1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сопатник од „пасатот“: Се што кажа Диме Спасов е лага!

4 ноември 2016

Ниту сме имале пиштоли, ниту сме се заканувале. Полицајците и нас не легитимираа и не претресоа, и не најдоа никакво оружје кај нас, вели Даут Динарица, сопатник од возилото „пасат“, кое било удрено од Диме Спасов.

https://p.dw.com/p/2S85w
Mazedonien Dime Spasov stellvertretender Minister für Soziales
Фотографија: MIA

Се што кажа Диме Спасов во вчерашниот тв - настап е лага, тврди во изјава за ДВ, Даут Динарица, еден од сопатниците во возилото „пасат“ кое било удредно од возило марка „туарег“, што ноќта на 28 октомври го управувал заменик-министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

„Одевме кон паркот кога не удри возило и наместо да застане, продолжи да вози како ништо да не се случило. Поради тоа, свртевме и тргнавме по него, за да му ја видиме регистарската табличка и да го пријавиме во полиција. Се јавивме, го пријавивме бројот на табличката и долго време бевме на телефонска линија со полицијата. Кога возачот запре на семафор, излеговме да му кажеме да застане и да се паркира настрана. Но, тој не застана. Тргна и покрај тоа што во тој момент стигна и полициско возило со ротациски светла. Притоа, не можеше ни да вози право по сообраќајната лента, туку цело време шеташе лево - десно, што укажуваше дека најверојатно е пијан. При тоа бегање удри уште едно возило“, раскажува Динарица.

Вели дека тие воопшто не знаеле кој е возачот што го удрил нивното возило, а тоа го дознале дури кога полицијата го легитимирала, откако излегол од „туарегот“. Динарица целосно ги отфрла обвинувањата дека на Спасов му се заканувале со оружје

Autounfall Unfall Auffahrunfall Zusammenprall
Фотографија: picture-alliance/dpa/F.Rumpenhorst

„Не сме му се заканувале на возачот со никакви пиштоли. По снимката што вчера ја објавија некои медиуми, беше речено дека лицата кои држат оружје биле оние од „пасатот“. Пиштоли си имаа полицајците. Истите тие полицајци и нас не легитимираа и не претресоа. Кај нас не најдоа никакво оружје. Кој сака може да го провери тоа во полиција, ако е целта да се дознае вистината. Но, од ова што го гледаме и слушаме, изгледа дека целта е да шират лаги, само за да се оправда постапката на Диме Спасов“, вели Динарица.

Сопатничката по трет пат го сменила исказот

Диме Спасов вчера во тв-интервју обвини дека станува збор за„криминално-полициска конструкција и смислена местенка“ која имала за цел да го наруши неговиот углед и одлучил да избега бидејќи имало опасност по неговиот живот. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, ги отфрли таквите обвинувања со став дека „има местенка од самиот Диме Спасов и уште поголема местенка од сите што го советуваат да дава такви изјави“. Министерот посочи дека постојат и видеоснимки од системот „Safecity“ (Безбеден град) според кои можат да се утврдат околностите.

Но, токму од „толкувањето“  на тие снимки, се изненадени во полицијата. Од таму вчера доставиле писмено барање до УБК да им бидат доставени снимките за настанот од системот „безбеден град “, но од Управата не добиле ни позитивен, ни негативен одговор. Затоа се изненадиле кога „премиерно“  ги виделе на тв-медиум, но уште повеќе од нивното селективно и тенденциозно објаснување. Но, тоа не било единственото изненадување.

Oliver Spasovski
Министерот за внатрешни работи Оливер СпасовскиФотографија: Petr Stojanovski

Вчеравечер, сопатничката на Диме Спасов, Т.К. по трет пат го сменила исказот даден во полиција за настаните во ноќта меѓу 28 и 29 декември. Во првиот исказ даден на местото на настанот на 28.10. изјавила дека „туарегот“ го возел Диме Спасов. Вториот исказ го дала на 29.10., истата вечер кога и Спасов првпат дошол да даде изјава. Тогаш сопатничката го сменила исказот, тврдејќи дека не возел Диме Спасов, туку возачот М.Т.

Нов, трет исказ дала синоќа (3.11), со кој ја повлекла претходно дадената изјава дека возел М.Т., објаснувајќи дека тоа го изјавила бидејќи била под стрес. Синоќа одново изјавила дека возел Диме Спасов.

И возачот М.Т. синоќа изјавил дека во критичната ноќ возел Диме Спасов и ја повлекол претходно дадената изјава дека возел лично тој. Како што образложил, откако добил информации дека заменикот - министер има закани, се појавил таму со цел да спречи Спасов да биде нападнат. Но, не објаснил зошто дошол „да спречи напад“, дури после два часа.

Тоа не е единственото неодговорено прашање. Според дел од аналитичарите, со оглед дека владејачката пропаганда во свои раце го презела „расчистувањето случајот“, многу одговори најверојатно никогаш нема да стигнат.