Спорен закон за холокаустот: Полска се самоизолира
9 февруари 2018Стела Теста го има преживеано холокаустот. До денешен ден, на оваа деведесет годишна жена ѝ се свежи сеќавањата на Втората Светска војна. Со внимание ја следела дебатата за новиот спорен закон: „Не верувам дека Полјаците се обидуваат да се ослободат од нивната одговорност." Теста од една страна покажува разбирање за полската позиција, а од друга страна има дилеми: „Не постои некој кој не е виновен. Сите се виновни. Нели и Рузвелт е виновен? Зошто не го бомбардираа Аушвиц?"
Теста, инаку родена во Македонија морала да бега од нацистите и со неколку партизани се криела во источна Европа. Се потсетува дека и Полјаците биле исплашени: „ Тие дури ги предаваа и издаваа сопствените сонародници. Кога дојдоа нацистите, мојот комшија дури сакаше да дозволи да ме убијат." Но исто така имало и Полјаци кои се бореле против нацистите заедно со партизаните: „Тешко е да се паушаилизира, се работи за индивидуална вина." На пазарот Махане Јехуда во Ерусалим одлуката на Полска предизвика негативни реакции.
„Мислам дека е навредлива ама и политичики негативна одлука", објаснува Норм Мускал, син на прежиеван од Холокаустот кој во моментов од Америка е во посета на Ерусалим. За Чарли Битон, поранешен член на Кнесетот, законот е чиста провокација: „Полската влада вети дека ќе преговара со израелската. Наместо тоа едноставно си го донесоа законот."
Повеќе на темата:
-Полскиот претседател ќе го потпише спорниот закон за холокаустот
-Полска го донесе спорниот закон за холокаустот
Претседателот на Полска Дуда, го потпиша спорниот закон. Во него се предвидени парични казни и до три години затвор ако некој, меѓу другото „јавно и спротивно на фактите" на полскиот народ или држава му ја префрла одговорноста или соодговорноста за нацистичките злодела. Полскиот Уставен суд сега треба да одлучи дали е загрозена слободата на изразување во Полска.
Израелски научници стравуваат дека дебатата ќе се прекине, владата смирува
Иако полската влада посочи дека уметноста и науката не потпаѓаат под законот, кај израелските научници постои загриженост дека законот ја загрозува отворената дебата во Полска. „Целта на законот е една одредена приказна за улогата на Полска во Холокаустот да ја претстави како единствената вистинска. Тоа е многу проблематично, " критикува Давид Зилберкланг, историчар на Меѓународниот институт за истражување на холокаустот во Ерусалим. Повеќето институции и научници ја поддржуваат идеата изразот „полските логори" да не се користи, но: „законот спречува јавна дебата. Секако дека полскиот народ во најголем дел не учествувал во холокаустот, но имало луѓе кои правеле ужасни работи и за тоа мора да се дискутира."
„На почеток бев бесен и гневен се прашував како мојата земја да одговори на ова", раскажува Арје Кармон, претседател на Гето Фајтерс хаус, од северот на Израел. Малиот музеј е основан од преживеани од Варшавското гето.Таму затворените евреи од Полска и Германија во 1943-та ја почнаа најголемат акција на отпорот против геноцидот. Не само за полска, туку и за секоја друга земја окупирана од нацистите важи дека „Германците без соработниците не можеле да убијат толку многу луѓе во логорите". И покрај тоа Кармон не верува дека „било кој Полска како суверена држава ја прави виновна за најстрашниот злостор во историјата на човештвото". Но, и натаму било најважно да се задржи учењето за холокаустот не само во Израел, туку ширум светот во колективното сеќавање за наредните генерации.
Израелската влада се труди да го смири конфликтот со Полска. Во стејтмент на министерството за надворешни работи на Израел се вели: „Израел е и натаму во контакт со полскит власти и има свои забелешки против законот". Се надевале дека двете страни додека законот е пред Уставниот суд ќе може да договорат измени во законот, бидејќи: „Израел и Полска имаат заедничка одговорност да ја одржат приказната за холокаустот и да го истражуваат."
Општо разочарување во САД
Во САД најавата на претседателот на Полска дека ќе го потпише спорниот закон наиде на критика. Државниот секретар на САД за надворешни прашања Рекс Тилерсон кој моментално е на службен престој во Латинска Америка, изјави дека САД се „многу разочарани". Тилерсон понатаму истакна: „Стапувањето во сила на овој закон има негативен ефект врз слободата на говорот и на истражувачката дејност".
Потпишувањето на договорот не го критикуваше само владата на Трамп, туку и конгресмените од двете партии. Орин Хач, конгресмен од редовите на републиканците со најмногу мандати, кој е и член на „Американскиот меморијален центар за Холокаустот", нагласи дека „законот е исклучително штетен за сите оние во Полска кои учат од темните поглавја на историјата и сакаат да работат за своја подобра иднина". Деби Васерман Шулц, конгресмен од Флорида и поранешна претседателка на Демократската партија критикува дека одлуката на претседателот на Полска, Дуда, „длабоко ја разочарала и погодила".
Критика и од Европската унија
А, Брисел? Претседателот на Советот на Европа, Доналд Туск, смета дека одлуката на Варшава е контрапродуктивна, полската влада сега го постигнала токму спротивното:„ Авторите на законот историски погрешниот израз полски логори на смртта го пренеле во цел свет, толку ефективно како никој друг претходно", пиша Туск на Твитер.
Потпретседателот на ЕК, Франс Тимерманс, побара не само од Полска, туку и од сите земји кои биле окупирани од нацистите да се соочат со историските факти: „Имало многу херои кои дале отпор и кои се бореле против окупаторите, но во сите тие земји за жал имало и луѓе кои соработувале со нацистичките окупатори за да им ги реализираат страшните планови".
Министерот за надворешни работи на Франција Жан Ив Ледријан одлуката на Полска ја оквалификува како „несоодветна“. Ја предупреди владата во Варшава да не ја „пишува различно историјата" и да не ги „первертира сеќавањата". Според Ледријан од ЕУ сега се бара да изврши силен морален притисок врз Варшава.
Германија ја истакнува својата историска одговорност
Важна улога во вжештената дебата игра Германија. Министерот за надворешни работи, Зигмар Габриел, уште пред потпишувањето на законот ја истакна историската вина на Германија: „Не постои ни најмала дилема за тоа кој е одговорен за логорите, кој ги одржувал и кој таму убил милиони европски Евреи: тоа се Германците." Според него, организираното масовно убиство е спроведено од Германија и од никој друг.
Логорите не биле случајно отворени во Полска, додаде Габриел: „И полската култура требала да биде исто така истребена како и сиот еврејски живот. Три од шесте милиони убиени Евреи се од Полска." Свеста за историската вина е дел од современиот германски идентитет и „централен консензус за сите демократски сили во Германија."