1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зомби-дрогата кристал мет ја освојува Германија

Гудрун Хајзе/Симе Недевски18 април 2014

Предизвикува еуфорично расположение, со денови ги потиснува знаците на замореност и исцрпеност. Дрогата кристал мет се' почесто се консумира во Германија. Последиците можат да бидат катастрофални.

https://p.dw.com/p/1Bkh9
Фотографија: Tim Sloan/AFP/Getty Images

Синтетичката дрога кристал мет (кристал) се’ повеќе се користи во Германија. Бројот на корисници и зависници од оваа дрога во текот на 2013 година порасна, стои во извештајот за дроги на германската влада и Сојузната кацеларија за криминал. „Кристалот е 'кокаин за сиромашните'“, објаснува професор Хајно Штевер, шеф на Институтот за истражување зависности во Франкфурт. „Кристал мет е дрога која сите нас се’ повеќе не загрижува. Кога се користи подолг прериод, доаѓа до големи органски и психички пореметувања.“ Овој прав, личи на ситни кристали (некаде поради тоа се нарекува "ice" - мраз), се зема орално, со шмркање, пушење или дури интравенозно - со шприц. Процесот на производство е едноставен.

Во некои региони во Германија конзумирањето на кристалот е посебно високо. Станува збор првенствено во регионите долж границата со Чешка. Во оваа земја оваа дрога се произведува евтино во мали домашни лаборатории и потоа се криумчари во Германија. „За само една година значително се зголеми бројот на зависници кои побараа помош поради конзумирање на оваа дрога. Од вкупниот број на оние кои се обратиле за помош, 13 проценти се зависни од неа. Пред една година овој процент изнесуваше само 4 насто“, вели Штевер.

Droge Crystal Meth
Фотографија: picture alliance/dpa

Трајни оштетувања на организмот

Кристал мет има психоактивно дејство. Тој целиот организам „го подига на поголем број вртежи“ и го држи буден. Се забавуваат нормалните процеси во организмот. Кога ќе се престане со конзумирање на оваа дрога, доаѓа до спротивна реакција. Зависникот од кристал не може да спие, многу е уморен и има проблеми со концентрација.

Кај долгогодишна употреба на оваа дрога доаѓа до тешки оштетувања на функцијата на мозокот и на остатокот на организмот, поради тоа има катастрофални последици за здравјето. Доаѓа до паѓање на забите, зависниците нагло ослабуваат и многу брзо се појавуваат знаци на стареење. Во екстремни случаи ваквите симптоми можат да се јават веќе по неколку месеци користење на оваа дрога. Вака предизвиканите оштетувања на организмот се неповратни, предупредува Штевер.

Flash-Galerie Techno Party
Фотографија: picture-alliance/dpa

Долга историја на кристал мет

Кристал мет е одамна познат. Порано овој препарат се продаваше како Первитин, средство против чувство на замор. Користен е во Втората светска војна. Го земале бројни тенковски екипажи или пилотите, односно војниците кои имале долги ноќни мисии. Хајно Штевер предупредува дека и денес многумина поради истите причини користат кристал мет: „Тоа се луѓе кои сакаат да ја зголемат својата ефикасност. Станува збор за студенти или луѓе кои работат во особено стресни услови или оние кои во текот на одреден период мораат подолго и интензивно да работат.“

Во Германија оваа дрога стана позната прво меѓу младите кои одеа на техно-забави. Со оваа дрога младите можеа цела ноќ да танцуваат. Таа се доведува во врска и со зголемена сексуална активност, вели Штевер.