1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новите германски „метли” во Европа

Барбара Везел
29 ноември 2021

Нови метли добро метат, вели една германска поговорка. Наследниците на „машината за компромиси” Ангела Меркел сакаат ЕУ да фати нов правец. Дали народната поговорка ќе се потврди, ќе се види допрва, смета Барбара Везел.

https://p.dw.com/p/43cNd
Symbolbild Besen
Фотографија: Klaus-Dietmar Gabbert/dpa-Zentralbild/ZB/picture alliance

Германија има „посебна одговорност“ кон Европа - така стои во коалицискиот договор на претстојната влада составена од Социјалдемократите, Зелените и Либералите. Коалициските партнери сакаат поинаков пристап за многу нешта во однос на претходната влада: поцврст став во однос на правната држава, поразумен став за климатските прашања, поодлучен став спрема Кина и Русија. Новиот тим во Берлин има големи планови за европската сцена.

Заканата на Русија против Украина

Првиот надворешнополитички тест за идниот канцелар Олаф Шолц доаѓа побрзо одошто му е мило: военото присуство на Русија на границата кон Украина е најгорливата ситуација во регионот. Западот ѝ вети заштита на Украина, но дали и навистина ќе ѝ ја пружа? На Шолц му се сервира ситуација во која Меркел во минатото блеснувала на преговарачката маса. Во ваква криза мора да гради сопствен профил.

Ако неговата влада сака да заземе поцврст и побескомпромисен став спрема Русија отколку претходната, во следните недели ќе мора да поддржи воена контразакана од страна на НАТО. Во крајна нужда Шолц ќе треба да биде „јастребот” што ќе ги исправи пред предизвик пацифистите во редовите на Социјалдемократите и Зелените. Овие последниве пак во однос на спорниот гасовод Северен тек 2 се поостри отколку СПД. Дали идната влада е сложна дека во краен случај таквиот политички пендрек навистина ќе го стави на маса против Москва?

Правната држава во Европа

Европатреба да делува побрзо и поодлучно ако е засегната правната држава, смета коалицијата. Тоа во Унгарија се случува веќе цела деценија, во Полска е така откако партијата ПиС ја презема власта. Во водите на популистичките автократи во Будимпешта и Варшава пливаат и уште неколку помали имитатори.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел

Тука испливуваат на површина слабите страни на владата на Ангела Меркел: таа имаше големо срце и разбирање за транзиционите болести на источноевропските земји. Но, во сенка на таквиот став некои се развија во непријатели на демократијата и тешко ќе биде отпосле да се стопира таквиот тренд. Веќе е доцна, но не е и предоцна. Медиумски слободи, независност на правосудството и институциите, слобода на граѓанското општество, почитување на човековите права се клучен дел од европската заедница и германската влада мора брзо да покаже разбирање, иако тоа во ЕУ прво ќе предизвика големи негодувања.

Олабавување на правилата за задолжување, или не?

Кристијан Линднер како нов министер за финансии веројатно ќе мора прво да се откаже од арогантниот настап, ако сака да создаде партнерски односи со неговите европски колеги. Во тоа неговиот актуелен француски колега, Бруно ле Мер, во моментов е поуспешен. Париз тукушто склучи пакт за пријателство со Италија – аларм за фискалните јастреби кои се залагаат за штедење. Двете земји, поддржани во настојувањата од југот, сакаат олабавување на правилата за задолжување. Од друга страна, Линднер уште во изборната кампања се залагаше против. Оттука, Канцеларот ќе мора да му шепне на својот министер за финансии како се прават компромиси за деликатни прашања со кои нема да се нарушуваат начелата, туку едноставно ќе се заобиколат.

И сето останато....

На агендата има уште многу точки. Берлин сака похрабри мерки кога станува збор за заштитата на климата – тоа е добредојдено во ЕУ, но проследено со крикот за повеќе пари од посиромашните земји членки од истокот. Треба да има и пофер систем за азил - и Ангела Меркел проба да го скрши овој тврд орев. Европа кон Кина, и воопшто за надворешнополитичките прашања, треба да зборува во еден глас, но тука националните интереси никнуваат како пиреј.

Добро е кога нова влада прави големи планови и сака промени. Но, во секојдневието и таа ќе мора да се бори со непослушните партнери, со реалната политика и бесконечните кризи.

Она што му оди во прилог на Олаф Шолц е што го познава Брисел и знае како врват работите благодарејќи на претходната позиција како министер. Од Ангела Меркел научи дека е потребно трпение и висок праг на толеранција. Па, ако неговата влада по неколку години успее да реализира барем неколку од добрите заложби и корекции на курсот – тогаш ќе може да се каже дека доста добро ѝ служела на Европа.