Сиса – грчката популарна дрога меѓу мит и табу
21 септември 2019На улицата Аристотел во Солун стои статуа од поранешниот грчки премиер Елефтериос Венизелос. Тој важи за основач на нова Грција – христијански, слободен и модерен претставник на античките предци. Во сенката на статуата може да се видат малку траги од еленистичката национална гордост. Тоа е збирно место на, како што ги нарекуваат, „петамени“ или „отфрлени“ – сиромашни бездомници, алкохоличари и зависници од дрога кои најчесто немаат покрив над главата. На инсајдерите им е добро познато дека ова место е главниот пазар за продажба на една супстанца позната како „Сиса“, во меѓувреме глобално позната како грчки кристал мет.
Грчки пронајдок?
На само чекор од тука се наоѓа канцеларијата на психијатарот Клеантис Гривас. Тој важи за експерт за прашања поврзани со зависности и дрога – две теми кои се многу табуизирани во Грција. Особено во Солун, кој важи за конзервативен и затворен град кога станува збор за чувствителни прашања.
Токму затоа и многумина не признаваат дека имаат проблем со озлогласената Сиса. Тоа, според широко распространетото мислење, е атинска работа. Гривас може само да се насмее на ваквите констатации. Според него, справувањето со феноменот Сиса во земјата не може да биде полошо спроведено.
Тоа почнува уште со името – зборот Сиса потекнува од арапски. Таму, како и во многу јужноевропски јазици, значи „шише“ или „наргиле“. „Оваа етикета не ми се допаѓа. Тоа предизвикува збунетост. Подобро е да се каже како што е – разреден метамфетамин." Ова е веројатно најдобриот опис. Се разредува со се’ што можете да си замислите – хлор, алкохол, батериска киселина. Тоа ја намалува и цената – една доза на улица во Солун чини само две до три евра. За тврдењето дека Сиса е грчки изум, Гривас вели дека е медиумски измислен мит. „Прашањето е - каде всушност се произведува основната супстанца, односно метамфетаминот." А таа доаѓа од станство. Во Грција потоа само се доработува во некакви лаборатории во гаражи.
Повеќе:
Зомби-дрогата кристал мет ја освојува Германија
Дизајнерските дроги земаат сѐ повеќе жртви
На крајот на скалата
На консументите им е сеедно. Дури не се грижат ниту за фаталните последици по здравјето и телото. Дрогата делува бргу, но и бргу и’ се губи дејството. Поради тоа зависниците постојано се во потрага по нова доза околу споменикот на Венизелос, или во темните улички околу железничката станица во населбата Вардарис. Вардарис е населба која нема многу поврзаност со националната слика на гордост на Грците. Наместо тоа, овде цути проституција, дури и со трансексуалци, дрога, сиромаштија, социјала. Така што зависниците сосем лесно се вклопуваат во сликата. Кај тешките зависници од Сиса тоа изгледа сосем поинаку. Последиците од конзумирање на оваа дрога предизвикуваат многу брзо стареење. Токму поради тоа тие се разликуваат од зависниците од хероин или алкохоличарите – деформирано лице, испаднати заби, ослабено тело на кое буквално виси кожата.
„Сиса е последниот стадиум во кариерата на еден зависник од дрога", објаснува Дамјанос Дутицис. Тој долги години бил зависник од алкохол и разни супстанци, а во меѓувреме раководи со центар за помош на зависници ОАСИС во центарот на Солун. Тука засегнатите добиваат психолошка помош од поранешниот зависник. Но консументите на Сиса сепак не му се обраќаат многу за помош. Поголемиот дел од нив веќе одамна се откажале од борбата да се откажат од зависноста. „Луѓето кои дошле во контакт со Сиса не се новодојденци во светот на зависностите“, објаснува Дуицис. Тие прво пробале марихуана, таблети и алкохол. Многу од корисниците на Сиса исто така имаа „кариера со хероин" зад себе, ама на можат веќе да си го дозволат. „Тоа се луѓе кои веќе не бираат што ќе земат за да ги ‘крене’. Тие купуваат сѐ што се нуди на улица.“
Недоволна државна помош
Дуицис од лично искуство знае каква е ситуацијата со зависниците во неговата земја. „Кога бев зависник во одреден период побарав помош. Бев на психијатар и во инститициите кои тогаш беа на располагање. Но, таму не го најдов решението.“ Тие гледаат само на телесната страна на зависноста, но не и на психолшката. И покрај многуте можности за терапија кои се развиени оттогаш до денес, многу малку е направено од страна на грчката држава. Тие ,сепак, го задржуваат монополот за третман на зависници и не им оставаат можност на приватни иницијативи како ОАСИС да влијаат врз системот со воведување на нови терапевтски иницијативи. Интересот на политичарите најчесто се сведува само на предизборна кампања и неколку фототермини. Справување со проблемите и уривање табуа? Нема.
Гривас го потврдува ова. „Вистински добра помош овде нема. Наспроти Германија, во Грција нема институција или здружение кои се занимаваат со оваа тема."
Кон тоа придонесува и бирократскиот менталитет, не само во однос на работите поврзани со здравството, туку воопшто во земјата. „Ако овде побарате помош на некое соодветно место, најчесто нема да ја добиете и покрај тоа што се нуди, бидејќи, на пример, службеникот не е расположен." Исто така, во здравствениот систем луѓето кои имаат проблеми со зависност се третираат како луѓе од втора класа.
Бесперспективност по економската криза
Во Грција во ерата по економската должничка криза дрогата стана популарна. Економската криза ја доведе земјата во катастрофална состојба. Бесперспективноста често ги турка младите во спиралата на зависност. Точно, невработеноста кај младите е намалена, но платите се ниски. Често не стасуваат ни за кирија. Егзистенцијалниот страв и несигурноста станаа основа за општото мислење дека иднината нема да донесе ништо подобро. Дамианос Дуицис има разбирање за ова. Тој како поранешен зависник знае дека крајниот ефект е да се преземе одговорност за себе и да се надмине болеста. И покрај тоа, тој посакува поотворен пристап кон темата, особено од страна на државата. „Носачите на одлуки мора да стават јасно до знаење каде лежи проблемот. Ако се слушаат само зборови на опомена или зависниците се гледаат со потсмев, тоа не е решение. А кога зависникот кој не знае дека има конкретни мерки, се откажува од дрога со тоа што ќе продолжи да пие алкохол, тоа покажува дека не се сфатила суштината на нештата."
Дуицис е категоричен – сѐ додека овие проблеми се табуизираат, секогаш ќе има простор за супстанци како Сиса.