1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Трамп, Путин и моќта на спонтаноста

Керстен Книп
25 јуни 2018

На маргините на Самитот на НАТО кон средината на јули во Брисел може да има средба на претседателите Трамп и Путин во Виена. Средбата би споила двајца мажи кои многу нешта ги врзуваат – и уште повеќе ги раздвојуваат.

https://p.dw.com/p/30DNM
G20 Gipfel in Hamburg | Putin & Trump
Фотографија: Getty Images/AFP/S. Loeb

Што сѐ не се преговарало во Виена. Со столетија Хабсбуршката династија таму ги решавала проблемите на нејзиното царство на многу народи. Министерот за надворешни работи на Австрија, фон Метерних на почетокот на 19-тиот век воведе Конгрес наречен по градот кој означи нова епоха. 200 години подоцна таму беше потпишан Договорот со Иран за атомската програма, а неодамна спорот за името меѓу Македонија и Грција главно беше решен таму. Сосема во духот на дипломатски молчаливата традиција беше и изјавата на австрискиот кабинет на канцеларот на прашање на весникот „Стандард" околу можна средба меѓу претседателот на САД, Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин во Виена. Од таму само штуро известија дека градот бил „место за дијалог". Заменикот канцелар на Австрија, Хајнц Кристијан Штрахе за руската телевизија Русија24 беше појасен: „Подготвени сме да помогнеме за одржување на една таква средба”.

Сепак, не е извесно дали дипломатската традиција на градот ќе може евентуалната средба меѓу Путин и Трамп да ја насочи во конструктивни води. Несигурност постои уште во однос на терминот на средбата. Секретарот за надворешни работи на САД, Мајк Помпео, за американската телевизија ЕнБиСи изјави дека советникот за безбедност на Трамп, Џејмс Болтон, наскоро лета за Москва за да разговара околу средба на двајцата претседатели. Трамп ќе се сретне со Путин „на кратко време по разговорите" изјави Помпео.

Кога точно ќе се одржи средбата, засега е отворено прашање. Веројатно ќе биде непосредно пред или по претстојниот НАТО- самит во Брисел што ќе се одржи на 11. и 12.јули. Но, засега тоа не е потврдено.

Ако се одржи пред самитот, партнерите од НАТО би можеле да го доживеат тоа како контрирање. Но, дури и да биде средбата по самитот, на сојузниците на САД би можела да им биде само во тој случај пријатна ако Трамп ја искористи за да постави со партнерите заедничка позиција во однос на Путин. По досегашното искуство судејќи, тешко дека може да се смета со сигурност на такво нешто.

Litauen - Putin-Trump-Graffiti
Безгранична спонтаност? Графити за Трамп и Путин во ВилнусФотографија: picture alliance/dpa/M. Singer/K. Ruke

На маса со Путин

Претседателот на САД очигледно игра на картата на своето влијание како личност. Тоа пак во интервју за американската телевизија ФОКС го опиша по повод самитот на Г7 со следните зборови: „Кога Владимир Путин би седел на маса до мене…, би можел да го прашам дали може да ми направи една услуга? Би се повлекле ли од Сирија? Би можеле ли да ми направите услуга и да се повлечете и од Украина? Не би требало да сте таму. Дајте си поттик."

Самодовербата на Трамп во влијанието на неговата личност во американските медиуми беше примена со запрепастување. Повлекувањето на Русија од Сирија и Украина да се смета за„"услуга" би било „повеќе од наивно", пишува онлајн магазинот „Слејт": „Нарцистички е и потенцијално опасно". Исто без допирна точка со реалноста ја сметаат и тезата на Трамп, дека Русија била изолирана од кругот на Г7 поради тоа што неговиот претходник, Обама, „не го сакал” Путин.

повеќе: Самит на Г7: Парализирани светски кормилари

Задршки кај советниците

Очигледно спонтаните изуми на Трамп би можеле на релацијата со Путин и со тоа и со Русија да ѝ дадат нова насока која не се поклопува со правецот што го држат неговите министри. „Путин се обидува да ја разбие НАТО алијансата", изјави кон средината на месецов државниот секретар за одбрана на САД, Џејмс Матис. „Тој се обидува да ја намали атрактивноста на западниот демократски модел и да го поткопа американскиот морален авторитет."

Загриженоста дека Трамп би можел таквите задршки да ги остави на страна, доби нов поттик по средбата со севернокорејскиот диктатор Ким Јонг Ун. Вообичаено средбите на двајца лидери се подготвуваат во детал на највисоко надворешнополитичко и дипломатско ниво. На американска страна тоа при оваа средба не се случи.

G7 Gipfel Kanada Gruppenbild
Трамп на средбата на Г7 во КанадаФотографија: Reuters/ Y. Herman

Путин знае што сака"

Неговата спонтаност го разликува Трамп од неговиот потенцијален соговорник во Виена. „Путин доаѓа исклучително подготвен на таквите средби", го цитира американскиот магазин „Политико" поранешниот амбасадор на САД во Русија, Мајкл Мек Фол. „Тој знае што сака да постигне."

Путин важи за искусен преговарач кој интуитивно ги препознава силните и слабите страни на соговорникот. На тоа потоа ја гради неговата тактика. Најголемата слабоста на Трамп според „Политико" е неговата подложност на пофалби. Ако Путин го погоди во таа точка, Трамп би можел да каже нешта тотално спротивни на она што го советуваат неговите луѓе.

Повеќе: 

Може ли НАТО да ги запре и Русија и радикализацијата?

„Трамп нема стратегија во Сирија“

На Путин пак, веројатно ќе му се доволни и само неколку убави фотографии со Трамп. Тие, претпоставува „Политико", би можеле да му помогнат да даде попријателска конотација на неговите политички приоритети, како анексијата на Украина, поддршката за сирискиот диктатор Башар Ал Асад и на неговиот обид да го намали влијанието на НАТО.

Litauen, NATO Militärübung im Baltikum
Путин се обидува да ја разбие НАТО алијансата, изјави државниот секретар за одбрана на САД, Џејмс МатисФотографија: picture-alliance/M.Kulbis

„Од малиот притисок би можело да настане бура"

За западните партнери на САД тешко предвидливата и тешка за контролирање средба, крие значителни потенцијални ризици. Американско-европските релации се веќе оптоварени со неколку конфликти, како воведувањето на казнените царински давачки, планираниот Северен поток 2, дебатата за трошоците поврзани со НАТО. „Можно е од овие точки да настане бура која би нанела значајни штети од обете страни на Атлантикот", пишува политикологот Марко Оберхаус од берлинската Фондација за наука и политика.

Ако Путин и Трамп се зближат во Виена, Трамп тоа би го сфатил како дополнителен повод за пријателски гестови спрема Русија, што Европејците би ги ставило под дополнителен притисок. Путин, кој во март беше реизбран, во моментов има малку причини да биде внимателен со Европа. „Путин профитира од провокациите спрема Западот и ќе ги користи и натаму заради внатрешно зацврстување на власта", пишува експертот за Русија, Штефан Мајстер, за Германското здружение за надворешна политика.

За Европејците е најважно на можната средба меѓу рускиот и американскиот претседател да се избегне колку што е можно повеќе спонтаност.