Иранците сакаат промени
2 јануари 2018Таложењето на економски, социјални и политички проблеми може да води кон бунт, предупредуваат бројни експерти најмалку од пред две години. Алармирачките предвидувања сега се обистинија-притисокот на мизеријата ги изведе луѓето на улиците.
Последиците на четиридецениското постоење на Исламската Република се следните: преку 40 проценти од околу 80-те милиони жители живеат под релативната граница на сиромаштија, во некои селски области процентот изнесува дури 60 до 70 насто. Најмалку единаесет милиони луѓе во сламови во близината на големите градови повеќе преживуваат отколку што живеат. Преку една четвртина од младите луѓе меѓу 15 и 24 години се без работа, истото важи и за оние со завршен факултет.
Богатството понира
Притоа, Иран е богата земја. Во текот на осумгодишниот мандат на претседателот Махмуд Ахмадинеџад (2005 до 2013 година) Иран од извоз на нафта оствари речиси 700 милијарди долари. Парите сигурно не беа употребени за сузбивање на сиромаштијата и невработеноста, туку голем дел беа инвестирани во религиски и идеолошки институции, кои се тесно поврзани со државата и со кои се штити системот. Огромни суми се вложени во атомската и ракетната програма. Милијарди долари се потрошени во поддршка на режимот на Башар ал Асад во Сирија, сличното важи и за Хезболах, Либан, шиитските единици во Ирак и бунтовниците Хути во Јемен.
Паралелно со тоа во Иран во состојба на статус кво се илјадници развојни проекти, за нив едноставно нема средства. Ако само еден минимален дел од парите потрошени во странство беше употребен за овие проекти, многумина денес безработни млади луѓе ќе имаа работно место.
Повеќе на темата:
Кризата во Иран ескалира, Рохани призна грешки
Смрт во арапското задно двориште
Нов врв во битката за превласт меѓу Саудиска Арабија и Иран
Рохани разочара
Во текот на претседателската изборна кампања во 2013 година, кога нуклеарната криза достигна кулминација, Рохани настапи со паролата: „Треба да се вртат центрифугите, но и тркалото на животот“. Тој вети решавање на нуклеарната криза со Запад и на секојдневните грижи на луѓето.
Рохани успеа да најде разумно решение за атомската криза, но не постигна вредно да се спомене подобрување на економските и егзистенцијалните проблеми на луѓето. Причините се повеќеслојни: иранската подржавена и во висока мерка неефикасна економија, отсуство на поддршка на верскиот водач, ајатолахот Хаменеи на нуклеарниот договор, победата на Доналд Трамп во САД, европското колебање во соработката со Иран и растечките регионални напнатости, посебно со Саудиска Арабија, придонесоа за влошување на ситуацијата. Рохани не ги исполни ветувањата.
Расте револтот
Актуелните протести започнаа како економски барања, но брзо се транссформираа во политички. Луѓето првично демонстрираа против покачените цени и против владата на Рохани, но брзо се постави и прашањето за системот. Народот целосно ја загуби довербата во државните институции, што е и една од причините за брзото раширување на демонстрациите, како и нивно прераснување во насилни судири.
Мешавината од сиромаштија и невработеност од една страна и загубената доверба во владата и нејзините институции од друга страна недвосмислено се подлогата за протестите. Но, демонстрациите траат само неколку дена, главен актер е сиромашното население во градовите. Политичките и културни влијателни дисиденти досега не се вклучени. Владата може да ги потисне протестите со примена на сила, особено ако ним не им се придружат натамошни делови од незадоволното иранско општество. Тоа би значело краткорочна победа на воените кругови и конзервативните хардлајнери. Но, тоа нема ништо да промени во растењето на незадоволството и натамошното нараснување на силите кои бараат промени, тие секој ден ќе јакнат.
Коментаторот на Дојче веле има иранско потекло. Стравувајќи од репресалии, не објавуваме негова фотографија и употребуваме негов псевдоним.