1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самит на Г7: Парализирани светски кормилари

Торстен Тајхман (ард)
9 јуни 2018

Ќе има ли завршно коминике од самитот на Г7 во Канада и како тоа ќе изгледа? Одговор на ова прашање нема ни по завршувањето на првиот ден од самитот на големите и моќните.

https://p.dw.com/p/2zCST
G7 Gipfel in Kanada Familienfoto
Фотографија: Reuters/Y. Herman

„Мислам, дека ќе има завршна декларација“, рече американскиот претседател Доналд Трамп по средбата со канадскиот премиер Џастин Трудо. Цела ноќ преговарачите на државите на Г7 се обидуваат да го формулираат заедничкиот текст.

Од француската делегација на самитот се вели дека САД и Европа сакаат да почнат нови разговори за трговската политика. По средбата со францускиот претседател Макрон, Трамп имаше помирлив тон: „Покажуваш многу храброст, работиш исправно. Не е лесно, но работиш исправно. Франција е прекрасна земја и вие имате посебен претседател. Благодарам“, рече американскиот претседател.

Според Трамп, сите страни се подготвени за согласност. На работните средби од првиот ден на самитот, меѓутоа, стана јасно пред сѐ колку сојузниците се оддалечени едни од други, особено во делот на трговските прашања.

Шест држави ги презентираа своите бројки, а Трамп ги претстави своите. Се вели дека не направил отстапки. Во суштина, Трамп смета дека економијата е антагонистичка игра на „нулта сума“. Трговскиот дефицит на САД тој го сфаќа како отворена сметка на другите држави кај САД.

G7 Gipfel in Kanada Trump und Merkel
Меркел сака проблемите да се наречат со нивното вистинско имеФотографија: Reuters/Y. Herman

Канада, Јапонија и Европејците на работите гледаат поинаку. Тие разлики мора да „се наречат со вистинското име и да се работи на нивно надминување“, уверена е германската канцеларка Ангела Меркел. „Не треба да се правиме како сѐ да е во ред“, изјави таа.

Самитот на Г7 почна со уште еден страничен удар од Вашингтон. Трамп побара Русија повторно да биде примена во друштвото на големите и моќните. Италијанскиот премиер Конте на Твитер напиша дека би го поздравил враќањето на рускиот претседател Путин во кругот на најважните индустриски нации.

Повеќе: Г7 - застарен модел?

Во разговорот со неговите европски колеги потоа за такво нешто очигледно веќе не станало збор: „На средбата на Европејците улога играше и темата Русија. Единствени сме во ставот дека враќање на Русија во форматот Г7 нема да се случи сѐ додека не биде постигнат суштински напредок во однос на проблемите во Украина. Тоа беше заеднички став“, рече германската канцеларка Меркел.