1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој е рускиот државен непријател број 1?

Марко Милер / Елизабета М. Фиданоска5 јануари 2014

Човекот од кого најмногу стравуваат руските безбедносни власти се вика Доку Умаров. Тој упати повик за спречување на ЗОИ во Сочи со сите средства. Кој е Умаров и каква е неговата цел?

https://p.dw.com/p/1AlVK
Фотографија: picture-alliance/dpa

Зимските олимписки игри во Сочи наближуваат, а со тоа се зголемува и стравот од терористички напади. По најновите напади во рускиот град Волгоград, во кои имаше 34 загинати, стравот во Русија се зголеми. А, со стравот се зголемува и сомнежот во безбедноста на ЗОИ, дотолку повеќе што Доку Умаров, рускиот државен непријател број 1, уште во јули 2013 година во видео порака повика на спречување на Олимписките игри 2014-та „со сите средства кои ги дозволува Алах“. „Според негово мислење, од Алах се дозволени и терористички средства“, вели Уве Халбах од „Фондација Наука и Политика“, кој ја набљудува состојбата на Кавказот.

Повикот на Умаров руските безбедносни служби го третираат многу сериозно, затоа што влијанието на овој чеченски терористички лидер е големо, а неговиот збор има тежина.

„Кога Умаров, како пред една и пол година, ќе даде упатство да не се напаѓаат цивилни цели, тогаш повеќето терористички ќелии го следат тоа“, појаснува професор Герхард Мангот, политиколог од Универзитетот Инсбрук. „Тој пред неколку месеци рече дека поради одржувањето на Олимписките игри, врз како што нагласи ’коските на нашите претци’, треба повторно да се земат во визир цивилни цели и треба да се очекува дека сите терористички ќелии ќе се придржуваат и кон тоа“, нагласува Мангот за Дојче веле. Значи заканата од напади е реална, дотолку повеќе што Умаров е одговорен за неколку спектакуларни атентати.

„Рускиот Бин Ладен“, како што често го нарекуваат, привлече внимание пред се‘ со нападите од 2009 до 2011 година, меѓу кои и нападот во московската подземна железница во март 2010-та и московскиот аеродром Домодедово во јануари 2011 година, во кои имаше по неколку десетини жртви.

Österreich Russland Gerhard Mangott
Герхард МанготФотографија: Celia di Pauli

Во февруари 2012 година Умаров нареди крај на нападите, потег што во јули 2013-та јавно го оцени како грешка, зашто Кремљ тоа го сфатил како „слабост, а не како знак на добра волја“. Дали терористичкиот водач е одговорен за најновите напади во Волгоград во моментов е нејасно, со оглед на тоа што никој официјално не ја презеде одговорноста за нив.

„Според видот на терористичките напади и употребениот експлозив, со голема сигурност може да се претпостави дека е тоа дело на исламисти кои се инспирирани од Умаров“, вели Мангот.

Како Умаров стана тоа што е?

Доку Умаров е подготвен на секакво насилство за да ја постигне својата цел - независна исламска држава во Кавказот. Тој сака по секоја цена да ја истера Русија од Кавказот. Уште во октомври 2007 се прогласи за „Емир на Кавкаскиот емират“.

За детството на рускиот државен непријател број 1 се знае малку. Роден е на 13 април 1964 година, во јужночеченското село Харсеној. Потекнува од интелектуална фамилија, а студирал на државниот Институт за нафта во Грозни.

Russland Wolgograd Explosion Anschlag Bus 30. Dez. 2013
За нападите во Волгоград досега официјално никој нема преземено одговорностФотографија: Reuters

Умаров му се придружил на далечен роднина кој бил еден од воените лордови во регионот. Добил воена обука и се борел во чеченската војна против Русија. Во 2006 година го презема раководството на чеченскиот отпор. „Во тоа време тој во суштина беше чеченски националист, кој имаше за цел да и‘ донесе на Чеченија државна независност“, објаснува политикологот Мангот. Но, потоа, како што нагласува Мангот, за година и половина доаѓа до радикален пресврт и Умаров станува „исламистички борец, кому веќе не му е само до Чеченија, туку тој сака да го отцепи цалиот Северен Кавказ од Русија и да го претвори во нов Кавкаски емират“.

Во текот на 1,5-годишната пауза Умаров падна малку во заборав. Руската страна често велеше дека е мртов. Набљудувачите оценуваат дека Умаров сега, по прекинот на огнот, мора да се докаже како способен водач на исламистичкиот отпор. Олимписките игри во Сочи за исламистите се добредојдени за таа цел.