1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови права

Извештај на Стејт департментот за човековите права

ДТЗ
13 април 2022

Во извештајот се посочува дека Владата презела чекори за кривично гонење и казнување на функционери поради корупција.

https://p.dw.com/p/49uGY
US-Außenministerium
Фотографија: Tim Brakemeier/dpa/picture alliance

Американскиот Стејт департамент го објави извештајот за човековите права во Северна Македонија за 2021 година, во кој се наведуваат случаи на несоодветно однесување и лоши услови во затворите, закани против новинари, родово и семејно насилство, а се нотираат и случаите на „сериозна владина корупција“ во кои беа вмешани високи функционери. Стејт департментот посочува дека Владата презела чекори за идентификување, истрага, кривично гонење и казнување на функционерите кои извршиле злоупотреба или учествувале во корупција.

Организацијата се повикува на кредибилни извештаи кои посочувале на нечовечки и понижувачки услови и пренатрупаност во некои затворски одделенија, за насилство и закани за насилство врз новинари, случаи на сериозна владина корупција, недостаток на одговорност за родово и семејно насилство и за злосторства кои вклучуваат насилство и закани за насилство насочени кон лезбејки, гејови, бисексуалци, трансродови лица, квир или интерсексуални лица.

Во однос на парламентарните избори кои се одржаа во 2020 година, во извештајот се посочува дека тие биле спроведени генерално ефективно во услови на прилагодувања како одговор на пандемијата со Ковид-19. „Но, правната стабилност била поткопана со суштинските ревизии на изборниот законик и последователните ад хок регулативи донесени за време на вонредната состојба“, се вели во извештајот. 

Напади врз новинари

Големо внимание во извештајот се посветува на слободата на изразување, како и на одговорот на органите на прогонот и судските органи на случаите на насилство и заплашување на новинарите.  „Во текот на годината имаше случаи на физичко насилство, наводни закани и малтретирање на новинари“, се вели во извештајот. 

„Уставот предвидува слобода на изразување, вклучително и за членовите на печатот и другите медиуми, а Владата генерално го почитуваше ова право. Според Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), сепак, одговорот на органите на прогонот и судските органи на случаите на насилство од трета страна и заплашување на новинари бил бавен и неефикасен“, се додава во документот. 

Заклучно со 20 септември, Јавното обвинителство Скопје разгледало 17 кривични пријави за закани и физички или онлајн напади врз новинари. Обвинителите утврдиле дека три од тие претставки заслужуваат дополнителни обвинителски истраги, а три се упатени до МВР поради квалификување како прекршоци. Останатите 11 не заслужуваат обвинителска проверка поради недостиг на докази за криминално однесување. Заклучно со 25 август, Советот примил 95 поплаки за неетичко известување и лажни вести, што е за 10 отсто помалку во споредба со истиот период во 2020 година. Повеќе од 90 отсто од поплаките се поврзани со неетичко известување.

US-Außenministerium
Големо внимание во извештајот на Стејт департментот се посветува на слободата на изразување, како и на одговорот на органите на прогонот и судските органи на случаите на насилство и заплашување на новинаритеФотографија: AFP/Getty Images/J. Richards

Полициска бруталност

Во извештајот се посочува налоши услови во затвори, но и на извештаи за прекумерна употреба на сила од страна на полицијата и затворските чувари.

-повеќе на темата: Стејт департмент: Истрагите се одолговлекуваат – роковите се пробиваат

„Владата дејствуваше за да ги истражи и гони тие случаи. Единицата за професионални стандарди (ЕСС) на МВР извести дека во првите седум месеци од годинава постапила по 38 пријави кои се однесуваат на употреба на прекумерна сила од страна на полициски службеници. Одделението оцени дека шест од жалбите се неосновани, отфрли 30 поради недоволни докази, а две потврди. Во последните два случаи, ПСУ поднесе кривични пријави против двајца полициски службеници за „малтретирање при вршење на службата“, се вели во извештајот. 

И покрај физичките подобрувања во некои установи, Стејт департменто заклучува дека одредени објекти во затворот Идризово, во кој се сместени приближно 45 отсто од затворската популација во земјата, се дотраени, сериозно пренатрупани, а некои  од затворениците се изложени на нехумани и понижувачки услови. „Распространетата корупција на затворскиот персонал беше значаен проблем во затворскиот систем“, се вели во извештајот..