1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Судир меѓу САД и Русија во ОН поради Иран

ЖА / агенции
6 јануари 2018

На вонредната седница на Советот за безбедност на ОН за протестите во Иран, САД и Русија влегоа во отворен конфликт. Русија го обвини Вашингтон за водење интервенционистичка политика.

https://p.dw.com/p/2qQOA
USA New York UN Sicherheitsrat Treffen zu Iran
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Altaffer

САД иницираа вонредна седница на Советот за безбедност на ОН по повод  антивладините протести во Иран.  Американската амбасадорка во Њујорк, Ники Хејли, предупреди дека немирите можат да прераснат во поголем конфликт, повлекувајќи паралели со сириската војна. „До раководството во Техеран е упатено предупредување: светот ги следи вашите постапки“, истакна Хејли, симпатизирајќи со демонстрантите: „Ова е импресивна илустрација за храброста на луѓето, сити од нивната репресивна влада, спремни со протестите да го ризикуваат сопствениот живот.“

Москва го обвини Вашингтон за вмешување во внатрешните работи на Иран, аргументирајќи дека Советот за безбедност не е соодветно тело за дискутирање за протестите, со оглед што со нив не се загрозува мирот и безбедноста во светот. Рускиот амбасадор Васили Небенсиа го критикуваше Вашингтон за залудно трошење на енергијата на Советот за безбедност.

„Секако, жалиме за смртните случаи предизвикани од демонстрациите, кои не протекуваат сосем мирно, но да го оставиме Иран самиот да си ги реши проблемите“.

По истата логика, Советот за безбедност на ОН ќе требаше да се зафати и со немирите во 2014 година во американската сојузна држава Мисури, чиј повод беше убиство на млад црнец од страна на полицијата, рече Небенсиа.

USA UN Sicherheitsrat Treffen zu Iran
Контра позиции: рускиот амбасадор Васили Небенсиа (свртен со грбот) и американската амбасадорка, Ники ХејлиФотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Altaffer

Критика за свикување специјална седница на Советот за безбедност изрекоа и други членки, рускиот амбасадор доби поддршка на пример од Боливија и Етиопија. И според кинескиот заменик-амбасадор во Њујорк, Ву Хаитео, Советот за безбедност на ОН нема надлежност да расправа за ситуацијата во Иран, со оглед што таа не претставува закана за регионалната стабилност. Воздржаност демонстрираа и Шведска и Кувајт. Велика Британија и Франција пак повторно потенцираа да се почитуваат правата на демонстрантите, иако и нивна оценка е дека протестите во Иран не се закана за светскиот мир.

Повеќе на темата: 

Иран - поддршка и осуда од странство

Иранците сакаат промени

Иранскиот амбасадор во ОН, Голамали Хошро ја осуди вонредната седница како фарса и губење време, посебно во период на постоење такви кризни жаришта во светот како Блискиот исток и Јемен.

Протестите во Иран започнаа на 28. декември во градот Машад и за само неколку дена се проширија низ целата земја. Во насилните судири со силите за безбедност се убиени 21 лице. Додека антивладините демонстрации стивнуваат, иранското водство, почнувајќи од средата, ги мобилизира своите приврзеници на контрапротести.