Тачи против посебен Трибунал за воени злосторства за Косово
3 март 2014Реагирајќи на извештаите во медиумите за идејата на меѓународните претставници на Косово за формирање на Трибунал, кој би ги истражувал воените злосторства на територијата на оваа земја, косовскиот премиер Хашим Тачи изјавил дека е против основањето на посебен Трибунал за Косово.
Во изјава за агенцијата Косово Прес, Тачи ја отфрлил идејата за формирање на ваков Трибунал, потенцирајќи дека Косово има свои правни институции и дека поради ова нема потреба за формирање на едно вакво тело.
Од друга страна пак, странскиот фактор сака основање на Трибунал до јуни, и тоа надвор од Косово, пишува весникот „Коха диторе“. Јуни е терминот кога Специјалната единица за истрага на обвинителот Клинт Вилијамсон ќе ја заврши својата работа во Косово и ќе може да покренува обвиненија според косовските закони.
Кога ќе дојде време за ова, неопходно е постоењето на еден суд во кој ќе може да се покренуваат овие обвиненија, и општиот став е дека тоа не треба да се изврши во некој локален суд туку дека треба да се основа посебен суд, а тоа ќе биде Трибуналот, изјавил за „Коха диторе“ висок меѓународен претставник.
Покрај барањата за основање на Трибуналот, исто така има и барање неговото седиште да биде надвор од Косово, наведува косовскиот весник.
Меѓународни дипломатски извори тврдат дека инсистирањето судското тело да биде надвор од Косово, е мотивирано поради тоа што во случај на покренување на одредена постапка, сведоците би биле исплашени да сведочат, заклучува „Коха диторе“.