Селфи на новиот национален идентитет
5 април 2019Посетата на Ципрас беше навистина историски момент. Сублимација на 3 децении непријателство и нерационалост, надминати низ еден историски договор, кој треба да произведе историски придобивки, пред сѐ за заостанатата и нова Република Северна Македонија.
Историјата неуморно чекори, тоа што во случајот на нашите две земји го прави оправдан епитетот на „историски“ е потврдата на фактот дека помирувањето го направија не како довчерашни непријатели, туку како пријатели на утрешнината.
Другиот квалитет што го оправдува историцизмот лежи во фактот дека проевропската политика на Заев и Ципрас ги остави противниците на договорот и помирувањето, во некое блиско, а сепак далечно минато. Направена е квалитативна дистанца не само во однос на минатото, туку и во однос на сегашноста која и натаму нуди едно лошо, непријателско, националистичко, ксенофобно минато.
Тоа е причината и поради која опозицијата е заробена во националистичкиот наратив базиран на митови, нешто што ги приморува иднината да ја замислуваат низ заштита на името со клаузула за непроменливост, како што ќе каже Силјановска. Со други зборови - нудат конзервација.
Итроманска продажба на наратив за нацијата
Проблемот со ВМРО конкретно лежи во нивното неисториско разбирање на националниот идентитет. Кога Силјановска ќе грмне дека: И пред да имаме држава сме биле Македонци, притоа незнаејќи најдобро дали се наоѓа во Неготино или Кавадарци, таа создава симулакрум на национален идентитет. Демек сме биле и ќе бидеме. Но, преддржавниот идентитет за Македонецот и што е Македонецот во рамките на својата тешко создадена држава не се иста работа.
Професорката итромански продава наратив за нацијата како конкретен ентитет, нешто што е само фатаморгана. Дури кај нејзе забележувам и повикување на Хабермас и неговиот „уставен патриотизам“: „Студентите ги учам дека Уставот е процес, не е состојба, значи ќе дојде одговорен претседател, од народот, за народот и со народот, ќе дојде одговорен Парламент што ќе ја почитува опозицијата и државнички ќе се однесува кон најважните прашања, нов состав на Уставен суд кој ќе го брани Уставот, со знаење и со морал".
Односно, дека единствената можна форма на национална идентификација произлегува од вредностите и нормите кои се основа за нашиот политички систем. Но, ваквото толкување е контрадикторно да доаѓа од кандидат на партијата која буквално го уништи нашиот политички систем заменувајќи го со партиски. Втората работа е што нормите и вредностите или Уставот, не се доволни, туку има и нешто многу подлабоко, нешто емотивно. Политокологот Бенедикт Андерсон во една своја позната книга за национализмите ќе заклучи дека нациите не се ништо друго освен „замислени заедници“. Замислени се затоа што: „Дури и жителите на најмалата нација на светот никогаш нема да ги запознаат најголем дел од своите сограѓани, ниту ќе ги сретнат ниту ќе ги чујат што зборуваат, а сепак, во умот на секој од нив живее слика за нивната заедница“.
Тоа што ги разликува разните заедници не е нивната погрешност или автентичност, туку подлабокиот начин на кој што се замислени. Што значи дека националниот идентитет може да биде замислен на многу различни начини, без притоа некој да има право на хегемонија над истиот, или да го доживува како политички, историски или национално фиксиран.
Враќање на своето
Оттука, ако нацијата е замислена заедница, тогаш таа може да биде и одново обмислена. И не случајно таа задача им припадна на двајца левичари. Македонија предолго беше заробеник на вмровската идеја и нарација за идентитетот. Почнувајќи од монокултурниот и моноетнички наратив на Љубчо, стигнувајќи до мегаломанскиот и митомански политички конструкт на Груевски.
Македонската и грчката левица предолго ја игнорираа силната либидо инвестиција која оперира во формите на националната идентификација. За нас беше претешко тоа да се изведе пред падот на Груевски, за Ципрас и понатаму е преголем ризик за кој најверојатно ќе плати огромна политичка цена.
Замислата на ВМРО-ДПМНЕ за Македонија беше крајно нерационална и се урна под тежината на сопствените контрадикции. Спорот за името беше крајно ирационален во својата суштина и се реши со надминување на историските митови кои режимот беше приморан политички да ги искреира, во отсуство на политичка визија и волја да нѐ извади од слепата улица. Оттука, на Грците им го дадовме хеленистичкото македонско наследство, за нас задржувајќи ги современите карактеристики на македонската нација.
Си се вративме на нашето јасно и недвосмислено словенско потекло, централизирано околу нашиот македонски јазик и култура, ставајќи силен акцент на нашата мултикултурна и мултиетничка реалност. Притоа ја помиривме нацијата со историската реалност, со фактот дека модерната македонска држава е создадена преку народното антифашистичко востание и дека државноста ја градевме низ процес и во рамките на СФРЈ.
Други колумни од авторот:
Кој го повлече чкрапалото во Нов Зеланд?!
Префрлање на дискурсот за патриотизмот
Кристализирајќи ја историската рамка, ослободувајќи ја од фиктивното и нерелевантното се ставивме во состојба да резонираме за нашите државни и национални интереси и таа рамка да ја исполниме со европска содржина, која допрва ќе треба да се материјализира во форма на свест за владеење на правото, радикална департизација, слобода на медиуми, и сите останати суштински европски вредности.
Националното и идентитетското на Балканот секогаш чекореле пред реалното. Сега кога навистина сме ослободени од идентитетската хегемонија на ВМРО-ДПМНЕ, кога полека го отфрламе конзервативниот и исклучителен патриотизам/популизам на опозицијата, новиот наратив треба да се зацементира на домашно поле.
Сега дискурсот за патриотизмот треба да се префли од идентитетското на историско материјалното. Овој нов или алтернативен национален идентитет, треба да се претвори во борба за радикална демократизација и департизација, радикални инвестиции и раст на економијата, радикално подобрување на човековите права, радикално подобрување на нашата инфраструктура, во изградба на подобри болници, подобри училишта, подобра едукација, можности за помладите да го искажат својот талент и да си обезбедат сигурна и економски просперитетна иднина.
Македонија не е Груевски, не е Мицкоски, но не е ни само Заев, не е само партијата која стои зад него. Македонија треба да бидеме сите ние кои се бориме против секаков вид на дискриминација, кои се бориме таа да биде подобра земја, поуспешна држава, ние кои сме активни во одбрана на нашата животна средина и природа, во солидарност со тие што од животот добиле помалку, во одбрана на нашите права во својство на работници, како жени, како студенти и млади.
Не смееме повеќе да дозволиме на десницата да си го присвојува терминот Македонија, затоа што сите ние се идентификуваме со Македонија.
Време е за промена на праксата
Но, ако нешто треба да е конкретно, сакаме таа идентификација да биде втемелена во реални промени и вистински напредок. Тоа е сега големата задача на оваа власт. Ако разочара на ова поле, тогаш и нејзиниот наратив ќе капитулира, и една здрава замисла, повторно ќе се урне пред деструктивноста и национализмот на ВМРО-ДПМНЕ, но и домашната себичност на владејачката партија.
Патот кон Европа допрва ќе биде фрустрирачки долг. Најмалку уште една деценија, ако не и повеќе. Ќе мораме да се судриме и со многу оправдани сомнежи кај напредните европски демократии. Веќе докажавме дека не сакаме и не сме копија на ретроградите политики на Унгарија или Полска, дека со нас и Европа добива една нова лимфа, без оглед колку нашиот проблем бил комплициран или специфичен. Пред важните европски избори во мај месец, малата Македонија помогна во осветлување на европскиот пат, докажа дека европските институции функционираат, дека европските вредности не живеат само на хартија.
Меѓутоа, да не се залажуваме со градење на една нова стабилократија на која европските бирократи ќе апладуираат само затоа што решила еден регионален проблем. Парадигмата дома е променета другари, следува време за промена на праксата. Нашата новозамислена заедница нема никој да ја оправи однадвор, таа борба мораме да ја спроведеме ние одвнатре.
И запамтете, ВМРО е во главите, не во личностите, во главите на луѓето кои се расипуваат и не остануваат доследни на своите верувања или ветувања. Заев вети позитивна промена во главите, време е да видиме дека главите на власт се смениле на подобро. Во спротивно, оние на кочничарите политички нека летаат.