1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каталонија: Кочењето беше неопходно

Мариа Сантасесилиа
11 октомври 2017

Каталонскиот претседател прогласи независност и веднаш направи чекор назад. Разумен чекор и понуда која централната влада во Мадрид не би требало да ја отфрла, оценува Мариа Сантасесилиа.

https://p.dw.com/p/2lcHI
Spanien Parlament in Barcelona Carles Puigdemont
Фотографија: Getty Images/D. Ramos

Очекувањата од настапот на Карлес Пуџдемон беа огромни. Енормен беше и притисокот на кој беше изложен претседателот на Каталонија во последните денови. Одлагањето на почетокот на парламентарната седница се должеше на разговорите во последна минута со левичарскиот коалиционен партнер во каталонската влада, чија радикална база потоа говорот го оцени како „неприфатливо предавство“.

Говорот на претседателот на „Генералитат да Каталуња“ (системот на институции преку кој се организира автономната власт во Каталонија, н.з.) остана доследен на линијата на аргументирање на Пуџдемон од последните месеци. Дури и ги надмина тие рамки кога, расположен за напад, оцени дека најновото отселување на претпријатијата од Каталонија „нема да имаат големи последици“ врз економската сила на регионот.

Поглед назад и напред

Kommentarbild Maria Santacecilia
Фотографија: Privat

Пуџдемон во својот говор потсети на „понижувањата“ кои неговиот регион морал да ги истрпи од шпанската држава во последните 15 години: уставните промени за чувствителни прашања во однос на автономниот статус од 2006 година, спротивставувањето на централната влада на одржување референдум за независност на Каталонија, казнени мерки против оние кои само сакале одржување референдум за независност на Каталонија на 9 ноември 2014 година и конечно - примена на насилство од страна на шпанските полициски сили во текот на референдумот на 1 октомври. И покрај тоа што резултатите од гласањето се добиени во услови спротивни на закон, Пуџдемон опстојува на ставот дека референдумот е легитимен и прогласи независност на Каталонија како независна република. Непосредно по ова прогласување, тој ја стави независноста „на чекање“ и повика на дијалог.

Дијалогот како шанса

Многу луѓе во Каталонија се разочарани од ваквото кочење во место на Пуџдемон, но тоа, со оглед на околностите, беше најразумното нешто што тој можеше да го направи. Ако опстоеше на курсот на конфронтација, тоа ќе значеше пат кон бездна со непредвидливи последици за регионот. Пуџдемон даде нова шанса за дијалог која владата на премиерот Маријано Рахој не би требало да ја остави неискористена. Вкопан на својата линија на законскиот фронт, шпанскиот премиер досега не се помести ниту милиметар во насока на преговори. Но, по сликите од 1 октомври, Европа и светот со загриженост гледаат на конфликтот - Рахој мора да се придвижи кон политичкото поле и да почне да преговара со Каталонија.

Шпанците од својот премиер очекуваат повеќе отколку само да се крие зад Уставот. Во моментот кој, по повеќедецениска демократија, е од одлучувачко значење за Шпанија, Рахој мора да покаже поголема подготвеност за дијалог и да докаже дека неговата влада е способна да води политика достојна на позицијата што ја има Шпанија во Европската Унија.