Спас од кампот Липа во БиХ - зимскиот затвор за мигрантите
30 декември 2020Изјавата дека властите во Босна и Херцеговина не прават ништо станува излитена фраза, но состојбата во Унско-санскиот кантон и ситуацијата со мигрантите само потврди дека не само што седат со скрстени раце, туку игнорирањето на хуманитарната катастрофа достигна максимум. Неколку дена откако мигрантскиот камп во Липа кај Бихаќ беше затворен, а Меѓународната организација за миграции се повлече, неколку стотини мигранти останаа под ведро небо, на температура под нула степени. Снегот кој напаѓа минатите денови дополнително ги отежна условите. Откако температурите малку се зголемија, а снегот се стопи, бегалците беа опкружени со кал. Се грееја на тој начин што палеа инвентар останат по затворањето на кампот, од столови до пластични шишиња, а хуманитарните организации им обезбедија еден оброк дневно.
Студ и глад
„Ве молам, не можеме веќе да смрзнуваме овде, дали можете да кажете некому дека веќе не можеме да останеме овде, премрзнати сме, гладни, никој не знае што да прави со нас", молеше Самир од Авганистан, огорчен на властите. „Имавме греалки додека беше тука Меѓународната организација за миграции, сега немаме ништо. Зошто заминаа? Полицијата не ни дозволува да одиме во Бихаќ, а не можеме да останеме овде. Немаме ништо да облечеме, спиеме под најлони", вели Самир, додека мигрантите околу него по поддржуваа.
Гласно говореа и претставниците на државната и локалната власт, но од Меѓународната организација за миграции очигледно не сакаа да чујат или не разбираа. Меѓународната организација за миграции не сака веќе да се враќа во Липа, иако секој ден се слушаа апели од челниците на оваа организација дека нешто итно мора да се преземе, дека се заканува хуманитарна катастрофа и дека одговорност сносат локалните власти.
Повеќе на темата:
1359 мигранти од кампот Липа се под ведро небо
Хрватска и недостојната игра на ЕУ со бегалците
Додека ЕП се кара за илегалните протерувања, на Балканот се зголемува бројот на илегални мигранти
Но, го прескокнуваат фактот дека девет месеци беа присутни во Липа, го водеа кампот, а не направија ништо да го подготват за зимата.
„Локацијата Липа кај Бихаќ стана зимски затвор. На мигрантите не им е дозволено да го напуштаат просторот и сега палат оган во преостанатите шатори за да се згреат. Пред неколку дена видовме како огнот може брзо да се прошири. Ова е тотално непотребна трагедија", ни изјави вчера шефот на мисијата на Меѓународната организација за миграции, Питер ван дер Оверат, коментирајќи го хаосот настанат на локацијата. Тој нагласува дека одлуката за повлекување на Меѓународната организација за миграции од кампот била можеби најтешка која морал да ја донесе од доаѓањето во БиХ.
Префрлање на одговорноста
Така морало да биде, зашто кампот е несоодветен за зима, со шатори кои не можат да ја издржат тежината на снегот и се закануваа да се урнат и да создадат уште поголема катастрофа. Под неколкуте преостанати шатори последните дена имаше околу 500 мигранти. Кампот немаше вода и струја, иако Меѓународната организација за миграции, како што тврдат нејзини претставници, апелирале до властите да ги обезбедат.
Меѓутоа, властите од Унско-санскиот кантон не можеле ништо без одлука на Советот на министри на БиХ, кој на кампот требаше порано да му додели статус на траен центар. Тоа не е направено зашто немаше решение за мигрантите додека кампот да се оспособи. Кантоналните власти не дозволиле тоа да биде Бира.
„Кантоналната власт се откажа од договор мигрантите од Липа да бидат префрлени во Бира без оглед што таму има преку три илјади места за сместување мигранти. Тие бараа други решенија во рамките на камповите Бориќи и Седра", ни изјави министерот за безбедност на БиХ Селмо Цикотиќ.
Меѓународната организација за миграции чекаше на одлука на Советот на министри на БиХ, со која целата приказна би се завршила. Градоначалникот на Бихаќ, Шухрет Фазлиќ, во повеќе наврати повторуваше дека се „излажани" и од државните власти и од Меѓународната организација за миграции, со оглед дека им ветиле целосно затворање на Бира, како и дека девет месеци не направиле ништо за да го оспособат кампот Липа во кој мигрантите би можеле да ја дочекаат пролетта.
Намерно предизвикување хаос?
„Јас не знам веќе што да кажам за однесувањето на Меѓународната организација за миграции. Тоа што го направија, се повлекоа, мислам дека е резултат на неснаоѓањето во такви ситуации. Мислам дека намерно сакаа да предизвикаат ваква ситуација", вели Фазлиќ.
Дали сакале да предизвикаат ваква ситуација или не, таа претставуваше хуманитарна катастрофа, можеби најголема во последните три години откако трае мигрантската криза во БиХ.