Дејвид Боуви и Нил Армстронг на скопските улици
17 февруари 2021„Ќе ме префлиш до Медена земја?. А, да тркнеме прво до Дејвид Боуви, па потоа до Френк Запа. Што велиш да те соберам кај Нил Армстронг, па да продолжиме на Аполо 11, каде што не чека друштво“. Ваков разговор би можеле да водат скопјани наскоро со таксистите, или пак со своите пријатели додека шетаат по скопските улици. Ако предлозите за менување на улиците станат стварност, тогаш табли со имињата на Дејвид Боуви, Мизар, Лева патика, Петре М. Андреевски и Блаже Конески ќе се најдат на скопските улици. Верски лидери, скулптори, вајари, копаничари, борци, паши, учесници во НОБ, антички населби, имиња на соседни држави, но и политичари, филозофи, странски дипломати, кројачи, актери, космонаути, поети се најдоа на долгата листа на предлози којашто ја објави Градот Скопје. Се враќаат во игра дел од старите имиња на улиците, а се предлага во заборав да заминат имиња коишто се поврзуваат со поранешната власт. Дел од граѓаните ги поздравуваат, дел од нив ги критикуваат предлозите. На потег е Градот.
„Ленинова“ се враќа
Познатата улица во скопско Дебар Маало се предлага повторно да се вика „Ленинова“, наместо „Аминта Трети“, а улицата во центарот на градот што до скоро го носеше името „Јордан Мијалков“ да се преименува во „Железничка“. Улицата „Филип Втори“ пак, би можела да стане „Стив Наумов“. Тафталиџе повторно ќе ја има улицата Мексичка наместо Петре Пирузе, а Борис Сарафов пак ќе стане 4 Јули.
„Едно од моите предизборни ветувања беше враќање на идентитетот на Скопје. Ги враќаме старите имиња на добро познатите скопски улици“, вели скопскиот градоначалник Петре Шилегов.
Планот е да се вратат старите имиња на дел од скопските улици што беа сменети во периодот кога мнозинството во градскиот Совет и градоначалничкото место во главниот град и во повеќето општини ги имаше ВМРО-ДПМНЕ. Бранот на преименување на улиците, кои добија партиски и антички предзнам тогаш предизвика бурни реакции во јавноста.
-повеќе на темата: Новите имиња на улиците ја поделија Струга
Постоечкиот регистар на имиња сега се предлага да биде дополнет со вкупно 571 име. Листата опфаќа имиња на истакнати личности од областа на градското, националното и светското културно и историско наследство, поважни настани од македонската и светската историја, имиња дадени според топоними на градови во земјата и регионот и други имиња. На дополнетата листа се наоѓаат имињата на кројачот Ангелковски, на новинарот Никола Младенов, пејачката Вања Лазарова, архитектот Живко Поповски, спортистите Благоја Георгиевски – Буштур, Атина Бојаџи, заменик-градоначалникот на Скопје Енвер Малиќи, потоа имињата на писателите Петре М. Андреевски, Блаже Конески, Владо Малески. На долгата листа се најдоа и Кофи Анан, космонаутот Нил Армстронг, Аполо 11. Не се изоставени ниту Али Паша Мехмет, Абдурахман Алити, Имри Елези од ОНА...Се предлага еден плоштад да се вика „Вера, надеж и љубов“, а Градскиот парк би се викал „Безвременски“.
Расправа за предлозите
На претстојната седница на Советот на Град Скопје ќе се расправа за дополнителната листа на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти. „Со ова дополнување на листата предвидено е да се зголеми бројот на имиња на женски личности и настани кои оставиле белег во историски и културен контекст, како и на припадниците на немнозинските заедници кои живеат во Скопје, но и на бројот на топоними со регионално и светско значење. Од вкупно 571 име, 479 се имиња на истакнати личности од кои 79 се имиња на жени, додека пак останатите 92 имиња се имиња на поими кои означуваат поважни настани, топоними и други поими. Во дополнувањето на листата вратени се и имињата на улиците од периодот на солидарноста и изградбата на повоено Скопје, а кои беа отстранети со претходни одлуки на Советот на градот“, соопштија од Град Скопје.
-повеќе на темата: „Уличарење“ во Белград: Преименување на улиците кое граѓаните не го бараат
Во 2019 година, Град Скопје спроведе анкета во која граѓаните ги дадоа своите предлози за имиња на градските улици, а листата беше дополнета и со други формално доставени иницијативи. Во листата се вклучени имињата на народни херои и други носители на позначајни државни одликувања, познати личности и настани од светската историја, имињата на скопските градоначалници, ректори на скопскиот универзитет, академици, државници, стопанственици, научници, спортисти, уметници и друго.
Согласно Законот за определување на имињата на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти името на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект може да биде определено со географско, етнографско, историско и друго обележје, име на истакната личност од областа на историјата, науката и културата, други погодни имиња, како и име на значаен настан и датум, врз основа на листа на имиња. Законот предвидува две одделни постапки за утврдување на имиња и нивно задавање не конкретни топоними. Листата на имиња ја утврдува Советот на Град Скопје, по претходно добиена согласност од Владата. При утврдувањето на листата на имиња од страна на Советот на градот Скопје, општините од подрачјето на градот Скопје даваат мислење. Сите идни промени на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на Град Скопје предвидено е да се црпат исклучиво од оваа листа.