1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Српските медиуми за Македонија: Апокалипсата доаѓа

Ивица Петровиќ/ Ж. Ацеска16 мај 2015

Настаните во Македонија до читателите во Србија стигнуваат засилени со наслови како: „Војна во режија на Америка“, „Куманово-мал чекор кон Голема Албанија“, „Рамуш наредил, Рама одобрил“...

https://p.dw.com/p/1FQcx
Фотографија: DW/I. Petrovic

Српските медиуми многу внимателно ја следеа ситуацијата во Македонија, како и се‘ што се случуваше во врска со оружените инциденти или терористички напади во Куманово, како што тие беа окарактеризирани во српските медиуми. Медиумите во Србија притоа истакнуваа дека за настаните во Куманово се користат разводнети термини, дека долго се избегнуваше јасно нагласување од која „соседна држава“ стигнале терористите, како и оти Европа е премногу благонаклона кон „албанскиот тероризам“ и проектот Голема Албанија. Притоа, беа наведувани и сомнежите кои се појавија во некои кругови, според кои- наводно, во прашање се смислени инциденти во функција на притисок врз македонската опозиција. Посебно место во медиумските извештаи сепак заземаа теориите кои тврдат оти се‘ она што се случуваше во Македонија е повразно со најавениот гасовод Турски тек и намерата на САД практично да се осуети овој гасовод со негово блокирање низ Македонија, на начин што ќе се доведе на власт марионетска влада.

За разлика од некои претходни времиња, кога од Македонија стигнуваа многу малку вести, може да се каже-всушност дури македонската политичка криза, следена од безбедносни предизвици, доведе до тоа српската јавност малку повеќе да се запоазнае со случувањата во Македонија. Србија, се разбира, е исклучително заинтересирана за сите безбедносни предизвици во своето опкружување, но исто така беше забалежително што голем број медиуми имаа прилично апокалиптични наслови во текот на кризата во Куманово. „Тоталната војна почнува на 12 мај“, „Војна во режија на Америка“, „По Македонија, прават хаос и во Србија, Црна Гора и Република Српска“, „Куманово-мал чекор кон Голема Албанија“, „Рамуш наредил, Рама одобрил“, „Може ли Куманово да го запали Балкан“, „Албанци од Косово- водачи на терористите“, ова се само некои од насловите во српските медиуми минатите денови.

Медиумски остатоци од 1990-те

Во врска со медиумското покривање на кризата во Македонија, постојат две нивоа, вели за Дојче веле Зоран Пановиќ, главен уредник на дневникот „Денес“:

„Едното е чисто известувачко, факт е дека тоа беше тежок ден и за Македонија и за регионот. Тоа е сосем разбирливо и медиумите тоа го следеа. Но, од другастрана, постои приказна која малку излегува од рамките на реални тензии и судири и која едноставно се вклопува во некои други српски приказни, а тоа е што некои медиуми и поединци во Србија можеби би биле најсреќни на светот кога би избила Трета светска војна. Во тој смисол, силно егзалтирано и со зголемен степен на интересирање доживуваат некоја можност за нова балканска војна. Така, Македонија, освен што се набљудува како држава која нема иднина поради етничката поделеност, се гледа и како држава која, еве, направи се‘ што Западот бараше од неа, па сепак никаде не се придвижи, а освен тоа, има и вооружени напади во рамките на создавање Голема Албанија“, оценува Пановиќ.

Во српските медиуми секако има доста рецидиви на однесувања од 1990-те години, но мислам оти сега е претерано да се прават некакви виновници од српските медиуми, вели Пановиќ:

„Едноставно, ако постои некој оружен судир некаде на Балканот, за тоа не можат да бидат виновни српските медиуми. Тие главно коректно известуваат, постои и донекаде спинување на некои работи во однос на Македонија, но навистина би било глупаво тврдењето оти српските медиуми се виновни за она што се случува во Македонија“, истакнува Зоран Пановиќ.

Битно е да се каже-главните медиуми во Србија, првенствено РТС како најголем медиум, веќе не е репетитор на омраза, ксенофобија и воено подбуцнување, додава Пановиќ. Тоа се однесува и на некои од главните печатени медиуми. Можеби најголеми дози рецидиви од 1990-те години доаѓаат од сферата на таблоидите, во кои медиумското покривање на воени настани, па и овие во Македонија, понекогаш навистина потсетува на 1990-те“, наведува Пановиќ.

Fußballspiel Belgrad Albanien Serbien Ausschreitungen Drohne
Фотографија: Reuters/Marko Djurica

Сериозни медиуми и оние другите

Прост факт е што во Србија има сериозни медиуми и оние другите, вели за Дојче веле Зоран Драгишиќ, професор на Факултетот за безбедност. „Тука имате и медиуми кои со сензационалистички наслови за палење на Балканот само долеваат масло на огнот, но таков вид медиуми читаат луѓе кои се заинтересирани за приватниот живот на старлетите, а оние кои навистина сакаа да дознаат што се случува во Македонија, тоа сепак го бараа во посериозните медиуми. Мора да се дополни-не е баш се‘ во претерувањето на медиумите, зашто и многумина официјални лица зборуваа се‘ и сешто, што се однесува првенствено на функционери од албанска страна. Така, во тој смисол, вината не може да им се припишува на медиумите кои тоа го пренесоа“, убеден е Драгишиќ.

Што навистина се случи?

Каква е релната опасност и за Србија од настаните во Македонија, ќе знаеме кога ќе се утврди што таму навистина се случи, наведува Драгишиќ. Но, реална опасност сепак претставува идејата за Голема Албанија, на која албанските политичари се повикуваат секогаш кога сакаат да соберат некои политички поени. А колку овој терористички акт беше чекор кон создавање Голема Албанија, во овој момент никој не може да каже со сигурност. Но, доколку идејата беше кризата да се прелее и во Србија, таа веќе ќе се прелееше. Она што е недвојбено е-Србија има т.н. висок кризен потенцијал, но мислам оти можноста да дојде до нешто слично во Србија во овој момент не е многу веројатна“, истакнува Драгишиќ.