1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Таму каде премиерот го викаат „Пуџи“

Николас Мартин
18 октомври 2017

Карлес Пуџдемон е централна фигура на каталонската желба за независност. ДВ беше во посета на Амер, неговото родно место, каде го слават како јунак.

https://p.dw.com/p/2lufj
Spanien Amer Geburtsort von Carles Puigdemont
Фотографија: DW/N. Martin

„Додека беше млад, овде некогаш и помагаше“, вели една жена во пекарницата. „Pastisseria Puigdemont" од 1928 година, пече леб, колачи и кроасани во Амер, на 120 километри североисточно од Барселона. Пекарницата уште е во приватна сопственост. Жената зад продажниот пулт има роднина кој моментно е најпопуларен ширум светот: Карлес Пуџдемон, контроверзниот шеф на каталонската влада. Тој е роден во 1962 година во Амер, каде и израснал. Таа не сака да зборува ништо за „Пуџи“, како што мештаните нагалено го викаат.

Spanien Amer Geburtsort von Carles Puigdemont
Амер, место со 2.300 жителиФотографија: DW/N. Martin

Во Амер живеат 2.300 луѓе, а 97 проценти од жителите со право на глас се изјасниле за независност на Каталонија. „Горди сме на него“, вели 39-годишната наставничка по биологија Ана и додава: „тој ги застапува нашите интереси. Конечно, ја сакаме нашата независност.“ Ана не сака да се фотографира: „Подобро не. Често в уста ни стававте работи кои не сме ги рекле“, вели Ана, алудирајќи на владата во Мадрид. Жауме, кој заедно со пријателите со мотоцикли стигнал во Амер, исто така сака да остане анонимен. „Доста ни е од диктатура“, вели тој, „Пуџдемон е многу храбар“.

Салвадор Клара е заменик-градоначалник и на споменувањето на името на Пуџдемон, очите му засветкуваат. Карлес му е школски другар, заедно го доживеале преминот од Франковата диктатура во демократија и двајцата со своите 14 години сфатиле дека во лошиот однос кон Каталонците, ништо не се променило. 

Spanien Amer Geburtsort von Carles Puigdemont
Салвадор Клара, школски другар на ПуџдемонФотографија: DW/N. Martin

„Независноста отсекогаш беше негова цел“

Неговиот школски другар отсекогаш бил за независност на Каталонија: „Во училиште беше член на група чија единствена цел беше отцепување од Шпанија“. По завршеното средно училиште, патиштата им се разделиле: Клара заминал на студии во Барселона, а Пуџдемон во 25 километри оддалечениот град Жирона. Таму студирал филозофија, бил новинар во каталонски весник, во кој подоцна ја вршел должноста на главен и одговорен уредник. Потоа ја основал официјалната каталонска новинска агенција. Пуџдемон од 2011 до 2016 година бил градоначалник на Жирона. Откако бил избран за шеф на каталонската влада, изјавил: „Нема време за кукавици“.

„Верен им е на пријателите. Интелигентен е, одличен говорник и човек на 21. век“, одговара Клара на прашањето: зошто Пуџдемон сака да им помогне на Каталонците да станат независни. Агресијата доаѓа од Мадрид. „Плачевме кога ги гледавме сцените за време на референдумот, кога ги напаѓаа бирачите“, вели Салвадор и покажува фотографии на својот мобилен телефон. На нив е со другар му Карлес: за време на студирањето и пред неколку месеци, при неговата посета на парламентот во Барселона. Неговите очи повторно сјаат.  „Тој е претседател кој ќе го исполни колективниот сон на бројни генерации.“

Spanien Amer Geburtsort von Carles Puigdemont
Нури Солер ја мачат грижи за иднинатаФотографија: DW/N. Martin

Во една од споредните улици среќаваме жена во игра со нејзиниот осумесечен син. Нури Солер од Жирона дошла во Амер во посета на роднини. Пуџдемон со сопругата и две ќерки исто така живее во Жирона. Мнозинството гласачи во овој град исто така гласало за независна Каталонија. „Секако, горди сме на човекот од нашиот регион, кој ги зема работите во свои раце. Ниеден претседател не постигнал толку многу.“

„Тој заслужува поголемо почитување“, смета 35-годишната Нури Солер. Кај неа постои загриженост поради постапките кои би можела да ги преземе владата од Мадрид, доколку Каталонците вистински прогласат независност.  „Се надевам дека сето ќе се реши со дијалог“,  вели Нури, вртејќи го погледот кон нејзиниот син.