Трамп го велича авторитаризмот
26 септември 2018Во неговото прво обраќање пред Генералното собрание минатата година, тогаш новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп се закани дека ќе уништи уште една земја членка на ОН, Северна Кореја. Во неговото второ обраќање пред светската организација во вторникот, Трамп не се закани дека ќе напаѓа друга земја членка на ОН. Наместо тоа, во тврдокорниот говор кој потсетуваше на неговото мрачно инаугурациско обраќање, тој ѝ се „пушти“ на целата меѓународна заедница и нејзините основни принципи на мултилатерализам и соработка. Во неговиот говор, Трамп во ОН ја претстави САД како најмоќната сила во светот, и како жртва која е експлоатирана од злобни надворешни сили, а тој се претстави како спасител. Една од овие злобни сили која е закана за добросостојбата и суверенитетот на САД,според Трамп, е глобалното владеење.
Национализам наместо глобализам
Одговорот на Трамп за лажните обвинувања меѓу мултилатерализам и замисленото преземање на САД од ОН типови е едноставен - и ништо ново: суровиот национализам преточен во слоганите на неговата кампања „Да ја направиме Америка повторно силна" и „Америка пред сѐ" која му помогна да победи на претседателските избори во Америка, ќе му помогне да го победи и наводниот напредок на глобалистите. Или со зборовите на Трамп: Америка е водена од Американци. Тие ја одбиваат идеологијата на глобализам. Додека клишето според кое Америка е водена од Американците и одбивање на она што тој го нарекува глобализам може да му донесе поени во изборна кампања во Канзас, тоа не може да има таков ефект и кај светските лидери собрани на Менхетен. Истото важи и за неговите фалби и всушност невистини во неговиот говор дека неговата администрација постигнала најмногу од било која администрација досега во американската историја. Поради ова на Генералното собрание на ОН со право беше соочен со потценување и непријатно потсмевање. Таква беше и реакцијата на германската делегација откако Трамп го прозва Берлин, тврдејќи дека Германија ќе биде целосно зависна од руската енергија ако не ја смени трасата на контроверзниот гасовод.
Русија е поштедена
Зачудувачки, тоа беше единствениот случај кога Трамп индиректно ја критикуваше Русија. Делувањето на земјата во Сирија? Мешањето во американскиот изборен процес? Труењето на поранешен руски шпион во Велика Британија? Нападите врз активисти за човекови права и новинари?
Ништо од сето тоа не беше споменато во говорот на Трамп, кој инаку ја напаѓа цела меѓународна заедница, но и традиционалните трговски партнери на Вашингтон, групата земји од ОПЕК. Тој дури и Кина и Иран не ги изостави од критиката, но куриозитетно е што Русија остана поштедена.
Русија би можела да биде сметана за јасен победник по говорот на Трамп, како што и авторитарните лидери генерално. Со неговите забелешки пред ООН, претседателот на најмоќната земја во светот даде зелено светло за лидери со авторитарен стил и за сите силеџии да следат каква и да е цел замислена во нивни национален интерес и да не се грижат за упорни мешања на ООН или пак други агенти на глобализацијата. Една година по истапувањето на САД од клучни меѓународни договори како на пример Атомскиот договор со Иран и Парискиот климатски договор, земјата ги напушти и телата на ООН како Унеско и Советот на ООН за човекови права, Трамп се претстави под плаштот на суверенитетот како квази пример што може да го следат и други лидери.
Повеќе:
Трамп се испофали, а Макрон го искритикува
Трамп - спасител на слободната трговија?
Заобиколување на пристојноста
Говорот на Трамп исто така потцрта дека неговата администрација е сериозна што се однесува до повлекувањето на Вашингтон како водечки мултилатерален играч и наместо тоа фаќа курс воден исклучиво од националистички побуди. Ништо друго толку не го доловува менталитетот на претседателот дека „ако не добива, губи” кој е сржта на сѐ што тој прави, колку изјавата на Трамп дека во иднина американските долари за помош ќе се одлеваат само во пријателски земји. Тоа не е само политички многу кратковид потег кој ја минира позицијата на Вашингтон како глобален лидер, туку е и исчезнување на човечката гордост.
Ако воопшто има нешто позитивно во говорот на Трамп, и тоа со големо „ако”, тогаш можеби е тоа што други демократски земји од меѓународната заедница сфатија дека сѐ додека овој претседател не си замине од Белата куќа ќе треба да се обидат да го пополнуваат вакуумот што настана по повлекувањето на Вашингтон.
Тоа е сосема можно, бидејќи Трамп на меѓународно ниво ја изолираше неговата земја. Претседателот и неговите политики се непопуларни во големи делови од светот. Тоа се покажа и во вторникот според реакциите на неговиот говор. Но, не е доволно да не им се допаѓа Трамп. Ако меѓународната заедница не сака светски поредок во кој само силните земји имаат збор, мора да ги заштити телата како ООН.