Подобра иднина преку дигитална трансформација
19 април 2018Душко Муртовски со години ги гледа своите пријатели и колеги како си заминуваат од Македонија во потрага по подобра иднина во странство. Но тој решил да остане и да се обиде да успее. Овој 34-годишен ИТ-инженер развил дрон кој врши 3Д мапирање во реално време користејќи една камера. Успешно го понудил проектот во Фондот за иновации и технолошки развој и добил грант од 30 илјади евра за развој на идејата. Муртовски денеска е косопственик на компанија наречена „Вижн дајнамикс“, а за неговиот продукт има интерес низ целиот свет, иако сѐ уште бара странски партнери и инвеститори кои ќе му помогнат да го започне производниот процес.
Случајот на Муртовски е исклучок од правилото кое вели дека стотици илјади млади луѓе секоја година се простуваат од Западниот Балкан. Тоа е маѓепсан круг во кој младите професионалци заминуваат во потрага по подобар живот во странство, но нивното заминување дополнително ги ослабува и онака слабите економии во нивната татковина.
„Повеќе од половината, можеби 70 проценти од луѓето што ги знаев овде заминаа во странство, најголем дел во Германија, Холандија или Шведска“, вели Муртовски.
Разговараваме за време на одржувањето на првиот Дигитален самит за Западниот Балкан во Скопје, каде што тој го претстави својот дрон.
„За мене е предизвик да останам тука и правам нешто релевантно. Денеска е најлесно да се замине“, вели Муртовски.
Нова перспектива
Откако со години беа ставени на маргините, западнобалканските држави Србија, Црна Гора, Македонија, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина конечно повторно добиваат поголемо внимание од Европската Унија. Со Стратегијата на Европската Комисија презентирана во февруари годинава, европската перспектива на овие земји доби и конкретна форма.
Но, иако ветувањето за членство ги подигна надежите во регионот, за земјите останува уште многу работа. Европската Комисија смета дека шесте држави немаат функционална пазарна економија, и имаат големи проблеми со владеењето на правото и борбата против корупцијата. Последниот извештај на Светската банка сугерира дека на овие земји ќе им бидат потребни уште шест децении за да го достигнат просекот на плати во ЕУ доколку продолжат со актуелното, бавно ниво на развој. Ако се земе предвид и стапката на невработеност која е повеќе од двојно повисока од економиите на ЕУ, не е ни чудно што стотици илјади млади луѓе го напуштаат регионот.
Иницијативите како Дигиталниот самит би можеле да донесат нова надеж за регионот. Идејата е да се забрза политичкиот економскиот развој преку дигитална трансформација.
„Дигитализацијата е без двоумење најголем поттик за иновација, конкурентност и раст во сите сектори“, рече во Скопје европската комесарка за дигитална економија Марија Габриел. Прв чекор на тој пат, вети Габриел, ќе биде обидот да се намалат трошоците за роаминг во регионот, по примерот на земјите од ЕУ.
Студија за влијанието на дигиталната трансформација на Западниот Балкан изработена од група истражувачи од Универзитетите во Грац и Загреб покажува дека дигиталната трансформација може да донесе голем бенефит за економиите, пазарот на труд, но може да придонесе и за подобрување во владеењето на правото, намалување на корупцијата и подобра работа на владите.
„Дигиталната трансформација не може да биде сребрен куршум за решавање на сите предизвици во економијата и владеењето со кои се соочува регионот, но може да даде голем придонес“, се наведува во студијата.
Додека шефовите на влади и министри ги држеа своите говори во Скопје, луѓето како Муртовски кои гледаа отстрана се надеваа дека ветената дигитална трансформација на регионот ќе им помогне да ги остварат своите цели. И тие луѓе не бараат многу: солидна дигитална инфраструктура, некомпликувани админстративни процедури и инвестиции со кои ќе можат да ги реализираат своите идеи и потенцијал, и притоа ќе останат во татковината.
„Мојот план е да останам во Македонија. Тешко е, но сакам да им покажам на луѓето дека и тука има перспектива. Иновациите се клучни“, вели Муртовски.
Останува Европската Комисија и владите на Западниот Балкан да го исполнат својот дел од ветувањето.