Секој трет тестиран е позитивен на ковид
1 февруари 2022Расте бројот на смртни случаи, како и назаразени и реинфекции со Ковид-19 во Северна Македонија. Минатата недела се регистрирани 11.916 нови случаи на Ковид-19 од вкупно 38.518 земени примероци или секој трет тестиран бил позитивен на вирусот. Главниот град Скопје и понатаму е на врвот на листата со највеќе заразени. Во Кавадарци минатата недела имаше највисока, а во Дебар најниска стапка на зараза.
Во последнот извешај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) се наведува дека за една недела се пријавени 148 смртни случаи во 26 градови што е за 38,3% повеќе во однос на минатата недела. Најголем дел од нив се од Скопје и повеќето се на возраст над 60 години и од 50-59 години (12 починати).
Од почетокот на пандемијата, во Северна Македонија има 8.409 смртни случаи како последица на вирусот. Во извештајот се вели дека 82,1 отсто од починатите имале и други здравствени проблеми - најчесто кардиоваскуларни, дијабет, белодробни, невромускуларни, бубрежни и карцином. Од ковид починаа и девет трудници и 37 здравствени работници.
Според податоците, починале и 13 лица кои по вторпат се заразиле со Ковид-19. Од почетокот на пандемијата регистрирани се 6.494 реинфекции, а 17-мина се заразиле по третпат. Од 24 до 30 јануари биле пријавени 1.558 реинфекции.
Расте и бројот на хоспитализации - во моментов во болниците има 671 лице, од кои 390 се на кислородна поддршка, што е за 14,4% повеќе во споредба со претходна недела. Досега во лабораторијата за вирусологија при ИЈЗ се детектирани 255 пациенти позитивни на Омикрон, а присутна е и делта варијантата меѓу заразените.
Досега во земјата се направени вкупно 1.788.251 тестирања. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани од почетокот на епидемијата изнесува 268.901, бројот на оздравени пациенти е 246.864, на починати е 8.409, а бројот на активни случаи изнесува 13.628. Најголем дел регистрирани во Скопје, Куманово, Битола, Прилеп и Тетово, додека највисок морталитет се регистрира во Охрид, Кавадарци и Прилеп.