Софија - Силиконската долина на жените
15 мај 2018Канцеларија се уште немаат. Клупите во парк им служат како маси и столчиња. Ангела Иванова и Гергана Станчева пред една година го основаа стартапот Ламон. Тие развиваат нови начини за еколошко и природно разградливо ламинирање хартија.
„Нашиот производ се користи со истите машини како и за стандардното ламинирање со фолии. Клиентот не ја забележува разликата. Фолиите кои сега се користат се од полиетилен кој е отровен за околината и за луѓето.“
Преку 80 проценти од стартапите развиваат производи и услуги во Бугарија кои може да ги пласираат на меѓународните пазари. И Гергана Станчева и Ангела Иванова сакаат нивниот производ да го произведуваат во Бугарија, бидејќи бизнис еко-системот, како што велат, е многу поволен. Но, за пласман не се потпираат на Бугарија, туку целна територија им е Германија.
„Бугарија заостанува во однос на заштитата на животната средина, ние немаме таква политика. Најголемиот дел луѓе не размислуваат за тоа како може да ја заштитат својата околина. Но полека забележуваме промена во размислувањата на луѓето околу нас.“
Тие се надеваат дека прво ќе фатат чекор на германскиот пазар, а потоа и во Бугарија. Ако се верува на статистичките податоци, шансите за тоа се одлични: „Компании водени од жени постигнуваат 63 проценти подобри резултати отколку компании на чие чело се мажи“, вели Марија Габриел, еврокомесарка за дигитална економија и општество, која инаку потекнува од Бугарија и се залага активно за поддршка на девојчиња и жени во технолошката бранша.
Жени во технологијата
Уделот на жени во технолошкиот сектор е голем. Во информатичкиот и секторот за комуникации во Бугарија уделот на жени е водечки во однос на други европски земји - 26,6 проценти. Германија на пример има удел од 16,6 проценти жени во истите сектори.
„ИТ-секторот се развиваше во Бугарија во 1960-те години, имаше многу компании за електроника и софтвер во кои работеа и мажи и жени. Ја имаме традицијата и има идоли за жените во инженерските професии и во науката. Во Бугарија девојчињата практично газат по стапките на нивните мајки. Тоа е една од причините што уделот во таквите професии е толку висок“, вели Саша Безуханова, основач на бугарскиот центар „Жените во технологијата“.
Таа е преку 20 години активна во ИТ-браншата во Бугарија и пример за многу жени. Но, колку и да е за пример случајот со Бугарија, вели таа, „сепак не може да се остане само на веќе постигнатите резултати. Во Европа има недостиг од 350 илјади инженери, во 2020. ќе бидат 500 илјади специјалисти за висока технологија. Овој проблем наједноставно и најбрзо се решава со тоа што би се вклучиле школувани жени, рака под рака со мажите и без предрасуди или обележани територии кои за жал и натаму постојат.“
Надминување стереотипи
Ана Радуловски, која е во третата декада до животот, зборува на конференции за диверзитетот во технолошкиот сектор. Таа неодамна е вратена од патување во Луксембург. „Има стереотипи кои почнуваат уште во детството, на пример со играчките кои ги добиваат децата. Девојчињата добиваат розеви кукли, машките Лего и возила. Без да забележиме, им врежуваме стереотипи, т.н. 'прајминг' кој го задава правецот за иднината.“
Повеќе: Западниот Балкан трага по подобра иднина преку дигитална трансформација
Пред една година таа ги основала „Кодинг девојки“ и оттогаш е доста зафатена. Таа организира работилници поврзани со програмирањето. Предавачите се и жени и мажи. Такви се и учесниците на курсевите, но предност имаат девојчиња. „Заинтересираноста е голема, па кога го организиравме првиот курс се пријавија толку многу луѓе што моравме да ги поделиме во два курса.“