Сочи се претвора во тврдина - безбедност сепак не се гарантира
7 јануари 2014Рускиот претседател Владимир Путин му објави војна на тероризмот. Руската влада стравува пред се‘ од напади за време на Зимските олимписки игри во Сочи, кои треба да почнат на 7 февруари. Заканата е апсолутно реална, вели во интервју за Дојче веле Јекатерина Сокирјанскаја од Меѓународната кризна група. И Алексеј Филатов, поранешен офицер во антитерористичката единица „Алфа“, оценува: „Сега можеби возиме со преголем гас, но тоа е оправдано. Безбедноста е на прво, а комфорот на второ место.“
Најстроги безбедносни мерки од Олимпијадата 1980-та
Вакви мерки за безбедност не се паметат уште од Летните олимписки игри во Москва во 1980 година. Според официјални наводи, ангажирани ќе бидат 37.000 полицајци од цела Русија. Многу од нив дури одат и на часови по англиски јазик и по алпинизам за почетници. Освен тоа, во Сочи ќе бидат стационирани 23.000 соработници на Министерството за заштита од катастрофи и цивлна зшатита. Покрај тоа, како засилување ќе има и голем број војници, граничари и непознат број припадници на тајните служби.
На море ќе патролираат воени брдови и подморници, а во воздух беспилотни летала и борбени авиони. Десетици дополнителни полициски возила уште од сега патролираат низ околината. Полицајците од другите руски градови со недели ги запознаваат рутите и се тренираат за исполнување на своите задачи. Во градот се веќе инсталирани 1.400 камери.
Забранети зони
Од денеска (7.01.2014), значи на точно еден месец пред почетокот на ЗОИ, во градот на Црното море во сила стапуваат особено строги безбедносни мерки. Секој кој сака да остане подолго од три дена мора да се пријави кај локалните власти. Сите посетители на спортските борилишта добиваат специјална пропусница со која на руските безбеднсони служби директно им се пренесуваат личните податоци. Возила од други руски региони веќе не смеат да влезат во Сочи, освен камиони со специјални акредитации кои ќе го снабдуваат градот со храна и други производи.
Во Сочи веќе се создадени „забранети зони“ каде влезот е или забранет или можностите да се влезе се стриктно ограничени. Тука спаѓаат пред сеѐ пограничните области со Абхазија и планините зад Краснаја Полјана, каде ќе се одржуваат натпреварите. На тој начин Русија се обидува да ги запре навреме терористите од северот на Кавказот.
Истовремено, Москва ги враќа дома сите странски гастарбајтери и лица без важечки документи и регистрација. Патроли по улиците бараат илегални возила и возила без сопственик. Од граѓаните на Сочи се бара да учествуваат активно во потрагата по сомнителни лица или предмети.
Се отвораат сите пратки и пакети
За време на Олимпијадата Русија практично го укинува правото на тајност на пратките кои стигнуваат по пошта. „Руска пошта“ веќе најави дека сите пакети и пратки кои се адресирани до регионот Краснодар, каде што припаѓа Сочи, ќе бидат отворани во периодот од 1 јануари до 31 март. Освен тоа, руската тајна служба ФСБ ќе ја надгледува целокупната електронска комуникација за време на игрите.
По последните терористички напади во Волгоград критиките на сметка на безбедносните мерки стивнаа. Веќе не се проблематизираат ниту финансиските трошоци за обезбедување на Олимпијадата. А тие се огромни. Рускиот весник за економски теми „Ведомости“ пред една година процени дека трошоците ќе изнесуваат две милијарди долари. Во меѓувреме, се проценува дека трошоците ќе изнесуваат три милијарди долари.
Сепак, експертите не исклучуваат дека и покрај сѐ во Сочи, за време на ЗОИ, може да се случат напади. „Огромните напори во Сочи и други места не можат да бидат гаранција дека ништо нема да се случи за време на игрите“ вели Јекатерина Сокирјанскаја од Меѓународната кризна група.