СПД го одобри коалицискиот договор
4 декември 2021Социјалдемократите во Германија се одлучија за коалиција со Зелените и ФДП. Делегатите во Берлин дадоа зелено светло за коалицискиот договор на т.н. семафор-коалиција. Договорот ветува поголема заштита на климата, преструктуирање на економијата, како и подобрување на состојбата на лицата кои имаат ниски приходи, на луѓето кои се потстанари и на семејствата.
Олаф Шолц, кој би требало да биде иден канцелар, претходно вети влада која ќе презема смели чекори. Тој рече дека идната влада ќе обезбеди напредок „во момент кога е опасно тоа да не се постигне“. Притоа Шолц укажа на зголеменото затоплување на Земјата, проблем за кој наредните години се „решавачки“.
Гласањето на делегатите на СПД не е доволно за составување коалиција. Утре на конгрес тоа треба да го сторат и делегатите на ФДП, додека кај Зелените е веќе во тек изјаснување на членовите. Резултатот од изјаснувањето кај Зелените треба да биде соопштен во понеделник (6.12). Потоа би требало да се потпише коалицискиот договор (најверојатно во вторник), а во среда Олаф Шол би можело да биде избран за канцелар и да биде инаугурирана новата влада. Со тоа, по 16 години, би завршила ерата на Ангела Меркел, која не се кандидираше на изборите кои се одржаа на 26 септември годинава.
Повеќе:
Новите германски „метли” во Европа
Целите на новата германска влада – во нив е и Западен Балкан
За разлика од ФДП и Зелените, СПД сѐ уште нема објавено кој доаѓа предвид за пополнување на министерските места. Јасно е меѓутоа дека покрај канцеларот, Социјалдемократите ќе ги имаат и министерствата за труд и социјала, за градежништво, за здравство, за внатрешни работи, за одбрана, како и за економска соработка и развој.