Демократија на извлекување
15 март 2019Нека ми простат читателите за општоста на дискурсот, што повеќе ќе ставам акцент на интуитивното, а помалку на дискурзивното. Сепак, се поретко погледот го фрламе кон далечината, а се почесто сме заглавени во кратките форми наметнати од социјалните мрежи.
Конкретното треба да дојде и низ јазикот на комплексното, кој денес изостанува. Денес како никој да нема време за комплексноста, не ја поднесува: а што ќе ни е кога можеме да добиеме лесни одговори од едната или друга партија, да ја утврдиме вистината набрзина на веб, и што ќе се замараме со анализи, мислења и критики?!
Владее некое мислење дека помалото зло е нужно зло, дека лошите политички компромиси се единствениот начин, дека праксите од минатото се цена која мора се плати. Сега, некои полека сфаќаат дека погрешиле, дека доделиле атрибути и квалитети на своите избраници кои тие ги немаат, и разбираат дека гласале против своите културни претпоставки и идеали.
Знаете, потребата од замена во еден момент - да не трошиме зборови како промена; како да не врати во времето и во сфаќањата. Не си го забележуваме примитивниот и макроскопски дефект на помирување со наметнатото, заблудени дека политиката само по себе може да биде нова. Таа маана произлегува од хиперполитизираниот менталитет кој заборава дека политиката останува политика, партијата – партија, луѓето се истите луѓе, кадрите се вртат во круг, проблемите се истите проблеми од вчера. Со ретки исклучоци кога станува збор за националниот интерес - реалноста е таа.
Чудна е таа наша наива, или преголема доверба во политиката што ја гаиме, дека секој пат новата опција по автоматизам е подобра, дека еден директориум на волјата и декларативната реформа, ќе ги смени децениските и историските маани и слабости на македонскиот карактер и заедница, особено имајќи ја во предвид граѓанската неписменост.
Нашата непростива маана е наивата, која не прави мрзливи и апатични, и која не е спротивна на цинизмот, туку е синоним на претенциозноста.
„Нова политика – ново конвертитство?!“
Ќе се обидам малку да бидам поконкретен низ призмата и анализата на „новата политика“, или отворената политичка понуда кон секој оној што го прифаќа концептот – „Едно општество за сите“, и како таа флоскула прераснува во еден вид на членска карта или морална индулгенција, за да се биде дел од новата политичка, владејачка, експертска, или тендерска елита.
Имаме нови господари кои да, на помек, но ништо помалку авторитативен начин, одлучуваат што е партиски опортуно, а што не е. Тоа се некои нови неполитички и неодговорни критериуми, каде повторно доминира произволноста и самореференцијата, наспроти институционалната, правната или здраворазумската поставеност и посветеност.
Оттука испаѓа дека по тие критериуми, повторно се руши дистинкцијата помеѓу левицата и десницата, популизмот и интегративните политики, патриотизмот и национализмот, се избегнува потрагата по алтернативни решенија на одреден проблем, се занемарува критиката, важна испаѓа, „компететноста на личноста“, дали некој е добар или не, дали е во состојба да ја интерпретира наводно „генералната волја“. Но, генералната волја не постои во реалноста, постојат посебни интереси, постојат засебни и различни визии, кои треба да се формулираат и потоа да ја измерат својата валидност низ јавна дебата и дијалог, па за конечно да се афирмираат преку фер и демократски избори.
Актуелното поведение произведува само едно ново конвертитство, кое колку и да можеме низ политичката прагма да го разбереме, не смееме некритички да го прифатиме. Ќе признаеме дека во отсуство на реформирана опозиција, или опозиција за која се уште не чувствуваме дека платила за своите гревови, дуализмот конзервација/иновација, мора малку насилно да се наметне. Но, останува проблемот дека така вистинско помирување не се гради, ниту се поставуваат основи, за кога утре ќе се смени власта, да се ослободиме од власт и партија која се стреми се да прибере и врз се да доминира. Да биде апсолутен политички и општествен хегемон.
„Политика на морализирање без етика“
Направивме поделба во политиката и општеството која е морална, без етиката да заживее. Не можеме бескрајно да се делиме на добрите и лошите дечки. Тоа не ја прави таквата реалност помалку објективна, но секако дека го анулира изборот. Нема смисла да и се каже на опозицијата дека ќе добијат право на именување на јавен обвинител кога ќе станат „достоинствена и конструктивна“ опозиција, а во исто време со нив да се преговара за СЈО или со нив да се носи Закон за партии. Какво е тоа селективно помирување и селективно одредување за кои закони, мнозинства и решенија, опозицијата е добредојдена, а за кои не?!
Ако власта претендира од опозицијата различни ставови, тогаш мора да ја конфронтира со аргументи и различна визија на поширока палета на теми, не само каде што и одговара и на теми на кои се чувствува силна. Уште помалку пак да позајмува решенија и пракси од тие на кои им дели морални лекции. Така ќе го избегне епитетот „сите се исти“, низ таа дијалектика, бирајќи го најдобриот интерес за државата, не само наметнувајќи го или избегнувајќи го по потреба.
Така бевме сведоци на една серија на прагматична селективност која води кон конфузија. Пример, ДУИ се добрите дечки затоа што дозволија формирање на новото владејачко мнозинство, отклонетите осуммина од ВМРО-ДПМНЕ станаа добри затоа што помогнаа во обезбедувањето на двотретинско мнозинство за промената на името. Е сега што ДУИ продолжува со своето криминално поведение, што СДСМ се надоврзува нерешавајќи ги системските маани на режимот, или што дел од осуммината се амнестирани од злодела кон државата, не е повеќе прашање на политичка или идеолошка дистинкција, туку морален суд кој ги ослободува од грешките и поведението.
Демократијата се базира на соочување и на судир помеѓу алтернативни политички визии. Тоа не може да важи или да се вреднува само според запазување на широките национални интереси, тоа не е доволно, мора да се инглобира и зацврсне, да се фиксира и во домашните политички пракси и реформски процеси. На основа на таква целовитост или на една ригорозна демократска процедура, можеме да одредиме дали одредена визија или одлука, во даден момент, е превалентна и исправна. И тоа мора да произлезе низ широк политички, општествен и критички дискурс, каде невладините нема еден ден да бидат потребни, а друг ден неконсултирани, каде критиката ќе се маргинализира, стигматизира или просто дисквалификува. Процесот на соочување сам по себе создава поделби, и тоа е добро, нема потреба дополнително да се антагонизира различното мислење, конструктивниот дијалог со критиката сам по себе ќе произведе подобри решенија.
„Наместо изборна демократија – демократура на извлекување“
Но, кај нас селективноста - наместо да се замени со долгорочен демократски и институционализиран процес, процес детерминиран низ можноста за реален и информиран избор и изборност на граѓанските претставници, раководните кадри, советниците - создава една демократура на извлекување.
Таквата „cherry picking“ политика произведува лажни партиципативни решенија, лоши коалиции, лажни политички и идеолошки определби, лоши кадровски решенија, лажни реформски политики. Како лакрдијата со натпартиските кандидати, и разно-разните конкурси за позиции, кога ниту кандидатите се навистина непартиски, ниту непотизмот, клиентелизмот и партизацијата реално се искоренуваат. Партијата и натаму е апсолутот во општеството, која злоупотребувајќи некакви си некреативни институти на граѓанска партиципација, само имитира дека ги слуша, користи или валоризира, општествените, експертските и граѓанските ставови во градењето на реформските политики.
Во многу мали случаи, партиципативната моќ на споменатите актери, имаат некаква си демократска препознаеност, како пример во носењето на Законот за дискриминација и Законот за прекинување на бременоста (за кои сепак невладините мораа да се натегаат и протестираат) или подобрен шелтер за кучиња. Но, различниот став во огромен број на важни прашања се игнорира, односно се игнорира демократскиот квалитет на одлуките, нивната афирмација и зацврснување, запоставувајќи ги пример невладините во донесувањето на новиот закон за СЈО, потпирајќи се повторно само на селективност. Се заборава дека невладините, граѓаните и воопшто критичката мисла, се носители на едно знаење и информации кои општествено се распослани и препознаени како валидни, и за кои ниту еден политички одлучувач, чинител или технократ може да си мисли дека ги поседува, знае, или камоли да фантазира дека може да ги контролира.
Значи, нам не ни се потребни сурогати на претставничката демократија, ниту замена на демократијата со конкурси, нам ни е потребно носителите на различните погледи, визии, политики, да бидат ставени во состојба независно, но политички определено да опстојуваат. Партискиот кандидат да биде партиски и да биде експресија на политичката визија на таа партија, пратеникот да не биде сведен на гласачка машина, туку да биде уште еден носител на партиската визија и вредности, кој ќе има слобода на личен здив и став, и ќе биде додадена вредност за партијата, политиката, граѓанскиот интерес или општествениот дијалог. Невладините да не бидат испостави на партиите, или пак занемарени и финансиски сведени на гола коска. Граѓанинот да не се третира и да не претендира да биде третиран како партиски апаратчик и клиент.
Тоа е должност на една политика која сака демократски да се развива и да инглобира некаква си реформска агенда, а не само селективно да делува.
Затоа што внимавајте, убивајќи ја критиката или различноста, се убивате самите себе си како реформска политичка опција. И премногу паметни луѓе денес се со став дека немаат намера да гласаат, заморени се и разочарани. Се ова што го зборуваме, цел овој дискурзивен конструкт до кој дојдовме, целата проблематизација на политичката понуда и опции, служат за утре да и дадат смисла на политичката опција која можеме да ја избереме. Ако вие ги убиете разликите во политичкиот наратив и пракса, се обидете да го помирите со сила непормирливото, да ги качите на вашиот караван сите оние кои политички ви одговараат во даден момент, зошто воопшто да го бираме Заев наместо Мицкоски, Пендаровски наместо Силјановска? Размислете, ако суштинските разлики пропаднат, а опстојат само декларативните, зошто воопшто да гласаме?!
Нели би било подобро да фрламе паричка?
Вие во суштината се коцкате, кога наместо изборна и преставничка демократија, градите селективна демократура на извлекување. Тогаш запрете ја оваа шарада, нека и изборите се одлучат на просто излекување.