Јемен: цивилите умираат и гладуваат
19 ноември 2018Утрото на шест октомври на Рахаб и било доста од сѐ. Тој ден излегла на улиците на Сана, главниот град на Јемен, на студентски демонстрации со своите врсници. Била сита од сѐ повисоките цени на храната и пропаста на основните комунални услуги во градот кој го контролираат бунтовниците од редовите на Хути. Насилната паравојска која е составена од следбеници на зејдизмот, еден од правците на Шиитизмот, ги задушила демонстрациите за неколку минути.
„Кога ме одведоа мислев дека веќе нема да се вратам дома“, раскажува 20-годишната Рахаб. „Мнозинството на демонстрациите околу мене беа жени. Хутите не пуштија таа ноќ, но само откако потпишавме изјави дека веќе нема да протестираме“.
Цивилите во Сана се заробени меѓу репресијата на владетелите на овој град и добар дел од Јемен и бруталните воздушни напади на коалицијата која ја предводи Саудиска Арабија. Цел на нападите е да се уништат Хутите и на власт да се врати меѓународно признатиот претседател Мансур Хади.
Хуманитарна катастрофа
Но, офанзивата на Саудиска Арабија предизвика хуманитарна катастрофа од неописливи размери, со милиони луѓе кои гладуваат. Делот од земјата под контрола на Хутите остана без прилив на пари и стоки. Според некои извештаи, оваа паравојска се почесто киднапира луѓе и бара откуп за да дојде до пари. Сѐ повеќе луѓе се определуваат за една страна за да се прехранат или за да избегаат од военото лудило.
Рахаб сепак одбива да се приклучи било кому, па макар тоа скапо да ја чини. „Многу жени побегнаа од Сана во Мариб и мислам дека многу од нив ќе бидат дел од саудиската коалиција. Но, јас сум и против саудиската агресија“, вели таа за ДВ.
Според последните вести, Хутите понудија примирје и во знак на добра волја ги прекинаа ракетните напади на територијата на Саудиска Арабија, Обединетите Емирати и нивните сојузници во Јемен. Ретко кој верува дека ќе дојде до стабилно примирје.
Војната го уништи и главниот град и го подели општеството по прашањето кој е виновен. Жителите ретко кога имаат струја, многумина користат јаглен или се надеваат на ретките соларни панели. Гориво нема, а особено лоша е состојбата со водата за пиење и храната. Рами (29) смета дека Хутите и Саудијците се еднакво одговорни за уништувањата.
„Сите ги мразам. Едвај да има работа во Сана освен ако немаш врски во политиката“, вели тој за ДВ. „Цивилите умираат и слушам дека се повеќе луѓе крадат за да си ги прехранат семејствата“.
Неколку соговорници на ДВ тврдат дека Саудијците сѐ почесто ги превземаат платениците од Хутите така што им нудат плати во својата валута, далеку постабилна од јеменскиот ријал. Борбата за пари на многумина им делува како единствена можна работа.
„Едвај да заработувам било што, ни никогаш нема да се борам. Оние кои земаат пушки дозволија да им ги исперат мозоците, но моите пријатели и јас тоа не го сакаме“, вели Рами. Тој преживува со продажба на ќеси на продавници кои продаваат кат, стимуланс со ефект сличен на амфетамин. Кат многу често се џвака во Јемен.
Никому не му е гајле за цивилите
Адам Берон од Европскиот совет за надворешни работи, тинк-тенк од Лондон, вели дека во Јемен останало малку простор за неутралност, а особено за политички активизам кој не би им се допаднал на Хутите. Тврди дека на дело се денунцијации, и дека поради лажни обвинувања лесно се завршува во затвор. „Затоа се повеќе луѓе мислат дека им е подобро да одберат една од завојуваните страни за да дојдат до некои привилегии“, вели Берон за ДВ.
На ниту една страна не и е многу гајле за цивилите. Додека Саудијците со разорно бомбардирање и блокади креираат хуманитарна катастрофа, бунтовниците од тоа извлекуваат профит. Хјуман Рајтс Воч јавува дека Хутите ги држат противниците или наводните противници во затвори каде ги малтретираат. Многу заложници се новинари или активисти кои само се обидувале да ја работат својата работа.
„Во речиси сите случаи, семејствата на жртвите добиваат барања да платат откуп за нивните блиски да бидат пуштени, но многу од тие семејства се многу сиромашни“, вели Кристин Бекерле, експертка за Јемен од Хјуман Рајтс Воч. „Тоа е одвратно бидејќи секако дека водството на Хутите знае за земањето заложници и може тоа да го запре кога сака“.
Рахаб, која била приведена во текот на демонстрациите, вели дека имала среќа што била брзо пуштена. Но верува дека предупредувањето било сериозно- доколку уште еднаш и падне в раце на паравојската, последиците би можеле да бидат тешки.
Засега се обидува да им помогне на луѓето околу себе. Вели, и веруваат бидејќи знаат дека ни политички, ниту верски не поддржува една страна. Како што доаѓа зимата, нејзината главна задача е преку интернет да организира групи волонтери да донираат и да делат облека на сиромашни граѓани. Иако дава се од себе, оваа девојка не е оптимист.
„Децата, жените и старите секојдневно умираат. Сите страни се одговорни за крвопролевањето“, вели таа. „Војната врз мене остана трага и психолошки и емотивно. Не е лесно да се гледа како умира целото општество“.