Трамп или Круз или можеби некој трет?
14 април 2016Останаа две реални варијанти да се реши републиканската трка околу кандидатите за претседател на САД. Или Доналд Трамп на преостанатите предизбори ќе го добие потребното мнозинство гласови од делегатите (1237), или- ако ниту еден од кандидатите не освои мнозинство- републиканскиот кандидат за Белата куќа ќе биде одреден дури на изборниот партиски конгрес. Можноста Тед Круз во финишот да го претекне Трамп и освои мнозинство од гласовите е веќе нереална.
Нема искуства со повеќе изборни кругови
Ако се оствари она што е најверојатно, резултатот и по првиот изборен круг ќе биде сосем неизвесен. Во тој круг поголемиот број од делегатите кои ги испратија сојузните држави се’ уште се обврзани да гласаат за оној кој победил во предизборниот натпревар во нивната сојузна држава. Покрај тоа, за првиот изборен круг можат да бидат номинирани само кандидати кои освоиле мнозинство во најмалку 8 сојузни држави. Но, со секој нареден изборен круг, тој принцип постанува помалку обврзувачки, така што мнозинството делегати веќе по третиот круг ќе можат слободно да одлучуваат за тоа за кого ќе гласаат.
Но, такво нешто се случува многу ретко: последниот републикански конгрес за номинација на претседателски кандидат на кој имаше повеќе од еден круг гласање е одржан во 1948. година, а последниот конгрес на кој главниот кандидат пред првиот круг немаше обезбедено мнозинство гласови од делегатите е одржан пред 40 години.
„Оваа година постојано имав погрешни прогнози, така што престанав да изнесувам предвидувања за тоа како ќе поминат овие избори“, вели Питер Фимен, член на Републиканскиот национален комитет од Флорида. Она што тој го знае е секако кому ќе му го даде својот глас на претстоечкиот конгрес: тоа е Доналд Трамп, кој победи убедливо на Флорида. „Морам така да гласам“, вели, „бидејќи такви се прописите на мојата партија. Дури по третиот изборен круг делегатите од Флорида смеат сами да одлучуваат“.
Калкулацијата на Кејсич
Том Рат ќе гласа за Џон Кејсич. Рат е лидер на кампањата на Кејсич во Њу Хемпшир. Кејсич е трет кандидат кој е уште активен во предизборната трка, а Њу Хемпшир е една од малубројните сојузни држави во кои тој победи. Цел на неговата кампања е, всушност, спречување на триумфот на Трамп во останатите сојузни држави.
Ако на конгресот дојде до втор или трет круг на гласање, тоа ќе биде шанса за Кејсич. Но, има и такви кои сметаат оти прогласување за кандидат на некој кој само во неколку сојузни држави освоил мнозинство во целост го обесмислил целиот повеќемесечен систем на изборите.
Ако има повеќе од еден круг гласање, многу важно ќе биде како точно ќе изгледаат правилата. Правилник постои, но една недела пред конгресот, се составува специјална комисија која го модифицира- ако е тоа потребно. Доколку ниту еден кандидат нема потребно мнозинство, токму тие модификации би можеле да бидат одлучувачки.
Поради тоа, сега зад кулисите веќе жестоко се расправа за изборот на делегати за тој конгрес, вели Џош Путнам, политиколог од Универзитетот во Џорџија: „Тие чекори се многу важни и за нив се размислува многу пред да дојде до изборите за кандидат за претседател на САД.“