порача Заев.