1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јемен пред распад

Ане Алмелиг/ сн19 февруари 2015

Најсиромашна земја на Арапскиот полуостров веќе долго време се наоѓа во длабока криза. Во меѓувреме не може да се игнорира распаѓањето на државата. Многу земји ги повлекоа своите амбасадори.

https://p.dw.com/p/1EdqF
Фотографија: Reuters/Mohamed al-Sayaghi

Германското министерство за надворешни работи со јасни зборови порача: „Итно“- и предупреди на ризиците при патување во Јемен. „Германците кои можеби се’ уште се наоѓаат таму се повикуваат да заминат од Јемен“, е наведено на интернет страницата на Министерството. Во меѓувреме Германија и привремено ја затвори својата амбасада во главниот град Сана- исто како што направија и САД, Велика Британија, Франција и Италија. Во образложението се наведува дека состојбата во Јемен е изразито нестабилна.

Државен удар

Минатата недела шиитските бунтовници Хути од северозападот на земјата во целост ја преземаа власта во Сана. Го соборија од власт привремениот претседател Мансур Хади и го распуштија парламентот. Тоа е државен удар со кој многу граѓани не се согласуваат. Напротив: голем број сунити гласно се противат на дејствувањето на Хутите, се вооружуваат и се здружуваат со терористичката мрежа Ал Каеда. Генералниот секретар на Обединетите Нации, Бан Ки Мун предупреди дека Јемен се распаѓа пред очите на целиот свет. Повеќемесечните преговарачки напори на ОН, изгледа, во целост пропаднаа.

Навистина, Јемен се бори истовремено со бројни проблеми. Оваа држава со 25 милиони жители е една од најнеразвиените земји во светот. Бројот на жители брзо расте, голем дел живеат во екстремна сиромаштија. Неписменоста и невработеноста се многу распространети, недостатокот на вода во меѓувреме добива драматични размери. Од изнудената оставка на долгогодишниот властодржец Али Абдула Салех во 2012. година, Јемен го потресуваат насилство и политички немири. На владата на привремениот претседател Хади и’ помага Саудиска Арабија, но и оваа голема држава ги испушта конците во Јемен. На почетокот на 2014. година бунтовниците тргнаа во офанзива во чии рамки го окупираа главниот град и ја проширија својата контрола над земјата во насока на југ.

Jemen Protesten gegen Houthi Rebellen
Фотографија: picture alliance/AA

Борба за власт

Хутите се борат за учество во власта. Од граѓанската војна во 60-тите години од минатиот век шиитите се чувствуваат запоставени во однос на сунитското мнозинство. Меѓу 2004. и 2010. година Хутите често водеа и повеќемесечни борби со владините трупи на претседателот Салех. Но, завојуваните страни секогаш успеваа да постигнат и примирје. Меѓутоа, во рамките на Арапската пролет многу племиња се здружија со Хутите, делови од војската, бројни сунитски исламисти и млади демонстранти против тогашниот претседател- барем привремено. Салех се повлече. Но остана во Јемен и успеа да задржи дел од своите симпатизери во војската и во племињата.

Huthi-Rebellen stürmen Präsidentenpalast im Jemen
Фотографија: picture alliance/AP Photo

За време на преговорите околу националниот Устав кои следеа, интересите на Хутите и некогаш независниот југ на земјата не беа доволно земeни во предвид. Наместо тоа на политичката сцена се проби исламистичката партија Ислах. Но Ислах ја загуби поддршката од Саудиска Арабија, земјата која се сврти против Муслиманските браќа, а токму тие го чинат јадрото на Ислах. Шиитите од друга страна ги помага Иран, што пак е катастрофално сценарио за земјите од Персискиот залив во кои доминираат сунити.

Копнеж за Салех

Хуитите сега ја користат слабоста на противниците и напредуваат кон југ. Поддршка во меѓувреме им пружа поранешниот претседател Салех кој се скара со својот наследник и партиски колега Хади. Салех сака да биде повторно на власт- или барем да има значајно влијание. Тој владееше 33 години. За тоа време ситуацијата во Јемен континуирано се влошуваше. Но, ако се земе предвид моменталниот хаос, многумина во Јемен дури го посакуваат враќањето на Салех на власт.