Се вакцинираше Бајден, а што е со Трамп?
22 декември 2020Џо Бајден го засука левиот ракав и и рече на медицинската сестра која го држеше шприцот: „Подготвен сум“. По боцнувањето, политичарот апелираше до сите Американци да се вакцинираат веднаш штом ќе им биде достапна вакцина. 78-годишниот политичар повика на доверба во вакцината од страна на неговите сонародници и рече дека „нема причина за загриженост“.
Бајден рече дека ќе помине некое време пред да биде запрена пандемијата. Дотогаш, луѓето треба да продолжат да ги слушаат советите на експертите и да носат маски, да ја оддржуваат потребната безбедна дистанца и да не одат на непотребни патувања за време на празниците, предупреди Бајден. „Ако не мора да патувате, не патувајте“, рече тој.
Идната прва дама на САД, Џил Бајден, исто така беше вакцинирана во Њуарк, Делавер. На Бајденови им беше дадена првата од двете инјекции на вакцината на Бионтек и Фајзер, неопходни за заштитен ефект.
Повеќе:
-Џо Бајден јавно ќе се вакцинира против коронавирус
-Вакцината на Бионтек и Фајзер доби дозвола во САД
Во минатата недела јавно пред камери се вакцинираше и актуелниот потпретседател на САД Мајк Пенс. Во петокот пак тоа го сторија и претседателката на Претставничкиот дом на САД, демократката Ненси Пелоси и лидерот на републиканското мнозинство во американскиот Сенат, Мич Меконел.
Ќе се вакцинира ли Трамп?
Демократот Бајден ќе положи заклетва за нов претседател на 20 јануари. Сè уште не е јасно дали актуелниот претседател, републиканецот Доналд Трамп, исто така, планира јавна вакцинација. Неговиот портпарол рече дека е „апсолутно отворен“ за тоа. Сè уште, меѓутоа, нема конкретни планови. Трамп се разболе од белодробното заболување Ковид-19 на почетокот на октомври и затоа мораше да се лекува во болница.
САД се тешко погодени од пандемијата. Досега, околу 318,000 луѓе починаа од последиците на вирусот.
Вакцината на Бионтек и Фајзер се користи во САД веќе една недела врз основа на итно дозвола. Според бројките на економската веб-страница Блумберг засновани на информации од агенцијата за заштита на болести ЦДЦ, околу 600.000 луѓе веќе ја примиле првата доза на вакцината.