1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спасовски му поднесе три пријави на Спасов

БГ
3 ноември 2016

Дополнителниот заменик-министер Диме Спасов по шестдневен молк се појави на интервју, во кое тврди дека не предизвикал сообраќајка, туку бил следен и нападнат од вооружени лица. Од МВР му поднесоа три прекршочни пријави.

https://p.dw.com/p/2S6aC
Oliver Spasovski
Фотографија: Petr Stojanovski

Заменикот-министер за труд и социјала Диме Спасов денеска се појави во јавноста со тврдење дека не предизвикал сообраќајни незгоди во Скопје, вечерта на 28 октомври, туку дека бил жртва на „криминално-полициска местенка“. На обвинувањата веднаш одговори министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој соопшти дека против Спасов се поднесени три прекршочни пријави и ги отфрли неговите тврдења.

„Ова е обид за моја политичка и општествена дисквалификација и дискредитација“, изјави заменикот-министер Спасов за ТВ-Нова. Според него, се работи за „смислено сценарио преку криминално-полициска местенка да се нанесе штета врз мојот углед“. Целта, вели Спасов, е да „се оцрни неговото име и да се запре реализацијата на проектите“.

Министерот за внатрешни работи Спасовски соопшти дека против Спасов се поднесени три прекршочни пријави: за напуштање на место на сообраќајна незгода, за непостапување по барања и наредба на униформирани полициски службеници и поради неприспособување на брзината на движење на возилото кон состојбата на патот и временските услови.

Тврдењата на Спасов дека бил жртва на „местенка“, Спасовски ги отфрли.

„Има местенка од Спасов, од самиот Спасов, и уште поголема местенка од оние кои го советуваат да дава такви изјави“, рече министерот за внатрешни работи.

Заменикот-министер Спасов тврди дека ноќта на 28 октомври го бркале две вооружени лица од, за него, непозната причина, и се обиделе насилно да го извлечат од возилото заканувајќи му се со оружје. Спасов признава дека предизвикал една сообраќајка, но прекршокот го сторил додека се обидувал да им избега на напаѓачите.  

Mazedonien Dime Spasov stellvertretender Minister für Soziales
Диме Спасов тврди дека е жртва на „криминално-полициска местенка“Фотографија: MIA

Од полицајците избегал поради тоа што, покрај нив, на местото каде што застанал со возилото, се нашла и поголема група други лица во цивил, кои му се заканувале.

Според министерот Спасовски, двете лица за кои Спасов тврди дека се криминалци и кои го бркале, веднаш го пријавиле случајот во полиција и за тоа постоеле и аудио снимки. Причината поради која возеле зад него била што Спасов претходно удрил во нивното возило и побегнал.

Заменик-министерот Диме Спасов во изминатите шест дена избегнуваше настапи во јавност, а според информациите, не се појавувал ниту на своето работно место во Министерството за труд и социјална политика. Ова е негова прво објаснување за настаните кои предизвикаа големи реакции во македонската јавност.

Спасов тврди дека сѐ што се објавувало во врска со настанот биле невистини кои имале за цел да му наштетат, а полицискиот извештај за сообраќајките кои ги предизвикал му наликувал на „партиско соопштение“.

Против службениот возач на Спасов, кој ноќта по сударот се обиде да тврди дека тој го управувал возилото на заменикот-министер, не е поднесена пријава од полицијата, и покрај тоа што е утврдено дека дал лажен исказ.