Стандард: Нема опасност од Голема Албанија, туку од Русија
13 март 2017Македонските националисти со денови тврдат дека албанските партии сакаат да направат „Голема Албанија“, пишува „Стандард“. Ваквите тврдења се поттикнуваат од руското министерство за надворешни работи, наведува весникот, и ги цитира последните соопштенија од Москва.
„Доколку ги прашате албанските политичари во Македонија, нештата изгледаат сосема поинаку. Ни потпретседателот на албанската партија Беса, Зеќирија Ибрахими, ниту шефот на ДУИ, Али Ахмети имаат каков било интерес за Голема Албанија, менување на границите или поткопување на уставните симболи. Тие сакаат само мирна промена на власта, затоа што социјалдемократите им нудат повеќе од досега владејачката ВМРО“.
„Ибрахими тоа го кажува јасно: 'За Голема Албанија нема поддршка од никого'. Тој е повеќе загрижен поради зголеменото мешање на Русија во македонската внатрешна политика. 'Моќта која ја има претседателот Иванов, ја има добиено од Москва'“.
„(...) Ова е првпат Русија да има толкаво влијание', вели Ибрахими. 'Русија ја користи кризата во Македонија за да ѝ создава проблеми на ЕУ'. Но зголеменото влијание на Русија им создава страв на Албанците. 'Затоа што Русија ја поддржува Србија, а тука сите се сеќаваат на војната на Косово'. Ибрахими смета дека решението на кризата не зависи од локалните политичари. 'ВМРО игра на тоа што знае дека администрацијата на Трамп има мал интерес тука'. 'Тие провоцираат дестабилизација'. Беса очекува поголем ангажман од Германија, затоа што ЕУ без Велика Британија е слаба. 'А слаба Европа, значи силна Русија'“.
Во изјава за „Стандард“, поведението на Иванов како „неразумно“ го критикува и лидерот на ДУИ, Али Ахмети. „Не постои Тиранска платформа, се работи за декларација која е подготвена и потпишана во Скопје. 'Рама со добра волја да ни помогне, не покани затоа што Беса не сакаа тука да потпишат“. И тој ја обвинува Русија за мешање во македонската политика.
„Русија не е задоволна поради нашата одлука да се интегрираме во ЕУ. Но, Ахмети не верува дека 'нештата отишле дотаму, властодршците да ги слушаат оние кои немаат воопшто ништо со определбата на земјата', алудирајќи на Иванов и Русија. Партијата на Ахмети, ДУИ ќе биде дел од владата предводена од социјалдемократите. Се шпекулира дека Ахмети наскоро ќе биде сменет од функцијата“, пишува австриски „Стандард“.
Последици за регионот
Кризата во Македонија ја анализира и неделникот „Шпигел“ во онлајн изданието во текст под наслов „Изборни фалсификатори, уценувачи, провокатори“.
„Протестите (на поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ, н.з.) се најновата епизода на една државна криза во која Македонија е веќе три години и која ја води земјата се подлабоко во безвластие- иако дипломатите на ЕУ исто толку долго, интензивно и очајнички се обидуваат да посредуваат во кризата.
Со добра причина: во случај на насилна ескалација на внатрешнополитичкиот конфликт во Македонија, лесно може да се случи во него да бидат вовлечени и соседите. Овие земји би биле погодени од кризата во Македонија - или би ги следеле сопствените интереси:
Албанија и Косово: политичарите од обете земји го охрабруваат албанското малцинство во соседната земја на сепаратистички акции. Косовскиот претседател минатата недела рече дека Македонија без еднаквост за Албанците ја губи смислата и ги повика македонските Албанци 'да ја земат судбината за своите права во свои раце'.
Во Бугарија, многумина ги гледаат Македонците како етнички Бугари и се залагаат за обединување со Македонија. Бугарија повеќепати го засилуваше военото присуство на својата граница кога имаше кризи во Македонија.
Грција ја обвинува Македонија дека има претензии кон нејзината северна провинција, и со години го блокира нејзиното членство во ЕУ и НАТО.
Европска Унија: За Брисел, како и за целата Унија, Македонија е од големо значење, затоа што заедно со Бугарија претставува брана против бегалците на т. н. балканска рута“, пишува „Шпигел“.