Дуда ќе го потпише спорниот закон за холокаустот
6 февруари 2018Полскиот претседател Анджеј Дуда изјави денеска дека ќе го потпише спорниот предлог-закон за холокаустот и покрај протестите на Израел и на САД.
Законот предвидува затворски казни во траење до три години за споменувањето на терминот „полски логори на смртта“ и за јавно говорење наспроти историските факти дека полската нација или држава е вмешана во злосторствата на нацистичка Германија.
Повеќе на темата:
-Полска го донесе спорниот закон за холокаустот
Полската десничарска влада истакнува дека законот е неопходен за да се заштити репутацијата на Полјаците како жртви на нацистичката окупација.
Израел, пак, од своја страна критикуваше дека законот би ги забранил вистинитите изјави за улогата која некои Полјаци ја играле во нацистичките злосторства.
Претседателот Дуда денеска уште истакна дека ќе му се обрати на Уставниот суд за дополнителни разјаснувања и за конечна пресуда во однос на законот. Но тие најверојатно би биле објавени дури откако законот ќе стапи во сила.