1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп им објави војна на социјалните мрежи

БГ /АП
28 мај 2020

Откако неколку дена се закануваше, претседателот на САД вечерва потпиша извршна одлука со која бара да им се одземе правниот имунитет на социјалните мрежни гиганти како Фејсбук и Твитер за содржината која ја објавуваат.

https://p.dw.com/p/3cw1G
Donald Trump
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/E. Vucci

Доколку одлуката се примени, тоа ќе значи дека Фејсбук, Твитер и многу други социјални мрежи ќе бидат подложни на тужби за содржината која ја објавуваат како и на зголемена владина регулација. Трамп- кој неделава се налути откако администраторите на Твитер означија негов твит со линк за проверка на факти- изјави дека регулацијата е потребна затоа што овие компании повеќе не се неутрални форуми туку се ангажираат во „политички активизам“.

Со тоа Трамп ја ескалираше војната против социјалните медиуми, одземајќи им ја правната заштита која служеше како основа за слободен говор на интернет.
Трамп се потпира на Твитер за вербални напади кон своите противници, иако и досега повеќепати ги обвинуваше технолошките гиганти дека ги поддржуваат либералите. 

„Доста ни е од тоа“, рече Трамп, дополнувајќи дека одлуката ќе ја одржи слободата на говорот.
Со одлуката се бара од агенциите на извршната власт да побараат од независните тела како Сојузната комисија за комуникации и Сојузната комисија за трговија да испитаат дали можат да наметнат нова регулатива за компаниите. Сепак, експертите се сомневаат дека такво нешто може да мине без одобрение на Конгресот.

Компаниите како Твитер и Фејсбук имаат правен имунитет затоа што се третираат како „платформи“, а не како „издавачи“ кои пак можат да се соочат со тужби заради објавената содржина.
Експерти веруваат дека најновиот обид на Трамп сугерира дека тој е повеќе воден од политички интерес, а не од желба да се воведе нова регулатива. Професорот по медиуми на Универзитетот Ругерс во САД, Џон Павлик вели дека со обидот да ги застраши платформите сега, Трамп се обидува да ја преземе контролата врз тоа како ќе се одвива онлајн кампањата на претседателските избори наесен.