1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Северен тек 2- срамот на Меркел

23 јули 2021

Германија и САД постигнаа компромис околу гасоводот Северен тек 2, но Ангела Меркел предизвика големи штети и ја прокоцка довербата и од Запад и од Украина, смета Франк Хофман.

https://p.dw.com/p/3xuDU
Deutschland Rügen Gas-Pipeline Nord Stream 2
Фотографија: Bernd Wüstneck/dpa/picture alliance

Значи сепак постои–облогот на режимот на Путин против германската и европската климатска политика. Кој ќе го добие, зависи и од потрошувачите и идната германска влада: ќе подлегнат ли на слаткиот отров на евтиниот гас од Русија или Германија ќе му го спротистави експандирачкиот раст на регенеративни енергии на гасот штетен по климата?

И настанатите надворешнополитички штети можат да се поправат единствено со јасна линија. Овој германско-руски гасовод на Московската машина за правење пари, Газпром, предизвика расцеп во Европа и во Западот. Германската канцеларка, со својата долгогодишна аргументација – дека станува збор за чисто економски проект,  сноси одговарност за надворешнополитички штети: гасоводот се гради против волјата на Европскиот парламент, наспроти инсистирањата на најблиските пријатели – Франција, скандинавските земји, Балтичките држави и пред сѐ Полска. И крајно, против волјата на Конгресот на САД. 

Frank Hofmann DW Korrespondent und Büroleiter in Kiew Ukraine Osteuropa
Франк Хофман, автор на коментаротФотографија: DW

Оваа политика на Берлинската Република во меѓувреме се збогуваше со две константи во германската надворешна политика, сеедно дали водени од надворешнополитички соколи како Вили Брант или гулаби како Хелмут Кол, Германија постојано стои на страната на своите најблиски пријатели и партнери и од таа позиција ги застапува своите интереси. Така беше дури и тогаш кога Велика Британија и Франција имаа сомнежи дали германското обединување е добра идеја. Дури откако беше убеден Париз, стигна Договорот два плус четири.

Лутањата на Ангела Меркел

Дејствувањето на Ангела Меркел во однос на овој руски гасовод наспроти тоа може да се оцени само како очајничко лутање за на некој начин да се излезе од нерешливата дилема. Путин и неговите следбеници пак во гасоводот гледаат геополитички проект за уценување на Украина.

-повеќе: 

Северен тек 2: САД и Германија ги закопаа секирите

Дали Газпром ѝ покажува мускули на Европа?

Кому всушност му е потребен „Северен тек 2“?

Германија и канцеларката во заминување можат да бидат среќни што по мрачните години со Трамп во Вашингтон стигнаа надворешнополитички професионалци кои покажаа излез од таа беда. Дури и против волјата на мнозинството во Конгресот, без оглед на партиската припадност. Во прилог на Меркел е нејзиниот голем углед кој го ужива во високите политички кругови во американската престолнина. Исто како и тоа дека во Процесот од Минск спаси човечки животи вдолж боиштата во Источна Украина и со тоа во Киев задржа барем остаток од некаква доверба. Но ништо повеќе од тоа.

Отворање, но и затворање

Во иднина, Германија мора да го исполни ветеното и да се врати кон солидна и надворешна политика која буди доверба. Дозвола за користење на гасоводот Северен тек 2 смее да се даде само врз основа на недвосмислен договор кој ќе гарантира дека Русија нема да ѝ ја затвори славината за пари на Украина како земја низ која обично транзитира рускиот гас и по 2024 година, кога завршува руско-украинскиот договор.

Берлин пред сѐ мора да се збогува од геополитичката наивнст од минатите години и заедно со своите пријатели во Париз да ги застапува заедничките интереси на Европа. Тоа сега значи и следното: славината за гас во источна Германија да се користи за она што е фактички. Зашто, гасоводот не е само техничка направа во рамките на целосно економски проект, туку и инструмент за моќ во геополитиката. А тој се движи во две насоки: може да биде отворен, но и затворен. 

Тука ништо не се промени уште од првите испораки на цевки на западногерманската фабрика Манесман во Москва во седумдесеттите години. Тие беа инструмент на активната политика на приближување на Вили Брант, камче во мозаикот на промените кои на крајот на источните Германци им дадоа можност на улица да се ослобоат од комунистичкото владеење. 

А тоа што токму Ангела Меркел не го согледа тоа од самиот почеток, е посебно вознемирувачки.