Трамп ја турка Америка во ѕид
9 јануари 2019Теоретски, две години по стапувањето на функцијата и среде еден од најдолгите владини застои во поновото минато, Доналд Трамп имаше две можности:
Можеше да ја искористи бината за да се прикаже како вистински лидер на земјата, кој сериозно се обидува да го надмине јазот кој се заканува да ја подели нацијата. Можеше да каже дека останува на тоа дека ѕидот е најдобро решение за борба против она што, според него, претставува проблематична и опасна ситуација на јужната граница на земјата. Да каже дека стреми кон постигнување компромис помеѓу демократите и републиканците, со цел да се стави крај на „шатдаунот“ и истовремено да биде заштитена американската граница. Трамп можеше да каже нешто во стилот: „Мои американски сограѓани,независно од тоа дали сте републиканци или демократи, дали ми давате поддршка или не, ноќва е ноќ за нов почеток во интерес на нашата земја, за соработка со цел да се стави крај на застојот.“
Со други зборови, откако самиот се доведе в ќош, можеше да се обиде да ги закопа политичките јазови и да му понуди рака на новоизбраниот Конгрес со цел да се постигне компромис за обезбедувањето на границата.
И, знаете што? Неговите приврзаници сигурно и натаму ќе му пружаа поддршка затоа што му веруваат, сеедно што кажува. Сигурно, десничарските „хардлајнери“ можеби ќе му префрлеа дека отстапува. Сигурно дека демократите и многу републиканци немаше да му веруваат и ќе бараа докази дека мисли сериозно. Но, ако пробаше одново да се пронајде себеси како обединувач на една поделена земја, тоа барем ќе беше обид да се избегне тотална пропаст поради владиниот застој, кој го предизвика тој лично.
Трамп, се разбира, во својот говор вчеравечер не направи ништо од сето ова.
Реторика на страв
Наместо тоа, Трамп ја искористи можноста уште еднаш двојно да ги зголеми своите барања за финансирање на граничниот ѕид. Ситуацијата на границата ја опишуваше употребувајќи збунувачки тврдења како „национална безбедносна криза“. Со други зборови: тој навистина успеа да го направи она што речиси беше невозможно - уште повеќе да ја подели земјата.
Трамп зборуваше дека главен проблем на јужната граница е илегалното доселување. Притоа, од негова страна прогласената „безбедносна криза“, воопшто не постои, тврдат повеќето експерти за доселување. Трамп во својот говор разбуди стравови од илегални доселеници, со тоа што ги доведе во врска со насилни злосторства, иако повеќе студии покажуваат дека стапката на криминал кај илегалните доселеници генерално не е повисока отколку кај американските граѓани.
Меѓутоа, најразорно е тоа што Трамп на демократите не им даде веродостојна понуда за решение на конфликтот. Наместо тоа, тој од нив едноставно уште еднаш побара да го сторат „вистинското“ и да одобрат 5 милијарди долари за изградба на ѕид на границата, нешто што демократите категорично го одбиваат. Зошто сега би го промениле ставот?
Така Доналд Трамп во овој говор уште еднаш покажа дека не е во состојба или нема волја да го оствари едно од клучните очекувања од еден претседател - да ја обединува нацијата, а не да ја дели.