Спласнува последниот бран на ковид
22 февруари 2022Спласнува последниот бран на заболени и хоспитализирани лица од Ковид-19 во Северна Македонија. Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), за околу 30 проценти е намален бројот на заболени, реинфицирани, хоспитализирани и починати лица во земјава во однос на претходната недела.
Минатата недела се евидентирани 6.119 нови позитивни случаи од 34 градови, што е намалување од 29,2% во однос на претходната недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје. Сто и шест смртни случаи се пријавени во 23 градови, со што смртноста е намалена за 27,9% во однос на претходната недела.
За една недела се пријавени 863 реинфекции. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. И понатаму, најзастапена е возрасната група лица над 60 години. Најмал број е регистриран кај децата до 9 години.
Според извештаите од болниците, моментално се хоспитализирани 484 лица, што е за 30,8% помалку во споредба со претходна недела, од кои 297 се на кислородна поддршка.
Кај заболените преовладува Омикрон варијантата. Во Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при ИЈЗ од 49 позитивни примероци на Ковид-19, кај 29 (59,2%) од испитуваните примероци е докажана BA.1 сублинијата на омикрон. Кај останатите 20 (40,8%) BA.2 сублинијата на омикрон – позната уште и како стелт.
Од почетокот на пандемијата досега се евидентирани 293.559 позитивни случаи. Досега се пријавени 9.905 реинфекции, од кои 26 лица се заразиле по вторпат. Забележани се 17 смртни случаи кај реинфицирани лица.