1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кризата во Македонија како прв испит за одлучноста на ЕУ

Марина Максимовиќ
10 март 2017

ЕУ најавува засилен ангажман на Западниот Балкан за стабилизација на регионот. Кризата во Македонија се гледа како прв тест за одлучноста на таа политика. Повторно се споменуваат и санкции. Од Брисел Марина Максимовиќ

https://p.dw.com/p/2YyDT
Mazedonien Proteste  in Skopje
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Европската Унија ја потврди синоќа својата приврзаност кон европската перспектива на Западниот Балкан. Лидерите на земјите-членки му подадоа рака на регионот ветувајќи поддршка со цел стабилност и европски реформи.

„Западниот Балкан е витално важен за Европа. Тензиите и поделбите во регионот излегоа од контрола, а тоа делумно е и поради нездравото влијание однадвор“, порача претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск. Тој потенцира дека дебатата на највисоко ниво за Западниот Балкан ја побарале самите лидери на ЕУ, а на неа најмногу време се разговарало за БиХ и Македонија.
Откако БиХ со години важеше за „најлош ученик“, неславниот епитет „држава со најмногу проблеми“ во регионот во меѓувреме го презема Македонија. Тоа несомнено го потврдија и зборовите на шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини која ги предупреди лидерите во Македонија „да не си играат со оган“.
Официјално, од претседателот Ѓорге Иванов и од политичките лидери се бара почитување на основните принципи на демократијата, владеењето на правото, но и критериумите кои Македонија како кандидат за членство во ЕУ и НАТО мора да ги почитува. 

Санкции повторно во игра
Неофицијално, пораките, особено до претседателот Иванов се далеку поостри.
„Македонија е кандидат за членство во ЕУ и нејзината перспектива е јасна. Но ако се сака напредок кон ЕУ тогаш мора да се реагира и да се разреши оваа ситуација. ЕУ има јасни очекувања, а претседателот Иванов мора да одлучи што да стори. Доколку ништо не се случи тоа ќе има последици“, вели за ДВ неименуван функционер на Европската Комисија. Меѓу можните последици неофицијално се споменуваат и евентуални санкции кон оние кои го доведуваат во прашање демократскиот систем во Македонија.

Alexandra Stiglmayer Brüssel
Македонија е најјасен пример како губењето на перспективата за членство во ЕУ може да резултира со катастрофа, вели ШтиглмајерФотографија: DW

Примерот на Македонија, според мислењето во Европската иницијатива за стабилност е вистински пример на кој ЕУ мора да покаже и докаже дека зад синоќешните заклучоци и испратени пораки стојат и конкретни мерки.
„ЕУ мора да се обиде да ги реши билатералните спорови кои преовладуваат на Западниот Балкан, а најочигледен пример за тоа е Македонија. Што прават другите земји-членки на ЕУ за да помогнат да се најде излез? Дали било која од нив разговара со Грција? Одговорот е: не. Затоа Македонија е најјасен пример како губењето на перспективата за членство во ЕУ може да резултира со катастрофа“, вели за ДВ, Александра Штиглмајер од Иницијативата за европска стабилност.

ЕУ вели дека е во регионот „за да остане“. Брисел најавува засилено присуство, подлабоки политички и економски врски со и меѓу Западниот Балкан. Познавачите оценуваат дека обновениот фокус на ЕУ на Западниот Балкан својот прв тест ќе го има токму во Македонија. Време нема многу, а влогот е голем, бидејќи мирот во регионот значи и мир во Европа.