Макрон ја искритикува политиката на Трамп
26 септември 2018Доналд Трамп својот втор говор пред ОН го искористи за обемни самопофалби и жестоки удари кон своите политички противници. Иран го нарече „коруптивна диктатура“, обвинувајќи го неговото раководство за ширење хаос, смрт и разорување, непочитување на границите на соседите, и ги повика државите од светот да извршат изолација на „иранскиот режим“.
Иранскиот претседател Хасан Рохани, кој на говорницата на Генералното собрание на ОН застана неколу часа по Трамп, енергично контрираше. Трамп се однесува спротивно на сите глобални правила, „апсурдно и ненормално“, не криејќи го дури ни својот план да ја урне владата во Техеран, која истовремено ја кани на разговори, истакна Рохани, за кого американските санкции се форма на економски тероризам. Рохани отиде во говорот уште подалеку против Трамп, истакнувајќи дека е штета што постојат лидери убедени дека ќе успеат своите интереси да ги спроведат преку екстремистички национализам, проследен со расизам и ксенофобиски тенденции, налик на нацистичките убедувања.
Францускиот претседател Емануел Макрон во своето обраќање инсистираше прашањето за Иран да се реши по пат на дијалог и мултилатеризам.Со поглед кон новите санкции на САД против Иран, Макрон додаде: „Би било од корист за цената на нафтата во светски рамки, доколку Иран може да ја продава својата нафта“, а потоа премина кон остра пресметка со политиката на претседателот Трамп, „Америка на прво место“, без да го спомене неговото име. За својот пламен говор против изолационизмот и национализмот, францускиот претседател пожнеа аплаузи. Макрон повика и на задржување на Парискиот договор за климата како предуслов за новите трговски договори. „И оние кои ја негираат реалноста, ќе страдаат од нејзините последици, исто како и сите ние. Да престанеме да склучуваме трговски договори со земјите - непочитувачи на Парискиот договор“, побара Макрон.
Со Парискиот климатски договор во декември 2015. година 195 држави се согласија на ограничување на затоплувањето на Земјата преку ефектот на стаклена градина од најмалку два степена Целзиусови во однос на предииндустриското време. Американскиот претседател Доналд Трамп меѓутоа подоцна најави повлекување на САД од Парискиот договор, и истапување од Атомскиот договор со Иран, како и од неколку трговски договори со партнери во светот.