1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тачи се надеваше дека Вашингтон ќе го спаси

Немања Рујевиќ
25 јуни 2020

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ објавува делови од последното необјавено интервју со Хашим Тачи пред откривањето на обвинението за воени злосторства. Шанса за нов почеток на Косово, оценуваат други медиуми.

https://p.dw.com/p/3eLUo
Richard Grenell und Hashim Thaci
Фотографија: Office of the President of Kosovo

Новинарот на Франкфуртер алгемајне цајтунг Михаел Мартенс минатата недела разговарал со косовскиот претседател Хашим Тачи во пресрет на најавената средба со српскиот колега Александар Вучиќ во Вашингтон. Интервјуто требаше да биде објавено денеска. Во среда, тој разговор доби сосема нова димензија откако беше објавено дека Тачи заедно со уште десет поранешни припадници на ОВК е обвинет за воени злосторства од обвинителството во Хаг.
„Тачи со месеци критички се изјаснува за Европската унија, а истовремено не пропушта можност да го пофали американското раководство на чело со Доналд Трамп и неговиот специјален пратеник за Балканот, Ричард Гренел“, пишува ФАЦ.
„Западните дипломати во Приштина веќе долго се сомневаат дека тоа би можело да значи дека Тачи се надева на американска заштита- со поставувањето како неопходен партнер кон Вашингтон, Тачи наводно сакал да ја придобие американската политичка поддршка за да избегне обвинување за воени злосторства. Доколку тоа навистина била неговата цел, сега е помрсена“, се наведува во текстот.
Сега е познато дека Тачи се врати од Вашингтон, а учеството го откажа и косовскиот премиер Авдулах Хоти. Во разговорот за ФАЦ, Тачи повторно ја критикува ЕУ и ја фали Белата куќа:
„Американците повторно докажуваат дека можат да делуваат побрзо, попрецизно и поефикасно од европејците. Затоа американското водство е нужно за Србија и Косово да ги надминат своите конфликти. Доколку за нашите земји има светло на крајот на тунелот, тогаш тоа доаѓа од Вашингтон“, ќе изјави Тачи.
Швајцарскиот Ноје цирхер цајтунг потсетува дека „можеби најважниот заговорник на правното соочување“ со тие случувања е швајцарскиот либерален политичар Дик Марти.
„Тој во 2010 објави извештај за наводните злосторства на припадниците на ОВК. Таму, меѓудругото, се споменуваат етнички прогони, егзекуции и трговија со органи од воените заробеници. Марти смета дека најодговорен за тоа е Хашим Тачи“, пишува НЦЦ.
Весникот наведува дека Тачи секогаш бил противник на Специјалниот суд воспоставен пред пет години за да ги расветли злосторствата на ОВК, а Судот е сместен во Холандија токму за да се заштити од притисоци.
„Обвинението против Тачи доаѓа во политички турбулентни времиња. Во март падна владата на Албин Курти по помалку од два месеци, што ја воведе земјата во тешка политичка криза. Тачи од заднина играше важна улога во уривањето на Курти“, пишува НЦЦ.
Во анализа на Швајцарската радио-телевизија (СРФ) се вели дека обвинението против Тачи го става Косово во крајно тешка позиција, но „може да биде шанса за историски пресврт“.
„Доколку специјалниот суд за Косово во Хаг на крајот го осуди Тачи, тоа би го отворило патот за нов почеток. За нов претседател кој не ги урива демократски избраните влади со трикови“, пишува СРФ.
„Тогаш можеби и на Косово би можел да преовлада ставот дека човек со сомнителен имиџ како Тачи- без разлика на заслугите- не е подобен да биде шеф на една европска држава која себеси се нарекува демократска“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема